Некатегоризирано

„РАМНИШТЕ“ И „ШАРЕН КИЛИМ“ НА МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП – ДЕЛ ОД СТАРИОТ ГРАД СО ОСТАТОЦИ ОД СВЕТИЛИШТЕ СО ПЕШТЕРА И ИЗВОР

Во еден од своите археолошки извештаи, археологот Бошко Бабиќ, кој е неприкосно­вена личност во археологијата, како и во музеологијата и повеќе сродни области и областите на културата во Прилеп во периодот од 1955 до 1990 г., истакнува дека краток период се вршени археолошки истражу­вања на голе­ма­та тераса на Маркови Кули, позната како „Рамниште“,1 која е ретка земна површина на овој исклучителен природен и археолошки локалитет. Неколку години подоцна еден од истражувачите на полската мисија, Еугениуш Цнотливи, истакнува дека некои делови на Мар­кови Кули се сосема неистражени, а во нив го споменува посебно Рам­ниште2. Нe ни е познато дали во некои од службените извештаи на тогашниот Народен музеј во Прилеп или на Институтот за истражување на старословенската култура има делови кои се однесуваат на истражу­ва­њата вршени токму на оваа тераса.

„Шарен Килим“ и Рамниште со врвот „Гребник“
„Шарен Килим“ и Рамниште со врвот „Гребник“

          Во поново време, на „Рамниште“ се отворени неколку сонди под раководство на археологот Бранислав Ристески од Институтот за старословенска култура во Прилеп, но не ни е познато дали се објавени резултатите од тие истражувања.

Ѕид во јама на „Рамниште“
Гоелми камени блокови и ѕид во јама на „Рамниште“

          „Рамниште“ со својата положба од југоисточната страна на Маркови Кули, под врвовите „Гребник“ и „Тапанче“, претставува многу погоден простор за изградба на објекти во некогашната населба на овој простор. Трагите од градбите, заедно со други културни објекти се забележуваат и на површината на рамнината. Меѓу нив се среќаваат поголеми и помали камени блокови делумно обработени, како и голем број длабнатини од различни копања, меѓу другото и диви, а веројатно дел од нив се траги од истражувањето што е вршено во 1972 г. од страна на Народниот музеј во Прилеп. Една поголема јама кон средината на рамнината изгледа како да води некаде длабоко во теренот. Од едната страна во неа се забележува подземен ѕид што укажува на просторија од извесна градба. На некои од карпите кои се присутни и на оваа рамнина се забележуваат, исто така разни делкани форми меѓу кои и поголем број гробови во карпа, како и различни длабнатини и право­аголни форми кои служеле за поставување столбови и греди за неко­гаш­ните градби.

ПОСЕБНИ ОБЈЕКТИ ВО КАРПА – ДЕЛ ОД АРХИТЕКТОНСКАТА СТРУКТУРА НА СТАРАТА НАСЕЛБА НА „РАМНИШТЕ“

          На една осамена карпа висока околу 2,5 m на северозападната половина се наоѓа едно поголемо камено корито кое повеќе личи на некаков резервоар во кој се чувале одредени продукти или течност, но не е исклучено тој да бил и гроб на некоја позначајна личност од населбата. Овој објект бил издлабен на самиот северен раб на карпата, неговите рабови се посебно обработени и израменти по хоризонтала за да може да се постави соодветен покрив. На горната површина на карпата, јужно од објектот, се среќаваат издлабени каналчиња, кои упатуваат на фактот дека до карпата се наоѓале доплнителни конструтивни елементи од камен или дрвени констуркции. Од западната и јужната страна на карпата се забележуваат и други обработени делови, како каналчиња и сл.

Карпа со голем издлабен правоаголен објект на „Рамниште“ 2
Карпа со голем издлабен правоаголен објект на „Рамниште“ 2

          На „Рамниште“ се среќаваат и голем број гробови во карпа, посебно на работ на рамнината на западната и југозападната страна, но нивното присуство е заста­пено, речиси, на целиот простор на Маркови Кули, со посебна концентрација на извесни карпи каде што се правеле некрополи со густо поставени гробови. Една некропола од десетина гробови во камен се среќава на самиот западен раб, а слична таква некропола има и на југоисточниот дел на „Рамниште“, на еден дел, кој претставува помала тераса на пониско ниво, со широк поглед кон Пелагонија. Тука среќаваме група од десетина гробови, со помали и поголеми димензии во чија придружба се и други обработени делови по карпите, како кружни и полукружни форми, скалести форми и сл.

          На големата површина на „Рамниште“, која се простира на повеќе од 1 ha се среќаваат и други објекти во камен, како обработени скалести столбести форми на нејзиниот северен раб, кој се наоѓа на подножјето од врвовите „Гребник“ и „Тапанче“. На една осамена карпа на источниот дел се среќава рамна тераса со правоаголно обработена форма, како своевиден резервоар за чување определени намирници или слична намена. Карпата располага и со други помали обработени форми, кои упатуваат на своевидна надградба со материјал од дрво или камен. Кон средината на големата рамнина се наоѓа уште една карпа со поголема зарамнета површина, на која среќаваме уште еден гроб во карпа, со дополнителни конструктивни форми во неговата околина.

Скалести форми по карпите од северната страна на „Рамниште“
Скалести форми по карпите од северната страна на „Рамниште“

          Сите овие содржини, кои се само дел од вкупните содржини на „Рамниште“, упатуваат на населбен простор во некој од постарите културни периоди во кој егзистирале и погребните места на жителите кои го населувале. Според извесни археолошки наоди, од керамички садови и метални предмети, како и според консултациите направени со археолозите, овој простор крие култура од повеќе периоди, меѓу кои и од бронзеното и железното време, како и од подоцнежните културни периоди.

