АрхеологијаДревни траги

ГОЛЕМИОТ АНТИЧКИ ГРАД СТИБЕРА КАЈ С. ЧЕПИГОВО 3

ТРАГИ ОД ХРАМОВИ, СПОМЕНИЦИ СО КУЛТНИ ОБЕЛЕЖЈА И КУЛТНИ НАТПИСИ ОД СТИБЕРА

– Во Стибера е пронајден еден натпис кој говори за култното тре­ти­­рање на реката Еригон (Црна Река), кој претставува прв наод со кој се потврдува култноста на оваа река во антиката. Пронајдено е и едно парче мермер со изра­ботена молња во релјеф, што е симбол на врховниот бог во антиката Ѕевс. Во рамките на гимнази­о­нот во Стибера, кој е археолошки истражен, има хероон со светили­ште во кое имало статуи на боговите заштитници на мла­дите, Хера­кле, Асклепиј и Хермес. Во рамките на гимназионот се пронајдени и жрт­веници посветени на овие богови.

Храмот на Тихе од предната страна
Храмот на Тихе од предната страна

Град каков што бил Стибера во Антиката, веројатно, располагал со поголем број храмови посветени на античките божества. Освен храмот на божицата на судбината Тихе, кој археолошки е истражен и реконструиран до извесна висина на ѕидовите, во Стибера се пронајдени и траги од свети­ли­ш­та на други богови. Голем дел од архе­о­лошките истражувања не се соодветно документирани и затоа е тешко да се направи реконструк­ци­ја на откопаните објекти. Археологот Иван Микулчиќ, се обидел тоа да го направи врз основа на извесни фотографии и скромната документација за делови од раскопаните објекти, од Драгица Вучковиќ – Тодорвиќ. При првото познато копање на археоло­зи­те во Стибера, она на археологот Никола Вулиќ од 1924 година, наоѓаните археолошки пред­мети се директно вадени од земјата без да се раскопа и документира просторијата во која стоеле тие. Микулчиќ, сепак, успеал да направи солидна рекон­струкција на објектите истражувани од археолозите и, притоа, дал јасен приказ на посебните делови на гимназионот и храмот на Тихе.1 Во нив се пронајдени голем број на споменици со култни белези, статуи на божества и сл.

Храмот на Тихе од југоисток

ПОСЕЈДОН, БОГОТ НА РЕКАТА ЕРИГОН И НИМФИТЕ

Посејдон
Посејдон

При археолошките ископувања, вршени 1959 година е откопана и една мала пор­та која била широка само 0,8 m, која се наоѓала во близина на гимназионот,2 поточ­но до делото од него наречен хероон. Оваа мала порта, во хеленистичкото време служела како одводен канал за дождовницата од средниот дел на градот и водата од светиот бунар во храмот на Тихе. На јужниот довратник од оваа мала порта е пронајден еден мермерен блок со натпис вграден во ѕидот. На натписот се споменуваат три култни имиња и тоа името на богот на морето Посејдон, името на богот на реката Еригон, (Црна Река) и Нимфите.3 Овој натпис претставува прв аргу­мент за култното третирање на реката Еригон во антиката. Тој укажува на фактот дека во антиката и во овој дел на Балканот бил обожуван богот на морето Посејдон, а култот кон водите, аналогно на тоа, и на самите реки е потврдуван повеќе пати. Во овој контекст, интересен е фактот дека реките се почитувале како вистински богови. Уште во еповите на големот антички поет Хомер, Илијада и Одисеја, се среќаваат реки „богови“. Така, на пример, богот на реката која течела во близина на градот Троја, Ксант или Скамандар, се замешал при една крвава борба во која големиот јунак Ахил сече сè пред себе, при што убива голем број Пајонци. Водата на Скамандар била полна со човечки тела и станала црвена од нивната крв. Богот на реката се сожалил и налутил и го прекинал Ахил во безмилосното сечење на Пајонците. Во стихо­вите на Хомер се забележува дека кога поетот сака да укаже на реката ја нарекува Скамандар, а кога упатува на богот на реката тој го нарекува Ксант. По убиството на водачот на Пајонците дојдени од долината на реката Аксиј (Вардар), Астеропај, разјарениот Ахил, уште повеќе се разгневил и ќе убиел уште многу Пајонци да не се замешал самиот речен бог, кој се појавил во човечки лик и строго му се обратил на јунакот:

„повеќе Пајонци уште ќе убиел брзион Ахил

Да не му викнела гневнодлабоката виреста река

Сторена слична на човек што викал од длабока вира.“4

На друго место во Илијадата божествен лик ѝ се дава и на реката Аксиј (Вардар):

„синот на Пелегона, што широкострујниот Аксиј

г’ еднаш с’ Перибоја родил, најстарата ќерка од оној

Акесамен, зар Токот ја обљубил длабок и вирест.“5

Реката Еригон (Црна Река), и денес, од народот што живее крај неа е почиту­вана како мистична сила. Имено, во некои места живо е преданието за злокобното одземање на реката, секој ден, по еден живот, поради што и е наречена Црна Река. Ова предание, изнесено како верување во злокобноста и обожување на моќта на реката, допира до нејзиното древно култно третирање.

