ЗДИВЕН СВЕТ (Од необјавената поетска збирка „Кучешко време“ – четврти дел „Раѓање“)

Ме дробат на илјадници парчиња,

безмилосно ме кинат без одмор.

Моите непријатели на крупно,

пријателите сосем на ситно.

Крвници крвта ми ја пијат,

мршојадци мршата ми ја тегнат,

злонамерници, сосем без мака,

од моето тело се стрват.

Добронамерници, без жал,

сосема ме ситнат.

Ме гмечат големи светски сили

и соседи, лицемерно склони,

кон пријателство лажно,

совети делејќи важно,

тргаат кревко ткиво,

озабени сосем.

Здивел светот,

по мене збеснал,

глад го фатил по

мене стрвен.

Нема каде да се скријам,

не се обидувам ниту да бегам

и кога се изморат сите, кубејќи,

од моето живо тело јадејќи,

сосема без свест,

се фаќам во занес

како се дробам,

болка за да сетам.

На сопственото срце

настрвен крвта му ја пијам

го гмечам и го газам,

дробно го сецкам

и премален, во свет недопрен тонам.