„БОГДАНОВА НИВА“ КАЈ СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО – ЛОКАЛИТЕТ СО ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД МАКЕДОНСКИОТ ПЕРИОД, НО ПРЕПОЛН И СО ПРАИСТОРИСКА КУЛТУРА
„Богданова Нива“ е локалитет кој се наоѓа на самиот брег на Црна Река на една висока тумба спроти уште еден исклучително атрактивен локалитет „Градиште – Мал и Голем Град“ кај селото Манастир, а на околу 5 км источно од селото Чаниште. Локалитетот е сосема неистражен, но од она што може да се види на површината, како и од раскажувањето на жителите на селото Чаниште кои овде имаат свој имот, може да се констатира дека на овој локалитет има богатство од културни содржини од повеќе временски периоди. На површината на теренот се присутни наоди на керамика, грамади камења од стари градби, некрополи (гробишта), но исто така, сопствениците на нивите при обработката на земјата наоѓале и стари монети. Од монетите најприсутни се оние од раната антика, но интересно е дека на истиот локалитет има изобилство од керамика дури и од каменото време, односно енеолитот (доцното камено време). Таа е посебно присутна на просторот на тумбата која се издига високо над Црна Река и доминира со околината, како и на рамнината која се наоѓа од нејзината западна страна во која денес се наоѓаат напуштени и распаднати трла и ниви оградени со камен кој потекнува од градбите на старите населби кои егзистирале на овој простор. Меѓу камењата вградени во денешните ѕидови со кои се заградени нивите и трлата има и голем број на обработени камени блокови, плочи и сл., а посебно е нагласено присуството на камени блокови со правоаголна форма, со конкавна длабнатина од едната страна и со дупка во средината, како и влезни канали од двете страни, а мазна површина од спротивната страна. Слични камени елементи се среќаваат на повеќе локалитети и тие веројатно се делови од извесни рачни „машини“, мелници или сл. Погодниот простор за живеење подоцнежните жители на селото Чаниште го користеле за обработка на земјата и за чување добиток.

Највисокиот дел на тумбата бил ограден со дебел ѕид без малтер, а кој оградувал простор од околу 2 ха. Освен највисокиот дел на тумбата, со ѕид бил заштитен и просторот на терасите на ридот од неговата северна и северозападна страна. На карпите на тумбата можат да се видат голем број различни интервенции од страна на старите жители на населбата, и тоа длабени скали, разни садови и дупки и сл. Од кога потекнува утврдувањето на тумбата, кое денес е во голема мерка деструирано со подоцнежните префрлувања на каменот на други ѕидови, тешко е да се каже. Имајќи предвид дека на овој простор има значителни количества на керамика од праисторијата, не е исклучено некои делови од утврдувањето да имаат и толку длабоки корени.

Локалитетот „Богданова Нива“ има мистични белези, кои потекнуваат од неговата комплексност содржана во бројните остатоци од населбите кои, очигледно, егзистирале во различни периоди, но и со специфичните форми на карпи, кои се расположени на самиот локалитет и во неговата поблиска околина. Мистиката ја зголемуваат и гробовите кои се од различни типови и ги има на голем простор на самиот локалитет и во неговата околина, посебно од неговата западна страна, каде се расположени повеќе некрополи од различни времиња. Една карпа која се наоѓа од југозападната страна на тумбата до современите трла, има форма на човечка глава гледано од повеќе позиции и претставува своевиден мегалит кој потсетува на праисториското време.

Неколку гробови вкопани по карпестите површини околу неа ја зголемуваат мистиката на просторот. Самото лоцирање на гробови околу неа е факт кој заслужува внимание, дали антропоморфната карпа нема извена култна традиција во минатото со оглед на фактот дека слична практика има и на други локалитети во Прилепско и пошироко. Бројот на гробовите издлабени во карпа е поголем, односно може да се констатира дека постои цела некропола такви гробови на делот околу споменатата карпа и на површините југоисточно од неа. Извесен број такви гробови има и на други карпи во рамнината пред тумбата. Тешко е да се каже од кое време потекнуваат тие, бидејќи не се познати никакви наоди од исчистените гробови, зашто тоа досега е правено само од дивите трагачи по археолошко богатство. Некои фрагменти од керамика која е расфрлена околу гробовите упатува на раната антика, но тоа не треба да се земе како сигурен податок.

