МИСТИЧНА СИМБОЛИКА, МАЈСТОРСКИ ИЗРАБОТЕНИ ГРОБОВИ ВО КАРПА И ВИНАРНИЦИ ВО КАМЕН НА ЛОКАЛИТЕТИТЕ „БЕЛАТА ЗЕМЈА“ И „ЧАРДАК“ ВО БЛИЗИНА НА СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Од источната страна на селото Чаниште, кое се наоѓа на околу 35 km источно од Прилеп, на околу 100-200 m од последните куќи, на една од првите карпи на ридот, висока околу 0,50 м, која на горниот дел има рамна хоризонтална површина, се среќаваат поголем број кружно издлабени мали јами. Локалитетот е познат како „Белата Земја“.

Симболика со мали кружни јами - пирамидални и други форми 3
Симболика со мали кружни јами – пирамидални и други форми 3

Доколку се обидеме да направиме површна анлиза, со обид да се идентификува сликата која ја создаваат ваквите мали кружни јами, може да се забележи дека поголемиот дел од површината со такви задлабувања зафаќа пирамидална форма, а се забележуваат и помали слични форми, како и ромбоидни или аглести форми. Големата пирамидална форма е поставена со приближна насока исток – запад, со тоа што на исток се наоѓа врвот на пирамидата, кој го претставува една малку поголема кружно издлабена форма, а страните на пирамидата продолжуваат со, речиси, правилна коса линија, додека во основата се забележуваат благо полукружно распоредени мали јамички. Во централниот дел на пирамидалната површина, поблиску до врвот, се наоѓа кружна јама, која доминира со својата димензија над другите слични форми. Вкупниот број кружни јамички е околу триесет. Сите овие карактеристики упатуваат на тоа дека тие се очигледно правени од човек. Длабнатинките се со пречник од 5 до 10 sm, на површина од околу 0,5 m2 и тешко е да се објасни нивната намена, но факт е дека такви кружни задлабувања има на голем број места, како околу самото село Чаниште, така и на други места, претежно на археолошки локалитети или во нивна непосредна близина.

Симболика со мали кружни јами - пирамидални и други форми 4
Симболика со мали кружни јами – пирамидални и други форми 4

Во случајот за кој овде сатнува збор, се добива впечаток дека оваа симболика, преку неговата вкупна форма, како и преку помалите делови од него, изразува извесна хиерарсиска и структурална поставеност на своевиден систем од определена заедница, а веројатно е дека самата карпа со создадената слика имала извесна култна намена. Сепак, оваа симболика останува да возбудува со својата мистичност, сѐ додека не се направи посоодветно научно иистражување и научна анализа. Фактот што во поблиската околина има голем број содржини, кои упатуваат на јасно видливи остатоци разновидни човечки активности, културната слика на овој простор ја прави многу побогата и покомплексна.

Винарник и мала некропола во карпа во близина на локалитетот со симболиката
Винарник и мала некропола во карпа во близина на локалитетот со симболиката

Во продолжение на ридот кон исток, се среќаваат траги од керамика, а во погорниот дел има и мала некропола од неколку гроба издлабени во карпа, од кои два со беспрекорна обработка. Според формата на гробните јами, како и според ситните фрагменти од керамички садови, може да се констатира дека се работи за раноантичка култура. Двата споменати гроба се поставени еден до друг, разделени со сосема правилно оформен ѕид во карпестата површина и зафаќаат правоаголна форма. Правоаголни се и гробните јами, кои имаат должина од околу 1,80 m, ширина од 0,50 m и длабочина од 0,40 m. Во близина се среќава, најмалку уште еден гроб во карпа, а трагите од градежен камен, делумно или целосно обработен упатува и на други содржини, своевидна надградба на гробовите, ограда на малата некропола и сл. Крај двата гроба, поставени еден до друг, се забележува дека имало и добро оформен ѕид, кој бил дел од комплетната гробна конструкција како и од нивниот покрив. Речиси, е сигурно дека овие два гроба биле под заедничка конструкција ѕидана со камен и дека биле почивалишта на некои древни жители на овој простор, кои биле во блиска роднинска врска. За жал, дивото раскопување и отстранувањето на гробните прилози не дава можност за добивање посоодветни сознанија за културните вредности на овој простор од времето од кое потекнуваат.

Два убаво обработени гроба на локалитетот „Чардак“ во близина на карпата со симболика 3
Два убаво обработени гроба на локалитетот „Чардак“ во близина на карпата со симболика 3

Во рамките на малата некропола се наоѓа и едно двојно корито, кое во минатото служело за гмечење грозје, мошне мајсторски изработено, со димензии од вкупно 3 m должина и околу 1 m ширина. Карпата на која е издлабено ова корито е малку закосена кон северозапад и од горната страна на коритото е издлабено полукружно каналче кое го заобиколува неговиот горен дел. Освен ова корито, жителите на селото Чаниште потврдуваат дека во близина има уште два слични објекти кои се покриени со нанос на земја. Имајќи предвид дека на локалитетот „Чардак“, кој е во близина, како и во неговата околина има повеќе стари лозја, присуството на ваквите објекти, кои според археолозите се датираат во римско време, е интересен факт и укажува на исклучително долгата традиција на негување винова лоза на овој простор. Со оглед на фактот дека овие културни објекти се наоѓаат на мало растојание од првоопишаниот објект со симболика, може да се констатира извесна заемност и временска врска меѓу нив.

Винарник во карпа во рамките на некрополата
Винарник во карпа во рамките на некрополата

На источниот дел на локалитетот „Чардак“ се наоѓа една карпа со впечатлива форма, висока околу 2,5 м, која потсетува на своевиден споменик од камен и е наречена „Уто(т)“. Таа на свој начин му дава посебен белег на целиот простор на овој локалитет, а во нејзината близина се наоѓаат и други културни феномени од древното минато. Во близина на овој простор со споменатите остатоци од материјална култура поминува и еден од патиштата, кои водат кон Црна Река и источната страна од атарот на селото, а локалитетот е позната како „Белата Земја“ поради појавата на земја со бела боја на превојот и околу него. Овој пат не води кон еден од поголемите археолошки локалитети, „Богданова Нива“, кој е расположен на високиот брег на (Црна Река), како и кон неколку други интересни локалитети, кои кријат разновидни културни остатоци, како од подлабоката праисторија, така и од следните периоди.

Симболика - скица
Симболика – скица