ТВРДИНА ОД ГРАМАДНИ КАМЕНИ БЛОКОВИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ ГРАДИШТЕ НАД СЕЛОТО ДАБНИЦА,ПРИЛЕПСКО
Официјалната археологија не го забележала локалитетот над селото Дабница познат како Едунак или Градиште1 на околу 5–6 km на северозапад од Прилеп. Тој се наоѓа на еден од врвовите на планината Бабуна, кој заедно со Златоврв и Орлак го “разигруваат” овој крак од планината. Самиот највисок дел од врвот претставува голема карпа од гранит од која често се откршуваат големи делови и се уриваат надолу со громогласен грмеж. Иако, гледан од страна, овој врв изгледа сосема диво и непристапно, тој на својот горен дел и на површините околу него крие бројни траги на древна населба која од одредени причини била лоцирана токму на самата карпа и околу неа. Пристапот до локалитетот е полесен по патчето што води кон врвот од неговата северна страна заобиколувајќи ги грамадните карпи од северната страна на Дабница. Голата карпа со зашилен врв кој ги боде очите како од страната на Прилеп, така и од другата страна од кај селата Небрегово, Горно Село и Присад на самиот врв располага со траги од човечки интервенции во минатото. Размислувајќи за смислата на градењето населба токму на овој дел од просторот тешко се наоѓа разумно решение ако се немаат предвид немирните времиња од древното минато кои изобилуваат со воени походи на различните народи од тоа време. Ограбувачките упади на северните племиња во Македонија овде имаат посебно место. За да се заштитат од нив овдешните жители, веројатно, морале да градат тврдини и засолништа на непристапни места како што е локалитетот за кој овде станува збор.

Од северната страна на каменестиот врв се наоѓа една поголема долина со малку рамна земна површина на која од долниот дел се наоѓа ѕид од големи камени блокови делумно обработени. Ѕидот по својот изглед потсетува на некое сосема древно време во кое малтерот се уште не се употребувал, но во голема мерка е веќе растурен. Освен овој впечатлив дел од нечија интервенција на овој простор по околните површини се среќаваат и голем број фрагменти од керамички садови кои, според белезите потекнуваат од некој од периодите на антиката, особено доцната антика. Одејќи кон повисокиот стрмен дел се среќаваат и големи камени блокови доста добро обработени кои како да биле основа од повисокиот ѕид со кој бил утврден врвот на овој рид висок околу 1200 m. над морето. Освен тоа, тука се длабените или делканите форми по површината на гранитниот врв меѓу кои има рамнети форми на кои се поставувал ѕидот од тврдината и ѕидовите на внатрешните градби, како и некои дупки за столбови и греди кои се распространети насекаде по гранитниот врв. На некои делови има и специфични помали ниши (камари), како и скали кои се употребувале за искачување до делови од некогашните објекти од населбата. Некои долги каналчиња длабени по карпестите површини, исто така потсетуваат на градбите кои биле присутни во нивна близина.

Самиот изглед на некои делови од локалитетот со својата грамадност потсетуваат на времето од архајскиот период (VII–V век пр. н.е.), односно, на периодот во кој е формирана Македонската држава на чело со првиот историски потврден крал Пердика. Без соодветно археолошко истражување, сепак, е тешко да се каже нешто поконкретно во врска со нејзината изградба и егзистенција.2 Имајќи предвид дека тврдината е поставена на многу непристапно место може да се претпостави дека таа служела за исклучителни моменти на силни напади и опасност од гибел на жителите на некоја поголема поблиска населба. Фактот што локалитетот „Баба“ со населбата со остатоци од древна тврдина се наоѓа на само 1–2 km растојание од Градиште кај Дабница, веројатно треба да се има предвид при ваквата анализа на намената на ова мало утврдување со привлечни остатоци од древното време. Веројатно е дека и оваа тврдина имала некој вид стратешко значење во периодот на големите напади на Македонија од север од страна на Дарданците, Илирите и други племиња кои живееле надвор од големата Македонска империја во времето на Филип и Александар Македонски кога како што е познато од историјата и археолошките наоди во неа влегле и ове делови на денешна Македонија. Според географската положба, оваа мала тврдина се наоѓа токму во зоната на одбрана на северната граница која е преполна со тврдини кои на овој дел од Македонија претежно се распоредени по работ на Пелагониската рамнина и на возвишенијата и врвовите на планините со кои е заградена оваа рамница. Ваквите силни и многубројни утврдувања биле посебно корисни за Пелагонија и Пелагонците кои биле први на удар на нападите на северните племиња кои навлегувале во неа преку превоите на Плетвар, Дервен и Барбарас, како и преку помалку пристапните премини на планината Бабуна. Тврдината кај Дабница, веројатно, исто така се користела за спречување на таквите навлегувања преку помалите премини во нејзина близина, но и за набљудување на околниот терен и за известување за забележаните движења во околните премини откај Дервен или Плетвар кои под овој висок врв се гледаат како на дланка. Нејзиниот простор бил внимателно избран бидејќи очигледно е дека неговата западна страна е, речиси, непристапна со стрмни делови кои паѓаат надолу кон атарот на Небрегово сосема длабоко долу, така што и самиот поглед воодушевува со длабочината и пространоста на просторот кој се распостила надолу.