Портикот за канал со вода и кеменот со култен натпис
Портикот за канал со вода и кеменот со култен натпис
Мермерниот блок со култен натис посветен на Посејдон, Еригон и нимфите
Мермерниот блок со култен натис посветен на Посејдон, Еригон и нимфите

За градот Стибера, кој се наоѓал на местото на денешното село Чепигово и во неговата околина, интересно е „присуството“ на богот Посејдон, кој е бог на морето и на водите, воопшто. Негов христијан­ски пандан, денес може да се земе светецот Св. Никола, кому му е посветена и современата христијанска црква во Чепигово. Градба­та на оваа црква е подигната со материјал од древните градби на Стибера, меѓу кој и големи мермерни блокови, различно профилирани и орна­мен­тирани. Прашање е дали одделни камења не остваруваат „дирек­тна врска“ со некој антички храм?

МОЛЊАТА НА ВРХОВНИОТ БОГ ЅЕВС

Од Стибера потекнува и една претстава на молња со три краци од двете страни во сноп, изработена на посебен мермерен блок во релјеф.6 Молњата е еден од клуч­ните атрибути на врховнот бог Ѕевс, кој токму со молњата и громот владее со своите потчинети олимписки богови, кои често знаат да бидат и немирни. При еден случај Ѕевсовата жена Хера заедно со боговите, Посејдон, Аполон и другите олимписки богови го фатиле Ѕевс на спиење и го врзале со нештавени кожи, врзувајќи го со стотина јазли, така што врховниот бог не можел ниту да мрдне. Молњата ја ставиле далеку од него, за да не може да допре до неа и да ги казни за направеното дело. Од ваквата судбина го ослободила нереидата Тетида, повикувајќи го сторакиот џин од Македонија, Бријареј, кој со своите сто раце брзо ги одврзал јазлите со кој бил изврзан Ѕевс.7 Како и многу други споменици кои потекнуваат од Стибера и ова парче се наоѓа во Музејот на Македонија во Скопје. Дали споменатиот знак изработен во релјеф укажува на посто­ење на многу поголема и позначајна градба, посветена на врховниот антички бог, е теш­ко да се каже. Веројатноста дека под земјата на локалитетот „Бедем“ кај Чепигово се кријат уште голем број храмови е голема.

Ѕевс
Ѕевс
Херкул_Musei_Capitolini_MC1265
Херкул_Musei_Capitolini_MC1265

Во рамките на гимназионот при ископувањата се пронајдени остатоци од статуи на боговите – заштитници на младите Асклепиј, Херакле и Хермес. Торзата на Херак­ле и Хермес биле однесени, додека статуата на Асклепиј, богот на здравјето и меди­цината била пронајдена цела, скршена во неколку парчиња.8 Како што е познато, од старо лекарско семејство од школата на Асклепијадите потекнува и големиот филозоф Аристотел, чиј татко Никомах му бил лекар на македонскиот крал Аминта, таткото на Филип II на дворецот во Пела.9 Во оваа стара лекарска гранка, про­фе­сијата лекар преминувала од таткото на синот.

Претстава на Херакле е пронајдена и од пораниот период, т.н. хеленистич­ко–римски. Се работи за убаво изработена глава на Херакле од керамика.10 На неа Херакле е претставен со густа брада и мустаќи и со одлучен поглед.

Статуите на божеставата Херакле, Асклепиј и Хермес биле поставени во пред­дворјето на хероонот од гимназионот, покрај неговиот источен ѕид, кој во средината имал една полукружна ниша (камара). Пред нишата стоел и еден жртвеник посветен на божествата.11 Овој дел во гимназионот, всушност, претставувал светилиште на боговите заштиници на младинците, кои биле воспитувани во гимназионот. Пред нишите во ѕидот на хероонот стоеле три жртвеници од кои едниот е пронајден при ископувањата на Драгица Вучковиќ – Тодоро­виќ во 1953 година, кој се истркалал кон средината на салата.12 Овој жртвеник има форма на низок кубус, кој имал правоаголна длабна­тина на горната страна која служела за принесување жртви.

1 Иван Микулчиќ, Стибера, Македонско наследство бр.1, Македонска ци­ви­лизација, јули 1996, Скоп­је.

2 Исто, 33.

3 Исто, Marijana Ricl, INSCRIPTIONES …, 150, бр. 321.

4 Хомер, Илијада.

5 Исто.

6 Никола Вулиќ, Прилеп, 190.

7 Роберт Гревс, Грчки митови, 46.

8 Иван Микулчиќ, Стибера, 28.

9 Милош Ѓуриќ, Аристотел, Издавачко предузеће „Рад“, Београд, 1959, 6.

10 Ivan Mikulčić, Pelagonija …, 86.

11 И. Микулчиќ, Стибера, 28.

12 Исто, 29.