ИМЕТО НА БОЖИЦАТА СЕМЕЛА И ИМИЊА СО ПОТЕКЛО ОД ХОМЕРОВОТО ВРЕМЕ НА НАТПИСИ ОД СЕЛОТО ДУЊЕ, ПРИЛЕПСКО

На еден од натписите на мермерен споменик од селото Дуње, покрај имиња на личности, се споменува и името на античката божица на Месечината, Семела. Се работи за надгробен споменик со подолг натпис со имиња од римско потекло (Аурелио, Аурелиа), како и имиња со домашно потекло (Лисимах), како и име на жена која го носела името на божицата Семела. Давањето божествени имиња на лица не е потврдено во околните области на Македонија, поради што се смета дека тоа било обичај само во Македонија1. Од митологијата е познато дека Семела му била ќерка на тебанскиот крал Кадмо, а мајка на богот на виното Дионис, кого го родила со врховниот бог Ѕевс. Таа е објаснувана како божица на месечината нарекувана и Селена (Месечина), а била убиена уште со неродениот Дионис од страна на Ѕевс, бидејќи неговата љубоморна сопруга Хера, претворена во сосетка, ја поучила Семела да го наговори нејзиниот љубовник кој доаѓал како обичен смртник, да се појави во својата вистинска форма. Кога тој попуштил на нејзиното убедување и кога се појавил како бог во форма на молња и гром, Семела била изгорена со Дионис во нејзината утроба со кого била трудна во шестиот месец, а Дионис бил спасен од богот Хермес кој го зашил во колкот на Ѕевс, каде недоносеното дете пораснало до девет месеци и повторно било родено2.

Селото Дуње - Панорама
Селото Дуње – Панорама

Според митологијата, таткото и мајката на Семела, Кадмо кој е основач на Теба, по пророштво на Дионис морал да го напушти својот град и како водач на варварски племиња на кочија со впрегнати јунаци ќе ограби многу грчки градови, дури и храмот на Аполон. Кадмо и неговата жена Хармонија, всушност, избегале во земјата на Енхелејците (некаде Енгеланите), кои како племе живееле во околината на денешниот Охрид3. Значи и според митологијата, врските со Семела преку нејзините родители ги наоѓаме и на друг дел од македонската територија. Дали споменувањето на Семела во натпис во селото Дуње значи и развиен култ, како и соодветно светилиште, кое евентуално егзистирало на овој простор, тешко е да се каже. Овој култ се славел со тоа што диви жени, нејзини свештенички, растргнувале на девет дела едногодишен бик кој го претставувал Дионис и потоа ѝ го принесувале како жртва. Едно парче од бикот печеле, а другите делови ги јаделе живи4. Што се однесува до култот кон месечината во Мариово, тој и денес е присутен на своевиден начин, преку верувањето дека постојат жени–бајачки кои можат да ја „симнат“ месечината во гумно. Некоја бајачка од селото Вепрчани, баба Цвета, кое се наоѓа на околу 8 км североисточно од Дуње, ја „симнувала“ месечината во некое од тамошните гумна „и тогај како говедо ревела“5.

Дел од селото Дуње
Дел од селото Дуње

Од селото Дуње водат потекло уште голем број споменици со натпис, од кои дел се вградени во ѕидот на селската црква. На еден од нив, кој денес се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје, се споменува името Епиген Местилон6, при што вториот дел „Местилон“ е со бригиско потекло. Интересно е дека натписот се наоѓа на камена стела со антропоморфна форма7, што се смета за традиција која потекнува уште од праисторијата и архајскиот период. Всушност, традицијата на името, како и традицијата на надгробните споменици со антропоморфна форма, веројатно, влечат корени уште од времето на Бригијците, кои живееле на просторот на денешна Македонија,8 односно, во периодот пред железнотот време, 9-8 век пред нашата ера,9 од кога Бригијците во Македонија ги среќаваме во сè помал број, а нивно кралство се појавува во Мала Азија, но сега под поимот Фригија и Фригијци.10 Особено е интересно нивното присуство во еповите на Хомер, каде се посочува Бригијско потекло на некои од родоначалниците на градот Троја, а ваквото потекло, особено го истакнува таткото на историјата, Херодот. Можеби, токму, ваквите информации од писатели блиски на времињата на преселбите на етнички групи од Балканот во Мала Азија имаат извесна врска со имиња од такво потекло на натписите на мермерни споменици од селото Дуње, како и во поширокиот простор на Мариово, Пелагонија и другите области во Македонија.

