АрхеологијаКултот на каменот

„СВЕТЕЦОТ“ – КУЛТЕН ОБЈЕКТ ВО КАРПИ СО ТРАДИЦИЈА ОД ПРАИСТОРИЈАТА ДО ДЕНЕС КАЈ МАНАСТИРОТ „СВ. АРХАНГЕЛ МИХАИЛ“ ВО БЛИЗИНА НА ВАРОШ, КАЈ ПРИЛЕП

Кога би знаеле да ги читаме и толкуваме безбројните пораки од различен вид оставени од нашите предци веројатно ќе имаме и појасен поглед кон нашата иднина. Нив ги има на секој чекор на македонскиот простор на кој се кријат безброј стари населби придружени со комплексни содржини на општествениот и културниот живот на луѓето од минатите времиња. Локалитетот Маркови Кули кај Прилеп е преполн со содржини со мистично зрачење, но и со јасни податоци за минато постоење на цивилизација. Тие во себе кријат бројни мистерии за начинот на живеење, формите на општествените заедници, за религијата, митологијата и култовите на некогашните луѓе на овој простор кој по силата на природата морале да ни го отстапат нам, на денешните потомци на општото човеково движење низ времето кое, се чини, е апсолутен господар на универзумот со својата моќ за минливост.

КУЛТНА СИМБОЛИКА СО КРУЖНИ И АНТРОПОМОРФНИ ФОРМИ ОД МАЛИ КРУЖНИ ЈАМИ

          На еден комплекс од хоризонтални и вертикални карпи педе­се­тина метри источно од манастирот Св. Архангел Михаил, од двете страни на поплочената патека која води во манастирот, во комплекс од група карпи со разновидни форми, се среќаваат мно­гу­бројни делкани и длабени форми по гранитните површини. Некои од нив претставуваат вистинска мистерија. Такви се, пред се, малите кружни длабнатинки со кои се правени специфични форми распоредени по хоризонталните површини меѓу две високи карпи од јушната страна на патеката кон манастирот. Тука се среќаваат три поголеми карпи, кои стојат на карпеста подлога со голема камена површина, која е преполна со разновидни длабени форми, како за конструктивна намена, така и своевидна симболика, која упатува на времето во кое овие природни камени форми биле дел од извесно културно живеење, пред сѐ за култна намена. На хоризонталните карпести површини, особено внимание привлекуваат две форми направени со кружни длабнатинки од кои едната претставува круг формиран од осум или девет кружни јамички и една во неговиот центар. Преч­ни­кот на кругот е околу 20-тина cm. Другата форма од слични длабна­тинки е формирана на дното од еден елипсовидно издлабен сад. Таа зафаќа по малку елип­совидна форма, но со подобра нализа може да се забележи дека има и антропоморфна форма, која е податна за извесна анализа и толкување.

Централните карпи од „Светецот“
Централните карпи од „Светецот“

          Во околината на двете слики се наоѓаат и други кружни длабнатинки со слични или поголеми димензии. Додека некои од кружните длабнатини би можеле да се протолкуваат како остатоци од древно живеалиште или сличен објект, можеби од култна природа, наведените форми круг и елипса е многу потешко да се протол­ку­ваат како основа за слична конструкција. Тие повеќе потсетуваат на некакви мистериозни пораки или знаци оставени од корисниците на овој простор во некое древно време. Овде можеме со сигурност да потврдиме дека слични или идентични форми на овие од „Светецот“ кај Варош се среќаваат и на други места. Еден круг од мали кружни јами со, речиси, идентична форма и димензија се наоѓа и на само неколку стотици метри подалеку од „Светецот“, на средна височина на Маркови Кули, во рамките на еден комплекс од грамадни карпи, познати како „Порта“,1 во близина на делот познат како „Рамниште“ на кој се констатирани наоди од временски слични на оние од „Светецот“. Што се однесува за втората форма од мали кружни јами, која зафаќа антропоморфна димензија, од нашите лични истражувања и искуства, можеме да потврдиме дека има неколку пандани со слични димензии и форми на повеќе места во областите Пелагонија и Мариово.2 За формата во елипсовидниот сад од „Светецот“ можеме да кажеме дека има изненадувачко совпаѓање со клучни делови од анатомијата на човечкото тело. Овде ќе го споменеме само фактот дека најпрво се забележува една челна кружна јама на местото од главата, потоа, во хоризонтална линија три кружни јами на местото на рамениците и на градите (срцето?), а во продолжение следат уште по три кружни јамички од двете страни – колковите, колената и стапалата, како и две во средниот дел – папокот(стомакот) и гениталниот дел. Фактот што оваа форма се наоѓа во елипсовидно (јајцевидно) издлабена јама со димензии, приближно, 0,30Х0,20 m  можеби упатува на утроба, односно, плодоносен простор или простор на созревање на плодот.    Сепак, ова е само еден скромен обид за анализа и толкување на овој симбол.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