Уште една некропола е присутна во близина на „Богданова Нива“, на т.н. „Анѓелевска Нива“, која се наоѓа на околу 100 метри западно од тумбата со населбата, каде поголем број гробници се раскопани и исчистени од дивите копачи, посебно последниве години. Овие гробници се градени од големи камени плочи со завидни димензии. Поголемиот број од нив имаат димензии и до 2 м должина и 0,9–1 м ширина, како и длабочина над 0,8 м. Некои од гробниците биле оградувани со големи камени блокови, делумно обработени или во природна форма. Една таква гробница, која делумно е уништена е оградена со приближно квадратна форма на таков ѕид со димензии од околу 8 м една страна. Имајќи предвид дека гробниците се наоѓаат во нива која до скоро била обработувана, многу од надгробните плочи се уништени порано, како и нивните огради од камен. Гробници со слични димензии се правеле во архајскиот период (V–VI век пред н.е.), но со оглед на фактот дека не располагаме со никакви информации какви наоди имало во нив, тешко е да се констатира дека и гробниците од оваа некропола се од истиот период. Инаку, треба да се знае дека токму архајскиот период е време во кое се случува извесна културна револуција во која треба да се бараат корените на филозофијата и разни други науки, кога процветува уметноста и сл. Во овој период се прават и предмети со впечатлива орнаментика и форма и со него е условена подоцнежната раноантичка експанзија и развојот на науката и уметноста. Фактот што преку керамичките наоди и монетите кои се наоѓани при обработката на нивите со сигурност може да се констатираат остатоци од раноантичка населба, овој локалитет го прави посебно интересен и комплексен.

Во околината на локалитетот „Богданова Нива“ има уште една некропола од гробови цисти која е расположена, исто така југоисточно од локалитетот на околу 500 метри, во месноста „Преслап“. На површина од неколку стотици квадратни метри се насетуваат поголем број гробови цисти за кои е тешко да се каже од кој период потекнуваат. Присуството на неколку некрополи треба да се земе како извесен факт за континуираното населување на овој простор во минатото што коиндицира со разновременските наоди на самиот локалитет.

Фактот дека на локалитетот „Богданова Нива“ се констатирани неколку некрополи, го поставува прашањето дали под земната површина на овој локалитет не се кријат и објекти од сакрален тип, зависно од времето на постоењето на населбата. Некој поконкретен наод на површината не сме забележале, но еден блок од камен делумно обработен со височина од околу 0,90 м што се наоѓа среде камените огради околу трлата и нивите во седлото пред тумбата на кој денес може да се забележи грубо издлабен крст, можеби упатува на таков објект.

Трагите од древното живеење на просторот на локалитетот „Богданова Нива“ не завршуваат со погоре наведените. На околу 200 метри северозападно од него, на локалитетот познат како „Букимеш“, на една поголема карпа со рамна горна површина се наоѓаат две двојни корита за гмечење грозје издлабени паралелно едно на друго. Всушност, целата горна површина на карпата која зафаќа 5–6 м2 е обработена со издлабени корита, две поголеми и две помали, меѓусебно поврзани со отвор кој се наоѓа на дното на коритата. Тоа упатува на обработување винова лоза од страна на старите жители на населбата „Богданова Нива“ и производство на вино. Некои денешни остатоци од винова лоза во близина на издлабените винарници нè упатуваат на помислата дека континуитетот на нејзиното одгледување во овој простор е исклучително долг.

Локалитетот „Богданова Нива“ располага со повеќе природни погодности кои ги привлекле древните жители на населбата која егзистирала тука. Најпрво треба да се истакне близината на Црна Река која тече длабоко долу под локалитетот и која значела голем извор на природна храна. Освен тоа самиот простор со тумбата која доминира над околината дава посебни можности, а тука е и рамнината што зафаќа повеќе хектари површина која благо се спушта кон север, како и долгата рамнина што се протега на југозапад од локалитетот на која се надоврзуваат големите падини од ридот Полената, кој се протега во должина од 3–4 километри кон југ.

Кои биле жителите на населбите на „Богданова Нива“?
Во периодот на праисторијата, односно доцното камено време и периодите од праисторијата потоа, во кои на „Богданова Нива“ имало организиран начин на живеење, на просторот на Македонија живеело и многу споменуваното племе Бриги, чии траги се среќаваат и при археолошките истражувања на целиот простор на етничката територија на Македонците. Нивната култура се наметнала на многу широк простор од јужниот дел на Балканот, односно Македонија, до Мала Азија каде во подоцнежниот период се познати како Фриги и имале држава Фригија, а исто така и на северниот дел на Јадранот, на просторот на денешна северна Италија. Нивната култура била толку раширена и богата сè до VI век пред н.е. што дури и некои грчки научници се склони да признаат дека основата на нивната култура е бригиската. Токму со бригискиот етнички елемент се поврзуваат и другите племиња кои во праисторијата, посебно бронзениот период ја населувале Македонија. Меѓу нив се Пајонците со нивната територија Пајонија, кои се многу лични по културата и јазикот со Бригите, така што некои научници ги сметаат за дел од бригиската група на племиња. Слична е ситуацијата и со Македонците во антиката кои, исто така, имаат многу блиски културни врски со Бригите, поради што се смета дека бригискиот супстрат е дел од македонскиот етникум. Се разбира, за тоа еден од главните аргументи е поклопувањето на територијата која во праисторијата ја населувале Бригите, а на истата подоцна, поточно на почетокот на железното време се појавиле Македонците. Дали македонскиот епонимен јунак Македон е по потекло Бригиец?