Антропоморфна стела со натпис со името Местилон
Антропоморфна стела со натпис со името Местилон

Во Дуње среќаваме навистина интересни лични имиња, кои не поврзуваат со времето на настаните опишани во еповите на Хомер, особено во Илијадата. Така мермерниот натпис на кој се споменува името Семеле (Семела), среќаваме и имиња со старо потекло, односно пандани на имиња на јунаци учесници во Тројанската војна. Меѓу нив се и имињата Диомед, Никомед и Нестор.11 Освен тоа, во текстот од истиот натпис се среќава и пандан на име на еден од античките македонски кралеви, односно кралот Лисимах (287 – 281 п.н.е.).12

Мермерната плоча вградена лево од јужната врата на црквата со имињата: Лисимах, Семела, Диомед, Никомед и Нестор
Мермерната плоча вградена лево од јужната врата на црквата со имињата: Лисимах, Семела, Диомед, Никомед и Нестор

Во прилог на гореизнесеното, интересни се уште неколку споменици со натписи од селото Дуње. Меѓу нив еден мермерен блок вграден десно од јужната врата на црквата „Св. Димитрија“, на кој има натпис во кој се врежани имињата Басо(н) и Места,13 повторно ономастика, која упатува на бригиско потекло, а на еден фрагмент од камена плоча со натпис се споменува името Бејтос Дулес,14 исто така, име со потекло, кое упатува на постарата култура на овие простори. Овде. Ќе го споменеме и натписот со имињата Зосим и Артемисиа,15 кој го среќаваме на мермерна плоча од селото Дуње, која денес се наоѓа во Музејот на град Скопје.

Мермерната плоча вградена десно од јужната врата на црквата со имињата: Басо и Места
Мермерната плоча вградена десно од јужната врата на црквата со имињата: Басо и Места

На тој начин, овие споменици со натписи нѝ даваат исклучителна можност за ономастичко истражување, но и истражување поврзано со етничките и културните врски на овој простор со поширокиот простор на Балканот и Медитеранот.

Фрагментот од плоча со името Дулес Бејтос
Фрагментот од плоча со името Дулес Бејтос

[1] Наде Проева, Прилог кон античката историја на Мариово, Годишен зборник, кн.23, 234.

2 Роберт Гревс, Грчки митови, 48.

3 Исто, 161, 162.

4 Исто, 49.

5 Танас Вражиновски, Народна демонологија на Македонците, ИСК–Прилеп, Книгоиздателство „Матица Македонска“– Скопје, Скопје–Прилеп 1995, 143.

6 Наде Проева, Прилог …, 233. Никола Вулиќ, Споменик…

7 Никола Вулиќ, Прилеп, 154, бр.387.

8 Херодот, Херодотова историја, I – II, Матица српска, Нови Сад 1988 – За Бригијците, а особено под поимот Фригијци, како и за Фригија во Мала Азија се среќава во секој дел од историјата на Херодот, освен во четвртиот и шестиот.

9 Елеонора Петрова, Бриги, Музеј на Македонија, Скопје 1996. Наде Проева, Студија за античките Македонци, HISTORIA ANTIQUA MACEDONICA, посебни изданија, книга 5, Скопје 1997.

10 Исто.

11 Marijana Ricl, INSCRIPTIONES GRAECAE, BEROLINI – NOVI EBORACI MIM, 96 и Табела XXVII, SL. 201.

12 Исто.

13 Исто, 95 и Табела XXVII, SL. 199.

14 Исто, 96 и Табела XXVII, SL. 200. 15 Исто, 96 и Табела XXVII, SL. 202.

15 Исто, 96 и Табела XXVII, SL. 202.