          Ваквите наоди, кои ни дават можност за компаративни анализи не доближува до фактот дека не се работи за никаква случајност, туку за артикулирани форми, кои се практикувале за извесна културна намена во подлабоката историја. Дали претставуваат некакви астрални знаци кои им ко­ристеле за ориентација, некакви семантички симболи или симболи од култна природа, тешко е да се каже. Во секој слу­чај тие биле само дел од покомплек­сните содржини што ги крие самиот комплекс од гранитни монолити зашто тие, освен со археолошките истра­жувања, се констатираат и со обично набљудување на гранитните површини.

Издлабен елипсовиден сад со антропоморфна форма на дното
Издлабен елипсовиден сад со антропоморфна форма на дното

ТРАГИ ОД ГОЛЕМ БРОЈ ОБЈЕКТИ НА „СВЕТЕЦОТ“ И ВО НЕПОСРЕДНАТА ОКОЛИНА

          На гранитните површини од локалитетот „Светецот“ и во неговата непосредна околина, денес, можат да се видат голем број помали и поголеми делкани форми, како што се правоаголни корита кои служеле како гробови, разни помали форми кои служеле како основа за столбови и греди, разни тераси со површина и од неколку метри квадратни, ниши со поголеми и помали димензии и сл. Некои од карпите во близина се, речиси, комплетно култивираним и биле дел од извесна активна намена за потребите на древните жители од овдешната населба. Сето тоа покажува дека овој простор заедно со карпите бил дел од некогашни конструкции на градби во кои се вклопувале и самите карпи. Од големиот број содржини присутни на просторот на карпестиот комплекс за кој овде станува збор, речиси, со сигурност може да се констатира дека тој има милениумски континуитет на користење. Најстарите податоци архео­лошки потврдени се однесуваат на бронзеното време кое траело од 2600 до 1200 година п.н.е.. Ваквата потврда доаѓа од ископувањето на една некро­пола од бронзената ера за која пишува археологот Б. Китаноски3. Таа била расположена меѓу карпите и во нивна близина. Истражени се шест гробови цисти (градени со камени плочи) во кои мртвите биле положувани во згрчена положба, а според формата и внатрешните прилози се датирани во раната бронзена ера (Во поново време, археологот Драги Митревски, пронајдените срхеолошки содршини од овој локалитет ги датира во преодниот период, односно на преодот од бронзеното во железното време).

Комплетно „култивирана“ карпа 2
Комплетно „култивирана“ карпа 2

УРНА СО ПОГРЕБНА СОДРЖИНА ОД ЖЕНСКИ ПОКОЈНИК

Слични погребувања, според археолозите, се познати уште во неолитот (новото камено време) во Југоисточна Европа. Можеби најинте­ресен наод кој е пронајден со истра­жувањето на некрополата е една урна со пепел длабоко меѓу карпите со длабените знаци, во една мала пештера (сл.9) во која се пронајдени и други наоди што може да значи дека била дел од живеа­лиште. Урната се смета за дел од пронајдената некропола, но претставува поинаков начин на погребување со спалување на телото на мртвиот. Таа е земјен сад изработен од погруба земја и е рачно поставена во малата пештера и прицврстена со камења. Таа, според археологот Б. Китаноски, датира во периодот од средината до крајот на бронзеното време4. Самото пронаоѓање на урната со кремирани останки на покојник во малата пештера во комплексот од гранитни карпи има асоцијација на користењето на овој простор за култна намена која, се чини, продолжила и во следните векови. Потврда на ваквите тврдења може да се најде и денес по остатоците од христијанскиот живопис кој се среќава на вертикалните површини на карпите. Една слика од христијанството која датира некаде во XIV век на нашата ера потврдува дека култната традиција на овој простор продолжила и во средниот век, а слични остатоци од фреско­живопис се среќаваат и на други карпи во близина на ваквото свети­лиш­те. Првоспоменатата слика го претставува св. Ѓорѓија во голе­ми­на од околу 1,5 х 1 m., денес значително избледена бидејќи е постојано изложена на атмосферски влијанија и на ударот на гранките на дрвјата, кои постојано се издигаат и ја допираат карпестата површина со живописот. За овој живопис на карпа, одо она што може да се забележи со обично набљудување, може да се каже дека е редок по својата големина (можеби најголем шивпис на карпа во поширокиот простор на Македонија), но анлизирајќи ги боите и зачуваните форми, се забележува и повисоко ниво на естетика, која не наведува на помисла дека е изработен од живописец со повисоки способности, кој веројатно работел и во некои од старите цркви во Варош.