Според она што може да се забележи на теренот, утврдени биле двата дела на врвот, од кои јужниот претставува впечатлива карпа со конусоидна форма и зашилен врв, додека северниот зафаќа поголема рамнина на највисокиот дел.

Локалитетот Градиште е уште еден врв во редот врвови кој започнува со Златоврв, а кон север доаѓа т.н. врв Орлак кој е малку понизок од него, а со едно специфично планинско седло над Дабница од него е одделен понискиот, но повпечатлив врв Градиште. Близината до Златоврв со локалитетот Трескавец на кој егзистирала античката населба Колобаиса со старите светилишта од една страна и локалитетот Баба, исто така со античка и доцнаантичка населба го става Градиште во заедничка концепција со нив во евентуалната егзистенција во исто време. Овде не треба посебно да се нагласува и близината на комплексниот кокалитет Маркови Кули на кој се среќаваат остатоци на населба, речиси, од сите времиња. Фактот на непостоење никакви археолошки активности поврзани со овој локалитет е вистински хендикеп да се каже нешто повеќе за него, а честите хаварии кои му се случуваат на врвот уште повеќе придонесуваат за бришење на трагите кои денес се присутни на него. Таквите хаварии се толку силни што со своите силни грмежи предизвикани од одроните ги плашат малубројните жители на Дабница со помислата дека се урива самата планина над селото.
Единак од западната страна Карпа на врвот со дел во форма на покрив Обработен дел на карпа за поставување греда Единак (Градиште) од источната страна Двата дела од врвот, кои биле утврдени Јужниот дел од врвот Единак од страната на селото Небрегово (западна страна) Обработена карпа на линијата на ѕидот Поголем издлабен сад во помала карпа во утврдениот дел Обработена карпа на линијата на ѕидот 2 Западната страна на Градиште со Златоврв во позадина Партија до ѕидот 1 Растурени камења од ѕидот на тврдината Растурен дел од ѕидот Дел од ѕидот од источната страна На линијата на ѕидот Градиште од североисток – седлото меѓу двата дела од врвот Издлабен сад во карпа Растурен дел од ѕидот Со Златоврв во позадина Поглед од североисток Дел од основата на ѕидот Зид од тврдината од североисточната страна 2 Дел од ѕид од тврдината од североисточната страна Дел од ѕид од тврдината од североисточната страна 2 Дел од ѕид од тврдината од североисточната страна 3 Дел од ѕид од тврдината од североисточната страна 4 Дел од ѕид од тврдината од североисточната страна 5 Амбиент на седлото межу двата дела на тврдината Посебно заграден дел во утврдениот простор Обработени делови на карпа за поставување греди Карпа на јужниуот врв Зарежани карпи при врвот Зарежани карпи при врвот – со канали за одвод и сл. Карпа со обработени делови за поставување греди
1 Пред неколку години тврдината беше измерена од страна на професорот Виктор Лилчиќ, а во екипата беше и авторот на овие редови.
2 Според првичните наоди констатирани при мерењето на тврдината, таа била активна во периодот од 4 до 6 век од нашата ера, односно во доцната антика.