Поскок или камењарка (Vipera ammodytes) – с. Селце, Прилепско
Една од змиите, кои почесто се среќаваат во природата на Република Македонија. Не се агресивни и не напаѓаат без причина. Опасни се само ако и самите бидат доведени во опасност. Затоа е препорачливо да внимаваме кога се движиме во природа – каде газимие, каде седнуваме, каде посегаме со раце и сл.
Поскокот е припадник на змиите отровници (Viperidae). Живее во јужниот дел на Европа, на Балканскиот Полуостров, како и во некои области на Блискиот Исток. Според отровноста, во Македонија и цела Европа, оваа змија го зазема првото место. Тоа ѝ го овозможуваат нејзините карактеристики – нејзината големина (достигнува должина и до 0,95 м), долгите заби, кои достигнуваат и до 13 мм, а особено силниот отров кој го поседува. Се разликуваат 5 вида поскоци, според бојата, според шарата, како и според рокчето на самиот врв на муцката.

Поскокот најлесно ќе го препознаете по рокчето, кое го има на главата, како и по шарата на грбот, која може да биде потемна или посветла и се протега брановидно по целиот грб. Рокчето може да биде различно поставено. Во јужните краишта рокчето на поскокот е исправено, а во западните е закосено нанапред. Женките за малку ги надраснуваат мажјаците на поскокот. Поскокот може да се сретне во суви и каменести предели, на рабовите на шумите, но и во делови во кои се движат и луѓето, како во обработливите површини, лозјата, шелезничките насипи и на други места каде, за исхрана, лови глувци, помали птици, жаби, инсекти, а се хранати и со други змии, па дури и од нивниот вид.

Иако меѓу луѓето постои вообичаен и нагласен страв од змиите, важно е да се знае дека поскокот е мрзелив, обично долго лежи на исто место, топлејќи се изложен на сонце на некоја карпа, на работ од некоја шумичка или на кое било друго место и не е многу активен. Важно е само да не биде изненаден, особено не нагазен или допрен со рака, односно да не биде доведен во опсаност, кога може да нападне. Неговиот отров е особено токсичен. Неговата токсичност е иста со онаа на отровот на ѕвечарките и дејствува на нервниот систем како и на крвта, преку засирување. Каснувањето на поскокот создава болка и отекување на местото, како и промена на бојата на кожата на местото на каснувањето. Во таков случај, особено е важно брзо да се обезбеди медицинска помош, но важно е да се знае и тоа дека има личности кои се алергични на привотровот, зашто за нив, тој може да биде и поопасен.

Во медицината отровот на поскокот се користи за подготовка на противотров од каснување од други змии.
Во овој случај, ние ќе ви претставиме еден примерок на поголем поскок, со должина од околу 0,80 м, со кого имавме случајна средба на работ на шумата, во околината на селото Селце, Прилепско, на патот за селото Кокре (пазаџискиот), пред месноста, позната како „Дуна Нива“.