ГРОБ НА ПОКОЈНИК – УЧЕНИК НА СВ. КЛИМЕНТ И СВ. НАУМ?

„Култибвирана“ карпа со тераса, гроб и други оформени делови
„Култибвирана“ карпа со тераса, гроб и други оформени делови

          Од западната стра­на на вертикалната карпа на која се наоѓа фрескоживопис на св. Ѓорѓија се наоѓа еден гроб издлабен во карпа со дополнителни длабени форми кои укажуваат на поголема конструкција која одела заедно со гробот. Археологот Б. Бабиќ претпоставува дека тоа е гроб на некој уче­ник на Климент и Наум кој овде дошол во христијанска мисија и престо­јувал во градбата вклопена меѓу карпите5. Неговите претпоставки продолжуваат со размислувањето дека токму на овој простор постоел извесен манастир кој се споменува на еден ерменски натпис пронајден на мермерна плоча во црквата Св. Димитрија на која има и постар натпис со потекло од антиката. Според Бабиќ, гробот на споме­натата карпа потсетува на сличните гробови на Климент и Наум во нивните цркви во Охрид. Културните остатоци на просторот на гранитниот комплекс под манастирот Св. Архангел се во преголем број што покажува дека не треба да има сомневања околу неговата милениумска традиција на користење од страна на голем број генерации на човекот на овој дел на Балканот. Во прилог на ваквата констатација е и фактот што на поширокиот простор на Маркови Кули се среќаваат бројни остатоци на древната култура што укажуваат на долгата традиција на користење на целиот простор на ритчето и неговата околина за населување и градење населби. Преку патот кој води кон манастирот и минува крај комплексот од гранитни карпи за кој овде станува збор се среќаваат исто така голем број на древни остатоци, пред се повторно делкани форми по карпите како скали, разни садови и сл. од кои посебно внимание привлекуваат големите резервоари длабени во кружна форма со потесни отвори, а со проширен внатрешен дел. Такви има повеќе на една камена тераса од стотина квадратни метри на чиј источен крај вниманието го привлекува една чудна форма на карпа која личи на печурка залепена до уште една карпа со слична висина. Заедно личат на две прегрнати фигури во вечна љубов (сл. 12). На горната страна на овие прегрнати “љубовници” има премин меѓу карпите кој гледа кон уште една карпа со впечатлива форма и патетично име Кукуделица. Наодите на гробови од бронзеното време на просторот на денешниот Варош и Маркови Кули не завршува со веќе споменатите од гранитниот комплекс под манстирот Св. Архангел Михаил. На просторот на Варош со подготов­ките на терен за градба на станбени објекти се откриени и други гробови од бронзената ера. На улицата “Нил Армстронг” се пронајдени неколку гробо­ви од преодниот период од бронзено во железно време. Имајќи предвид дека ваквите наоди се повеќе случајни отколку резултат на систематско архео­лошко истражување, не може да се добие пореална слика за населувањето на овој простор во бронзената ера. Ваквите наоди само покажуваат дека под површината на земјината кора на поширокиот простор на Варош и Маркови Кули се кријат тешко предвидлив број објекти и подвижни наоди од древното населување. Тоа значи дека Варош, па и Прилеп се лоцирани на прастари корени на цивилизација чиј своевиден континуитет се денес и самите. Од останатите слични наоди на просторот на Варош археологот Б. Китаноски пишува за едно депо од керамички садови6 пронајдено при подготовката на терен за градба, a co потекло од бронзеното време.

ВРЕЖАНА СИМБОЛИКА ОД „СВЕТЕЦОТ“

ПЕШТЕРЕТА СО УРНАТА И УШТЕ ЕДНА ПЕШТЕРА-ПРОЦЕП

ЖИВОПИС НА КАРПИТЕ ОД „СВЕТЕЦОТ“

ОД ЦЕНТРАЛНИОТ ПРОСТОР И ОКОЛИНАТА НА „СВЕТЕЦОТ

1 Тренчо Димитриоски, Камени богови, Ризница, Прилеп 2013, 117 – 120.

2 Исто, 127, 128 и 133.

3 Благоја Китаноски, Еден прилог за бронзеното време на Пелагонија, Macedonia Acta Arheologica, 1987, стр.31.

4 Исто.

5 Бошко Бабиќ, Материјалната култура на Македонските словени …, ИСК, Прилеп, 1986 г. стр. 221.

6 Благоја Китаноски, Праисториско керамичко депо во Варош, МАА, бр.6, стр.21.