АрхеологијаДревни траги

КОРЕНИТЕ HA ЧОВЕЧКАТА ЕГЗИСТЕНЦИЈА, ЛОКАЛИТЕТОТ МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП И ПЕЛАГОНИЈА

Археолошките наоди од просторот на Маркови Кули и селото Ва­рош заедно со остатоците на човековиот престој низ милениумите се на­вис­тина во таков број и квалитет така што, се чини дека науката е сосема на почетокот на нивното вредување во посебните епохи на населување на овој комплексен локалитет. Континуитетот на населување, според досе­гаш­ните сознанија, е сосема длабоко закоренет во самите почетоци на чо­веч­ката егзистенција. Колку е долг тој континуитет на непрекинато созда­вање разновидни творби на човековата имагинација, креативност и мајс­торство? Големиот број вид­ли­ви интервенции по вулканските карпи на Маркови Кули од различни времи­ња силно ја поткреваат возбудата кај љубопит­ниот наб­љу­дувач. Самите огромни монолити често со своите иритирачки форми предизвикуваат восхит или чудење со својот митски изглед  надополнет со помали или поголеми интервенции низ времето на нивно активно корис­те­ње во животна неопходност или култно третирање. Голем број од овие големи гранитни монолити ја будат асоцијацијата за исконот на поста­нокот на природата во својата мртва и жива форма во која со ум и со тело се вклучил и човекот во некое сосема далечно време. Затоа праша­њето дали токму овде, меѓу овие карпи и во падините околу нив не егзистирале уште најстарите предци на човекот не треба да биде отфрлено како неоправ­дано. Всушност, тоа треба да се однесува на целиот период на постоење на човекот во сите фази на неговиот развој пред преминот во homo sapiens и потоа. Тој период се однесува на последните 2 милиона години.

Врвот Чардак - Маркови Кули, Прилеп
Врвот Чардак – Маркови Кули, Прилеп

Непостоењето систематско археолошко истражување со следење и анализирање на археолошките остатоци од сите времиња не само во при­леп­скиот крај, туку помалку или повеќе во цела Македонија, претставува вистински хендикеп при секој обид да се каже нешто повеќе, посебно за најстариот археолошки период во кој е присутен човекот, палеолитот. Нешто повеќе истражувања има на просторот на Егејска Македонија кој е во непосредна комуникација и со денешниот простор на Република Маке­донија и е подрачје кое ги поврзува Европа, Азија и Африка што од своја страна значи дека овде неминовно егзистирал најстариот предок на чове­кот кој е познат за денешната наука. Тоа на свој начин го потврдуваат и наодите од пештерата Петралона на полуостровот Халкидик. Таму е пронајден череп на човек1 со прастаро потекло кој денес е предмет на раз­лични толкувања со одредени заклучоци дека му припаѓал на неандер­талскиот тип човек, машка индивидуа. Палеолитски наоди има и во Јужна Македонија во подрачјето северозападно од планината седиште на боговите Олимп на локалитетот Палеокастрон2. Овде е пронајдена камена секира од т.н. ашелски тип која се појавува пред околу 100 000 години.

Цртежи на карпа од Маркови Кули и „Баба“ кај Прилеп
Цртежи на карпа од Маркови Кули и „Баба“ кај Прилеп

          Во поблискиот простор на Прилеп се пронајдени сосема ретки наоди од палеолитскиот период во околината на Битола. Се споменуваат два каме­ни предмета пронајдени за време на Првата светска војна од страна на францускиот археолог Етиен Пат. Едниот од двата предмета од камен е пронајден во околината на селото Христифорово, а другиот кај селото Буково3. Двата палеолитски наоди од Битолско се чуваат во Франција каде што ги однел пронаоѓачот. Како што пишува археологот Паско Кузман палеолитскиот човек, според пронајдените орудија кај Битола, е можно да егзистирал во Пелагонискиот реон и на источните падини на планината Баба. Во својот труд тој додава дека за периодот од 100 000 до 35 000 год. пред нас кога егзистирала неандерталската група луѓе во Ма­ке­донија се значајни уште неколку наоди од околината на Велес, а посеб­но од околината на планината Бабуна и Осоговските Планини. На овие простори се пронајдени неколку значајни артефакти кои укажуваат на при­суството на палеолитскиот ловец. На Марковите Кули за кои овде станува збор, како и нивната околина која е преполна со археолошки наоди од каменото време до денес не се познати наоди од палеолитот, пред сè заради непостоењето слични истражувања од страна на соодветни стручњаци.

Цртежи на карпа од Маркови Кули кај Прилеп

Затоа, пак, познати се наодите на археолошки остатоци од следниот архе­о­лошки период, новото камено време (неолитот) датирани со потекло од пред околу 7–8000 години4. Ваквите наоди можат да бидат само претпос­тав­­ка за можно постоење на наоди од постариот период палеолитот (ста­рото камено време). Тоа значи дека на овој простор е можно да се кријат пронајдоци од самите корени на човечкатата култура, од нејзиниот заче­ток од елементарна биолошка егзистенција кон култивирана форма на постоење.