Остаток од ѕид од источната страна на „Шарен Килим“
Остаток од ѕид од источната страна на „Шарен Килим“

          Во некои од овие периоди, големата тераса „Рамниште“ била утврдена со силен ѕид од камен и малтер, чии остатоци се забележуваат и денес. На еден дел од југоисточната страна, се забележуваат и остатоци од извесен ѕид од поголеми камени блокови, како и оформени пворшини по карпите, кои биле прилагодувани за конструктивна намена, како за одбрамбениот ѕид, така и за други градби во тој дел од просторот. Токму на југоисточната страна, каде теренот се спушта надолу, се среќаваат и големи количества од керамички материјал, како и други видови археолошки материјал, кои упатуваат на извесни културни остатоци, кои заслужуваат посебно внимание. Особено е нагласено присуството на фрагменти од извесни керамички предмети со аглести форми, делови од одводни канали или слични објекти. Освен тоа, се насетуваат и скалесто оформени делови на падината, со големи камени блокови.   

Врежана тераса на карпа од југоисточната страна на „Рамниште“
Врежана тераса на карпа од југоисточната страна на „Рамниште“

По карпите по работ на Рамниште од страната на врвовите „Гребник“ и „Тапанче“ се забележуваат, исто така, голем број траги од приспособување на површините на карпите за изградба на ѕидови, потоа различни други форми како што се ниши и други длабнатини. Вреди да се спомене и фактот дека големата камена форма (Камената Порта), за која можете да проследите посебен материјал во овој портал, се наоѓа на самиот раб на терасата од нејзината североисточна страна и би можело да се земе дека е дел од целиот комплекс иако токму под неа води пат кој го поврзува овој дел од Маркови Кули со северниот дел и самото седло меѓу врвовите. Од внатрешната страна на портата веднаш крај неа повторно меѓу високи карпи води премин кон горниот дел од кулите. Имајќи предвид дека и просторот над овој, исто така, бил исполнет со градби кои се прилепувале до самите карпи и над нив, со своевидни надградби, може да се констатира дека ваквите премини биле само дел од посебните улици кои воделе низ населбата во нејзиниот активен период.

Сите овие содржини, кои се само дел од вкупните содржини на „Рамниште“ упатуваат на населбен простор во некој од постарите културни периоди.

СВЕТИЛИШТЕ СО ПЕШТЕРА И ИЗВОР, „ШАРЕН КИЛИМ“

Долниот раб на „Рамниште“ од страната на Варош бил заштитен со широк ѕид чии остатоци како и делови од кулите се забележуваат и денес. Една од кулите делумно е зачувана веднаш над една голема карпа меѓу жителите на Варош позната како „Шарен Килим“. Под оваа карпа се наоѓа и голема пештера која во горниот дел, до пред неколку години, имаше мал, речиси таен излез преку кој се излегуваше на терасата „Рамниште“. Денес, овој излез е затрупан со груба интервенција со копање на поголема јама на самиот излез од пештерата. He e исклучено оваа пештера во периодот на користењето на населбата со изградена тврдина да била еден од тајните влезови во неа.

„Шарен Килим“ заедно со пештерата
„Шарен Килим“ заедно со пештерата

          Карпата „Шарен Килим“, која е со височина од неколку метри и дол­жи­на од околу 15 метри претставува впечатлив природен објект во овој дел на Маркови Кули, кој го привлекува погледот од далеку. Таа има жолте­никава боја и е ишарана со темни вертикални линии од дождовите поради што го носи и специфичното име. Од десната страна на влезот од пештерата се наоѓа извор со вода од кој е направена мала чешма.

Карпата „Шарен Килим“
Карпата „Шарен Килим“

          Водата буквално доаѓа од самата карпа преку мал процеп на кој е поставена метална цевка и низ неа се слева во природно корито во основата на карпата, кое има и извесни интервенции за да може водата да се собира во него. Веднаш до чешмата се наоѓаат и остатоци од стара градба која била залепена за големата карпа и зафаќала површина од неколку десетици метри квадратни. Во нејзината внатрешност во близина на чешмата има еден поголем квадратен дел од ѕид кој личи на некаков олтар. Ѕидот е речиси со квадратна форма, со платформа со површина од околу 1 m2, и височина од околу 1 m, со тоа што неговата основа е со малку поголеми димензии. Има индиции дека при малтерисувањето била употребувана и боја. Имајќи го предвид фактот што овој масивен објект од камен и малтер се наоѓа веднаш под изворот со вода, речиси е сигурно дека се работи за култен објект кој им служел на древните жители за култно-религиски активности, односно, принесување жртви и дарови на некое од божествата и заштитничките на изворите, познати како нимфи. Фактот што овој објект се наоѓал во поголема градба од силни ѕидови од камен и малтер, која била прилепена до големата карпа со изворот и пештерата, упатува на заклучок дека сите овие елементи се делови од поголем комплекс со религиски, но и општествен карактер.

Градбата со објектот - жртвеник до карпата „Шарен Килим“
Градбата со објектот – жртвеник до карпата „Шарен Килим“

Освен набројаните елементи во овој дел од Маркови Кули на површината под „Шарен Килим“ се наоѓа изобилство фрагменти од садови од керамика, стакло и сличен археолошки материјал.

1 Б. Бабиќ, Е. Цнотливи, Тврдината Маркови Кули …, извештаи … 1977–1983, стр.23.2 Е. Цнотливи, Извештаи …, стр.48.