ПРЕДАНИЕТО ЗА МАРКОВИ КУЛИ, ТВРДИНАТА НА ЛОКАЛИТЕТОТ БАБА КАЈ ПРИЛЕП И КРАЛОТ МАРКО

Фактот за можното постоење поголем број населби на тесниот простор околу Прилеп во исти времиња во минатото укажува на доста густа населеност на овој дел на Македонија. Од друга страна, наодите од Маркови Кули, Баба, Трескавец, Ореовец, Мажучиште, Прилепец, Градиште кај Дабница и други локалитети покажуваат токму таква ситуација бидејќи на повеќето од нив се среќаваат археолошки материјали од слични периоди. Сите овие локалитети се поставени во круг кој има само околу десетина километри пречник што укажува на голема густина од стари населби меѓу кои има голем број помали и поголеми локалитети од различни времиња. Во овој просторен комплекс „Баба“ го надополнува чудесниот амбиент од фасцинантни карпести врвови и форми на осамени карпи. Можеби големата населеност на овој простор се должи најмногу на времето на Македонската империја и римскот период кога градењето на населбите, исто така продолжило, се чини, со несмалено темпо. Токму завршувањето на овој период на силен развој значи и крај на населбата на „Баба“, заедно со нејзината тврдина.

Дел од тврдината на Маркови Кули - Прилеп
Дел од тврдината на Маркови Кули – Прилеп         
Марко Цепенко
Марко Цепенко

Долгиот период активно живеење е главен „виновник“ за големиот број културни остатоци со кои е исполнет просторот на „Баба“, кои од своја страна предизвикале и создавање духовни творби, исто така поврзани со долгото активно живеење на овој простор. Тие се надополнети со фасцинацијата од природните форми на карпите и целиот простор на овој локалитет со кој доминира големата карпа – „Баба“. Меѓу нив ние ќе се осврнеме на преданието кое овој локалитет со траги од древна населба го поврзува со Маркови Кули каде што, исто така опстојувала таква населба. Преданието кое е запишано и од поголем број постари автори се уште е живо и меѓу жителите на денешните околни населби како и во Прилеп. Тоа е запишано и од најголемиот запишу­вач на народни умотворби со потекло од Прилепско (с.Ореовец) Марко Цепенков. Тоа говори за изградбата на тврдината за време на Кралот Марко кога камен се носел од Кукул, односно од рудникот кој се наоѓа во непосредна близина на Баба и овие два локалитета често се нарекуваат под едното или другото име како да се работи за еден. Еве како го прнесува ова предание Марко Цепенков:1 – „Собрал Марко мало, големо, луѓе што имало во Прилепцко и ‘и донесол да носат камење и наредил чоек до чоек од Маркои кули дури до другиот крај на десната гранка од планината Кукул за да подаваат камење од рака на рака.“ Кукул е ридот на кој се наоѓа и „Баба“, како и погоре споменатиот рудник за камен. He e исклучено дека рудникот за камен работи од поодамна, но врската на која упатува преданието е можеби сосема друга и таа се однесува токму на локалитетот „Баба“ на кој исто така имало тврдина. Тешко е да се потврди дали тука има и историски факти за некакво пренесување на каменот од оваа тврдина за обновување на тврдината на Маркови Кули, но доколку претпоставиме дека таа, во тоа време, престанала со активно живеење сосема е можно каменот што го имало во изобилство да бил пренесен на Маркови Кули. Зашто сосема е логично да се претпостави дека при постоење готов камен за градба да не се прибегнува кон дополнителен труд и губење време со кршење на нови количества. На тој начин сме поблиску до можноста дека преданието навистина упатува на автентичен настан што се случил во XIV век со доаѓањето на Кралот Марко на власт во кралството Македонија со кое владеел неговиот татко Волкашин. Ваквата можност, веројатно, може да биде докажана или отфрлена со стручно споредување на материјалите од двете места. Преданието за градбата на тврдината на Маркови Кули во времето на Крал Марко со камен од Кукул (Баба) содржи подолга трогателна приказна во која дел од дејството е поврзано повторно со „Баба“. – „Помеѓу друзите жени имало и дојници со мали деца, и тие требало да подаваат камење, а децата им плакале сите што биле. Нашле една стара баба за да му ‘и лулат и пошле та ја намолиле од Марка за да не носит бабата камење, ами таа на сите да му ‘и лулат децата“ – раскажува понатаму Марко Цепенков додавајќи дека бабата во силната мака која ја снашла со стотина деца во лулки проколнала камен на камен да не остане од градбата што се градела и таа самата да се скамени, та ја послушал господ и ја скаменил заедно со децата во лулките.2 „И за големо чудо, и скаменил Господ сите дечиња што и лулала бабата и сите стојат пред баба наредени, како што си биле крошни со стотници. Секој чоек кога ќе врвит тука по предание ќе речит: – ’Лулај, бабо, лулај скамнети деца!’“

„Баба“ со делот со тврдината
„Баба“ со делот со тврдината

Освен преданието кај Марко Цепенков има делови кои упатуваат и на остатоците на древната населба на Баба–Кукул. Така тој, меѓу другото, пишува: – „На Кукул имало ѓоа и тарапана (ковачница за пари, з.м.) што се сечело пари, чунки мнозина нашле тамо по некоја бакарна антика, како и на Маркои Кули. И сега се познава оти како да се работело железни работи, чунки има камење дупени како да стојало накоална и друзи работи.“