Локалитетот „Богданова Нива“ е значаен и заради фактот што се чини дека на неговиот простор опстојувала населба и во архајскиот период, односно периодот на развој и експанзија на Македонците кои ја зајакнуваат својата држава, тргнувајќи од царот Пердика кој дошол на македонскиот престол на почетокот на VII век п.н.е. или нешто порано, на крајот на VIII век п.н.е. На овој слој на населба се надоврзува многу понагласениот слој од населба од раната антика, од кој поранешните сопственици на обработлива земја на овој локалитет наоѓале голем број монети, меѓу кои и такви на кои се среќаваат македонските цареви, Филип II, Александар III Македонски и други македонски цареви. Тоа нè упатува на заклучокот дека овој локалитет бил покриен со активна населба во повеќе периоди од човештвото и има извесен долг континуитет на населување дури до доцната антика и средниот век, за што потврдуваат керамичките наоди. Се разбира, на целата оваа анализа ѝ недостасува поткрепа од издржани археолошки истражувања кои, веруваме, би дале вистински резултати. Засега овој простор преполн со археолошки податоци и материјали е царство за дивите копачи, посебно заради неговата скриеност од допирот на современата цивилизација и општествениот систем. Исклучок е посетата на локалитетот пред дваесетина години во рамките на проект за рекогносцирање на Заводот и Музеј од Прилеп1 под раководство на археологот Александар Миткоски, кој повеќе пати службено посетува и други локалитети во Мариово при што прибира и податоци за нив.
АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ
1 – Камена пластика
Фрагмент од камена рачна мелница 6 Фрагмент од камена рачна мелница 5 Фрагмент од камена рачна мелница 4 Фрагмент од камена рачна мелница 3 Објект од камен за мелење или цедење семиња, овошје или друг материјал поставен на ѕид 2 Фрагмент од камена рачна мелница 2 Фрагмент од камена рачна мелница Објект од камен за мелење или цедење семиња, овошје или друг материјал поставен на ѕид Објект од камен за мелење или цедење семиња, овошје или друг материјал вграден во ѕид Рачна мелница од камен вградена во ѕид Обработен камен блок со полукружна форма Дел од рачна мелница од камен вградена во ѕид Објект од камен за цедење или мелење семиња или друг материјал 4 Објект од камен за цедење или мелење семиња или друг материјал 3 Објект од камен за цедење или мелење семиња или друг материјал 2 Објект од камен за цедење или мелење семиња или друг материјал Фрагмент од објект од камен за цедење или мелење семиња или друг материјал Објект од камен за мелење или цедење семиња, овошје или друг материјал 6 Објект од камен за мелење или цедење семиња, овошје или друг материјал 5
2 – Предмети од керамика и метал
Фрагмент од керамички сад со вдлабнато украсување Фрагмент од керамички сад со релјефно украсување 4 Фрагмент од керамички сад со релјефно украсување 3 Фрагмент од керамички сад со релјефно украсување 2 Фрагмент од керамички сад со релјефно украсување Фрагмент од керамички сад – устинка Фрагмент од бронзен предмет Разновидни предмети од керамика пронајдени на локалитетот и еден современ тањир оставени во една од колибите Разновидни предмети од бронза пронајдени на локалитетот и оставени во една од колибите Фрагмент од тегула Фрагмент од устинка од помал питос во ѕид од колиба
ГРОБОВИ ИЗДЛАБЕНИ ВО КАМЕН
Гробови во камен вои близина на мистичната карпа во форма на човечка глава Гробови вдлабени бо камен со поголеми димензии Гроб вдлабен бо камен со поголеми димензии Гробови вдлабени бо камен со поголеми димензии 2 Некропола со гробови вдлабени бо камен со поголеми димензии
ОД АМБИЕНТОТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ И НЕГОВАТА ОКОЛИНА
Локалитетот „Богданова Нива“ – поглед од спротивниот брег на Црна Река 2 Локалитетот „Богданова Нива“ со остаток од ѕид од тврдината- поглед од спротивниот брег на Црна Река 2 Локалитетот „Богданова Нива“ со остаток од ѕид од тврдината- поглед од спротивниот брег на Црна Река Локалитетот „Богданова Нива“ – поглед од спротивниот брег на Црна Река Стар пат на релација Чаниште – локалитет „Богданова Нива“ Крст на дното од длабнатината во карпа Дно од длабнатина во карпа со симболика – крст и долга каналеста форма Трло на локалитетот со стар градежен камен Поглед на акрополата низ една од вратите на трлата Мистична карпа со форма на човечка глава на локалитетот 3 Едно од трлата изградено со градежен камен од старата населба Мистична карпа со форма на човечка глава на локалитетот 2 Мистична карпа со форма на човечка глава на локалитетот Црна Река – поглед од тумбата со тврдината Поглед на црквата Св. Никола во селото Манастир на спротивниот брег Поглед кон планината Ниџе Колиба изградена со градежен камен од старата населба Просторот од локалитетот на кој била расположена населбата Интересна форма на карпа со фрагмент од објект од камен Остатоци од ѕид од стара градба Остаток од стара градба – голем камен блок
[1] Александар Миткоски, Извештајзарекогносцирање..