ТУРЦИТЕ ЈА ГРАБНАЛЕ КАЛЕШ АНЃА ОД СТАРОТО СЕЛО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Според преданието кое го раскажуваат жителите на селото Чаниште, во „старо време“ нивното село се наоѓало на ридот од јужната страна на денешната населба на околу 0,5 км од неа. На тој простор денес егзистира само црквата „Св. Петка“, а местото каде што биле лоцирани градбите на старата населба е познато како „Старо Село“. Овој локалитет археолозите го датираат во средниот век.1 На просторот на локалитетот денес се наоѓаат значителни количества фрагменти од керамички садови, питоси, покривна керамика и сл., што на свој начин ги потврдуваат настаните искажани со преданието. Со некои камени блокови и остатоци од постара градба, може да се констатира дека и црквата „Св. Петка“ е изградена на темели од постара црква, која веројатно им служела на жителите од населбата на „Старо Село“.

За старата населба на локалитетот „Старо Село“ е врзано уште едно предание кое во себе носи многу поголема драматика и уметнички е преработено во романот „Калеш Анѓа“ од Стале Попов.

Според преданието „некогаш во турско време, на празникот Петковден, кој се славел во селото Чаниште (се слави и денес, з.м.), на гости со својот дедо дошла и убавата девојка, односно, невеста Калеш Анѓа од селото Старавина. Тој ден во селото дојавале турски бегови зулумџии од Прилеп, на сила ја грабнале убавата мариовка Калеш Анѓа и ја однесле во турските хареми. Настанот се случил токму во времето кога селото се наоѓало на локалитетот „Старо Село“ и Калеш Анѓа била грабната од орото во близина на црквата „Св. Петка“.

Според друго предание, селото од овој локалитет било преместено поради сушите и слабото присуство на вода во тој простор, што е евидентен факт. Керамиката која се наоѓа на површината на локалитетот, потекнува од средниот век, но има фрагменти и од доцната антика. Таа е присутна на површина од неколку хектари.

Денешниот манастир „Св. Петка“
Денешниот манастир „Св. Петка“

[1] Археолошка карта…, (Б.К., Л.К., К.К.)