ДРЕВНИТЕ КОРЕНИ НА „БУКОВСКИ МАНАСТИР“ КАЈ СЕЛОТО БУКОВО, БИТОЛСКО

Сместен на неколку километри од селото Буково, Битолско, во висока букова шума, малку скриен од погледот од рамнината Пелагонија, на една поголема зелена тераса со извори за вода, манастирот „Св. Преображение“, познат како Буковски Манастир, крие многу тајни и завидни културни траги од подлабокото минато на овој простор. Уште на самата порта, на дрвена подлога ве среќава натпис со името на манастирот и годината во која бил подигнат, односно 1837. Од натписите на убавата црква, како над влезните врати, така и во внатрешниот дел, се забележува дека се користело грчко писмо и јазик. Над влезната врата од западната страна, која денес е заѕидана поради голем број кражби во црквата, натписот говори за времето на подигањето на црквата, во време на митрополитот Герасим, кога во манастирот бил игумен Натанаил. Од натписите на некои од иконите поставени на иконостасот во црквата се забележува дека тие потекнуваат од времето по изградбата на црквата. На една од иконите, посветена на св. Богородица, која е во седечка положба и посветена на молитва вп присуство на небесен ангел, стои натпис со посвета од 1862 година. Тоа, веројатно, е и годината кога бил подигнат иконостасот, додека ѕидовите во внатрешниот дел се сосема бели, без живопис. Од ентериерот на црквата, особено внимание привлекува светиот престол изработен од дрво со длаборез и двете колонади од крушно обработени камени елементи. Камбанаријата, која е висока камена кула изградена од североисточната страна на црквата потекнува од подоцнежно време, односно од 1900 година.

Црквата - поглед од конакот
Црквата – поглед од конакот

НА МЕСТОТО НА МАНАСТИРОТ ПОСТОЕЛА И РАНОХРИСТИЈАНСКА БАЗИЛИКА, ВЕРОЈАТНО ВО ПОРАСКОШНИ ДИМЕНЗИИ

            Самиот факт, што селото Буково се наоѓа во близина на остатоците на античкиот град Хераклеја упатува на извесен однос на современата населба со овој познат археолошки локалитет, односно, на извесна заемност од која произлегуваат и соодветни вредности. Можеби токму на тоа се должи и фактот што во кругот на Буковскиот манастир, како и во негова близина се среќаваат поголем број објекти – делови од постара градба,1 кои по формата и естетиката комуницираат со времето на градот Хераклеја. Некои од елементите упатуваат на ранохристијанска црква, веројатно од типот на базилика, но и такви, кои можеби имаат уште постаро потекло. Фактот што Хераклеја е град од кои потекнуваат поголем број епископи, а градот бил и епископско седиште,2 уште повеќе ја зацврстува веројатноста од постоењето на таква ранохристијанска градба на местото на денешниот манастир кај Буково. Тоа значи дека ова светилиште има многу постари корени, а можеби и долг континуитет на постоење, а денешната градба на црквата е само обновен христијански храм во 1837 година.

Црквата - поглед од северозапад
Црквата – поглед од северозапад

Во градбата на конакот од манастирот во еден од аглите е вградено едно ранохристијанско прозорско мено, додека пред конакот се наоѓа и еден фрагмент од поголем мермерен столб. Многу повеќе внимание привлекува една голема мермерна основа од столб, која директно упатува на формата на некогашната античка градба на овој простор. Таа е со пречник од околу 0,80 м изработена во еден дел со квадратна форма како нејзина подлога. Денес се наоѓа од левата страна на влезот на малата камена црквичка, „Св. Ѓорѓи“, на околу 100 м пред манастирот „Св. Преображение“. Од десната страна на влезот во црквичката се наоѓа помал мермерен блок, а два помали фрагменти од столбови се наоѓаат лево и десно од чешмата во близина.

Црквата од југ
Црквата од југ

На тој начин на теренот на Буковскиот манастир среќаваме видни остатоци од некогашната архитекторнска градба или можеби, остатоци од градби од различни времиња. Не треба да се исклучи ни претпоставката дека на ова место имало и постари градби од сличен карактер, соодветно на времето во кое постоеле.