АНТИЧКАТА НАСЕЛБА СО ГРАДСКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ЕЛЕНИК“ МЕЃУ СЕЛАТА МОЈНО И МУСИНЦИ

Еленик е еден од позначајните археолошки локалитети, на источниот раб на Пелагонија. Тој претставува поголем рид со платó на врвот на кое има остатоци од стара тврдина, како и разновидни остатоци од археолошки материјал – фрагменти од керамички садови, тегули, фрагменти од питоси, монети и друг вид метални предмети. Расположен е на крајниот дел од еден крак на Селечка планина, кој се спушта од североисток кон југозапад. Во истиот правец, во рамниот дел на Пела­гонија е расположено селото Мусинци, а од југоисточната страна на овој рид е рас­положено селото Мојно. Освен на просторот на ридот, фрагменти од раноантичка керамика, од садови, тегули, покривна кера­мика и сл. Се среќаваат и на неговите падини и око­л­ните ниви, а потврдени се наоди и на монети од македонските кралеви од раната антика. Од овој локалитет потекнуваат монети на македонските кралеви Филип II (359-336), Касандар (316-297), Филип V (220-179) и Персеј (179-168), на македонските градови Амфипол, Пела, Тесалоника (Солун), како и на римските императори Констанс (320-350) и Валентинијан I (321-375).

Еленик од југозапад
Еленик од југозапад

Со керамика, особено се богати јужните падини на ридот Еленик, кои припаѓаат на атарот на селото Мојно, како и по површината на пониските и рамни делови од таа страна кои, веројатно биле дел од отворената населба. На овие површини се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси, тегули, покривна керамика и сл. На платото на ридот, кое било утврдено со ѕид од камен, освен керамиката, на карпите по неговата површина се среќаваат и поголем број обработени форми, остатоци од неко­гаш­ните градби од кои се среќаваат и друг вид остатоци, односно, градежен материјал, како камен, тегули, покривна керамика и сл. Горната површина на ридот има елипсовидна форма, и обѕидана со ѕид од камен претставувала акропола со градби на самото платó, во утврдениот дел. Зафаќа површина од околу 1000 m2. За време на Првата светска војна на платóто биле направени ровови, како и голем број мага­цин­ски простории на северните падини. Со тоа бил разорен голем дел од културните слоеви, а веројатно е однесен и дел од археолошкиот материјал кој, евентуално, се појавил при копањето на рововите.

Еленик од југоисток
Еленик од југоисток
Еленик од југоисток
Еленик од југоисток

ВИНАРНИЦИ ВО КАРПА НА СЕВЕРОЗАПАДНИТЕ ПАДИНИ

Во понискиот дел на карпите од северните и западните падини на ридот Еле­ник, од страната на селото Мусинци, се среќаваат и две убаво обработени двојни корита – винарници. Освен поголе­мото корито кое служело за гмечење на грозјето, во долното, помало, корито во кое се цедел сокот има издлабено и помало корито на дното, за собирање на талогот. Овие два објекта – винарници во карпа –  укажуваат на тоа дека во античкиот период на овој простор се одгледувала винова лоза.

Убаво изработен винарник во карпа
Убаво изработен винарник во карпа
Уште еден винарник во карпа
Уште еден винарник во карпа

Според едно предание, кое го раскажуваат жители од селото Мусинци, нивното село, во некој дамнешен период, се викало Еленик, како и ридот со локалитетот и дека селото некогаш се наоѓало на овој локалитет, но во подоцнежно време жителите се преселиле во нискиот дел. Во турскиот период неговото име е сменето во Мусинци по извесен борач – Турчин, кој се викал Муса.

КУЛТНА ПЕШТЕРА НА ЗАПАДНАТА ПАДИНА НА „ЕЛЕНИК“

На жителите на околните села, особено Мусинци и Мојно, на локалитетот „Еле­ник“ вниманието, особено, им го привлекува една помала, но добро оформена пештера во една од пониските карпи на ридот од неговата западна страна. Таа во нејзиниот внат­решен дел зафаќа површина од дваесетина метри квадратни и прет­ста­вува добра заштита од дожд и од ветар. Оформена во централниот дел на западниот профил на карпата, со жолто–кафева боја, посебно го предизвикува вниманието. Може да се каже дека овој објект во камен имал и културен аспект. На тоа упатуваат извесни симболи со неколку кружни и една каналеста форма, кои на пештерата и даваат културен белег, поврзан со некаков третман во древното минато. Познато е дека ваквите форми, пукнатини, шуплини, јами и пештери во постарите периоди, особено пред појавата на христијанството биле посебно почитувани како престојувалишта на божества и на надземски сили. Има голем број примери на пештери кои во претхристи­јанскиот период биле посветувани на разни богови и претставувале вистински светилишта. Токму поради ова сознание, како и сознанието дека таа се наоѓа на падините на Еленик (кој е локалитет со остатоци од населба со тврдина од раноантичкиот период), а исто така и поради симболите на нејзините внатрешни карпести површини, се одржува претпостав­ката дека и оваа пештера имала посебно значење за жителите на раноантичката населба или можеби била посветена на некој од античките богови.

 

 

ФРАГМЕНТИ ОД АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ:

Еленик од северозападната страна
Еленик од северозападната страна