ЛОКАЛИТЕТОТ „ЦРНА ТУМБА“, ВО АТАРОТ НА СЕЛОТО МАНАСТИР, ПРИЛЕПСКО СО БОГАТСТВО ОД КУЛТУРА ОД ЕНЕОЛИТОТ, БРОНЗЕНОТО ВРЕМЕ И АНТИКАТА

Можеби географската местоположба, надополнета со природни погодности и изобилства, е главна причина за населување на западните и северните делови од атарот на селото Манастир, Прилепско, уште во праисториските периоди. Трагите од населби од праисторијата на овој простор се навистина во исклучителен број, иако просторот за кој станува збор е релативно мал. Во атарот на ова село има бројни локалитети со праисториски траги на присуство на човекот, како на десниот,  така и на левиот брег на Црна Река. Археолошкото и културното богатство на овој дел од Мариово е исклучително присутно но, речиси, сосема неистражено и непознато. Особено фасцинираат остатоците од праисторијата, кои се среќаваат на многу локалитети и зрачат со мистика изразена преку бројни интересни народни преданија, како за Црна Река, така и за самите локалитети, кои кријат разновидна култура.

„Црна Тумба“ со „Големиот (Долгиот) Рид“

Населбите биле лоцирани на внимателно избрани места, со исклучителен природен амбиент, со ретка живописност и природни ексклузивитети, кои ретко можат да се сретнат на друго место – вистински споменици на природата. Се чини дека древните луѓе биле мајстори во изнаоѓањето соодветен спој со природата, приспособувјќи се кон неа, но и користејќи ги благодетите кои таа им ги дала. Тоа вклопување во геолошкиот, морфолошкиот, биолошкиот и севкупниот природен амбиент произлегува од елементарноста, но и од сосема искрениот однос кон самата природа и градењето еден духовен комплекс базиран на исконското доживување на природните феномени и нивното култно третирање.

Локалитетот „Црна Тумба“ од јјугозапад
Локалитетот „Црна Тумба“ од јјугозапад

На левиот брег на древната река Еригон (Црна Река) со која се поврзани преданија со исконски корени, се наоѓаат неколку локалитети со остатоци од праисториско живеење. Поблиску до реката е локалитетот „Црна Тумба“, кој се наоѓа на границата меѓу атарите на селата Дуње и Манастир. Овој локалитет претставува рид со извишена конусна форма со зарамнето плато на неговиот врв. Трагите од некогашното населување се среќаваат уште во околниот простор, но и на самата тумба на рамнината на која има и карпест дел, кој исто така бил искористен во населбениот простор.

Мала кружна јама со мазни ѕидови и фрагменти од керамички садови
Мала кружна јама со мазни ѕидови и фрагменти од керамички садови

Ако се приоѓа од југозападната страна во долината која се спушта косо надолу, тргнувајќи од превојот меѓу „Црна Тумба“ и соседниот рид наречен „Големиот (Долгиот) Рид“, се наидува на една камена стела, релативно добро обработена со димензии 1,2 м на 0,6 м, дебела околу 0,15 м, а на едната страна има стеснет дел кој би требало да биде врат на антропоморфна стела на која делот со главата и е откршен. Овде треба да се напомне дека слични антропоморфни стели се среќаваат на повеќе места во Мариово, а во поблиската околина на „Црна Тумба“, слични споменици има кај селата Чаниште, Крушевица, Вепрчани и на други места. На некои од нив се среќаваат и натписи, додека на стелата од „Црна Тумба“ натписот изостанува. Погоре од стелата има помала тумба на која има правоаголно и кружно редени поголеми камени блокови со делумна обработка, а над неа се издига големата „Црна Тумба“ со главниот дел од праисториските археолошки остатоци, но и со остатоци од антиката, најверојатно раната антика (IV–III век п.н.е.), а особено доцната антика. На рамното плато на тумбата, како и околу неа, се наоѓаат фрагменти од керамички садови со обележја кои упатуваат на праисторијата и тоа некои упатуваат на доцното камено време, како и енеолитот и бронзеното време.1 Праисториските фрагменти од керамика се посебно присутни меѓу карпите кои се наоѓаат на североисточната страна на рамниот дел од тумбата. Не е исклучено дека некои од просторите кои ги заградуваат карпите биле користени за живеалишта и слична намена со извесни доградби и оформување заштитен простор за живеење. Античката керамика е повеќе застапена на западната страна, посебно по стрмните делови на тумбата.

