МАРИОВСКИОТ ЅИД – ЅИДОТ ОД АНГЕЛЕ

ПЛАНИНАРСКО-ТУРИСТИЧКО ПАТЕШЕСТВИЕ ДО ЅИДОТ ОД АНГЕЛЕ ВО ОРАГНИЗАЦИЈА НА ЦЕНТАРОТ „КАЛЕШ АНЃА“ ОД СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО И ПЛАНИНАРСКОТО ДРУШТВО ЈАНЕ САНДАНСКИ ОД ПРИЛЕП

Човекот отсекогаш вложувал напори за достигнувања за да го обезбеди и олесни својот опстанок, за да ги покаже своите способности или за да направи дело, кое ќе привлече внимание. Тоа е своевиден натпревар меѓу луѓето за меѓусебно докажување или, едноставно, за докажување пред самите себе.

Ѕидот од Ангеле 4
Ѕидот од Ангеле 4

Ангеле Ангелески (1924 – 1991) од селото Чаниште, Прилепско, за свое врвно дело избра голем ограден ѕид од камен со кој обгради една своја парцела во атарот на селото Чаниште. Беше оспособен за земјоделец, сточар, пчелар, дрводелец, но и ѕидар. Свиреше и на гајда, но тоа ретко го правеше. Всушност, тој е од она време кога жителите на областа Мариово беа во таква положба што мораа да научат голем број вештини за да го овозможат и олеснат својот опстанок.

Ѕидот од Ангеле
Ѕидот од Ангеле

„Јас, од татко ми, научив да работам со камен и тоа го знам. Затоа зедов да го градам овој ѕид“ – велеше Ангеле, кога започна да го ѕида големиот ѕид во далечната 1980 година. За локација избра една поголема парцела на локалитетот „Зимовникот“ во долината на една суводолица, која се спушта кон Црна Река и започна да крши камен во нејзината околина, да го прибира со воловска запрега и да го ѕида обградувајќи ја парцелата, која зафаќаше површини од двете страни на долот. Од левата страна на долот се издига голем рид, кој е позната како „Полената“, кој бил дел од арената во Првата светска војна и жителите на селото Чаниште длабоко го доживеале тој настан, па раскажуваа за мистични случувања на тој простор долго по војната. „Навечер, по ридот, се слушаат лелеци, извици за напад, разни врескања и други гласови“ – велат тие.

Ѕидот од Ангеле 2
Ѕидот од Ангеле 2

Ете, тука, Ангеле го започна својот подвиг, кој му беше замислен како големо постигнување, кое ќе биде единствено во овој дел од Балканот, а кое ќе му служи и за неговиот опстанок, како и опстанокот на семејството, добитокот и пчелите. Работеше полека, но упорно и секој ден, освен во празниците. Постојан придружник му беше неговата сопруга Јованка, која беше по потекло од селото Бргуле во западна Србија. Ѕидот полека „растеше“. Најпрво од едната, па од другата страна на долот и се оформуваше неправилниот круг околу парцелата. По 5 години тој беше, речиси завршен. Според она што е запишано во Книгата на македонски гинисови рекорди, со должина од 1500 м, височина 1,5 м и дебелина од 0,70 м. Целиот беше покриен со големи камени блокови, помалку или повеќе оформени. Ангеле ги креваше сам на ѕидот, како што велеше“, не со гради, ами со марифет, на лостови. За да може да егзистира во ова место со добитокот, Ангеле ископа два бунари во камен од двете страни на долот, направи една помала колиба, како и една поголема од камен и поголемиот дел од времето го поминуваше тука. Го чуваше добитокот и пчелите, садеше и калемеше разни овочки и сл. Всушност, последните години од својот живот ги помина тука, се додека не се разболе и не можеше повеќе да работи. Во меѓувреме успеа да направи и неколку кладенци во поблиската и подалечната околина на ѕидот.

Ѕидот од Ангеле 3
Ѕидот од Ангеле 3

Дојдоа новинари од разни страни, од телевизијата и радиото, како и од печатените медиуми. Ѕидот стана познато дело, како најголем ѕид, кој е изграден само од еден човек. Некои го нарекоа „Мариовски кинески ѕид“, по примерот на познатиот Кинески ѕид. Всушност, тој е Мариовски Ѕид или Ѕидот од Ангеле Ангелески од селото Чаниште во Мариово.

Дел од ѕидот од Ангеле 3
Дел од ѕидот од Ангеле 3

Ѕдот од Ангеле и денес е често посетуван, како од намерници, така и ненамерници, особено од планиари, рибари, ловџии, но неретко и од туристи. За него и денес, често се интересираат и новинарите, па одвреме, навреме приказната за него се појавува и во некои од медиумите. Во текот на вчерашниот ден, пак, по повод 34 години од изградбата на Ѕидот и  28 години од смртта на Ангеле Ангелески беше организирано „Планинарско туристичко патешествие до ѕидот од страна на КИДЦМ „Калеш Анѓа“ од селото Крушевица, кое е соседно селот на Чаниште и Планинарското друштво „Јане Сандански“ од Прилеп. Освен кратката планинарска тура на релација „с. Чаниште – Ѕидот од Ангеле – манастир „Св. Петка“, с. Чаниште, а во кругот на манастирот, беше организирана и културно-уметничка програма со гајда, кавал и други инструменти, како и пеење народни песни, карактеристични за оваа област. На настанот присуствуваа стотина гости.

ОД ПОСЕТАТА НА ЅИДОТ

ОД ПРОСЛАВАТА ВО МАНАСТИРОТ „СВ. ПЕТКА“