„Големиот (Долгиот) Рид“
„Големиот (Долгиот) Рид“

Фактот што на истите површини се среќаваат и фрагменти од античка керамика2 упатува на тоа дека оваа тумба била повеќекратно користена од жителите на областа Мариово. Во прилог на тоа оди и остатокот од стар ѕид без малтер, кој може да се види на јужниот и југозападниот дел на работ од засечениот врв на „Црна Тумба“. Ѕидот е со дебелина од околу 1,5 m и е граден од домороден камен делумно обработен во блокови со различна големина. Меѓу нив можат да се најдат и блокови од камен, кои не само што се обработени со мазни површини, туку на нив се среќаваат и дополнителни изработки со длабење. Таков е еден блок од гранит со ширина од 0,5 m и висина 0,3 m и дебелина 0,2 m. Овој камен блок на едната страна е со полукружно оформени агли, а предната страна има задлабен канал во форма на инка кој завршува со полукружно задлабување. На другата страна аглите се груби и може да се констатира дека ова парче камен е само дел од поголем добро обработен елемент, кој служел за одредена намена.3 Без стручни истражувања и анализа на пронајден материјал од тумбата, тешко е да се каже во кој период точно егзистирала населба на овој локалитет и во кој од тие периоди е изградена малата тврдина, чии остатоци ги наоѓаме денес. Сепак, може да се констатира дека населувањата на овој простор се протегаат од неолитот (новото камено време), посебно енеолитот (3500 – 2500 г.п.н.е.), преку бронзениот период, па се до антиката, а според извесни обележја кои се остатоци од присуството на човекот послободно може да се каже дека овој простор бил експлоатиран и во поновите периоди од развојот на човештвото.

Локалитетот „Црна Тумба“ од јјугозапад 2
Локалитетот „Црна Тумба“ од јјугозапад 2

Од западната страна на тумбата на веќе споменатата помала тумба со правоаголно и кружно наредени камења, веројатно се наоѓала некропола, што го доградува концептот на шивотот и смртта, односно населбен простор и простор за покојните. Од северозападната страна на „Црна Тумба“ по еден мал превој на кој, исто така, се застапени керамичките наоди, се протега уште еден рид веќе споменат како „Големиот (Долгиот) Рид“, а кој според жителите на селата Дуње и Манастир спаѓа во атарот на селото Дуње, повторно се среќаваме со археолошки остатоци од извесен период времиња. На долгото плато на овој рид, се среќаваат остатоци од градби од камен, како и поретки фрагменти од керамика. Близината на археолошките локалитети со населби, некрополи, култни објекти и сл., во областа на Мариово е навистина впечатлива и укажува на исклучително богатство од археолошки локалитети и културно наследство. Во прилог на тоа оди и фактот дека на неполн километар југозападно од „Црна Тумба“, повторно се среќаваме со фасцинантна тумба од вулкански карпи, наречена „Трештена Стена“, околу која и на која егзистирала уште една праисториска населба за која археолозите имаат изнесено и стручно мислење, бидејќи се реализирани сондажни и ситематски ископувања при што се пронајдени значајни наоди.4 Интересно е што и на овој локалитет се среќава култура, која може да се датира со дел од оастатоците на култура на „Црна Тумба“. уште поблиску, од јужната страна, се наоѓа и локалитетот „Доќимот“ или „Црковната нива“, од кој потекнува, уништениот култен камен, за кој во овој портал пишувавме порано.5

Дополнета со мистичните раскажувања и преданија поврзани со овие локалитети, како и нивното блиско опкружување, културата која ја содржи овој мал дел од Мариово посебно возбудува и поттикнува на размислување.

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ„ЦРНА ТУМБА“

[1] Александар Миткоски, Извештај од рекогносцирање на археолошки локалитети во Мариово, Завод и Музеј–Прилеп 2001.

2 Исто.

3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп 2002, 81 – 104.

4 Александар Миткоски, Извештај од сондажните истражувања на локалитетот „Трештена Стена“, Завод и Музеј–Прилеп 2001 година. А. Миткоски, Мариово во праисторијата, МАА, бр. 19, 54 – 57.

5 http://www.pelagon.mk/2018/05/09/