ФРАГМЕНТИ ОД ГОЛГОТАТА НА МАНАСТИРОТ „УСПЕНИЕ ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – ТРЕСКАВЕЦ“ КАЈ ПРИЛЕП

ДОКУМЕНТИ ЗАПИШАНИ НА ЅИДОВИТЕ НА МАНАСТИРОТ И НА КАМЕНИ ПЛОЧИ

По последниот пожар
По последниот пожар

Многувековното, па и многуилјадно постоење на светилиштето под на планината Бабуна, под култниот Златоврв кај Прилеп, следено преку археолошките податоци и разновидните документи оставени како натписи на ѕидовите на градбите и на камени (главно мермерни) плочи пренесуваат слика за вистинска голгота на оваа света градба. Тие говорат за бурни времиња, рушење и пожари со уништувачки капацитет, но и за самопрегорно обновување и повторно воздигнување на манастирот и црквата. Неретко, освен конаците, штети претрпувала и самата црква, но вредните раце на православните христијани постојано го обновувале и разубавувале целиот комплекс, кој повторно се воздигнувал под гордиот и свет Златоврв, горе под небесата.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ - од последната „Голгота“
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – од последната „Голгота“

Еднa од постарите документирани „трауми“ на манастирот се случилa меѓу XV век и XVI век (1570 година) кога тој доживеал уште едно рушење, при што бил урнат источниот дел на црквата, заедно со апсидата. Во тој период се случила и познатата Мариовска буна против Турците, што го наведува археологот Бошко Бабиќ уривањето на црквата да го поврзе, токму со овој настан, а притоа имајќи го предвид фактот што меѓу водачите на побунетите имало и христијански свештеници. За овој настан говори еден натпис посветен на сликањето иуредувањето на олтарот во 1570 год., според кој оновата ја организирал и овозможил извесен Стојан Хранчев со неговата жена. На натписот се забележани и имињата на тогашните црковни старешини игуменот Пахомије и епископот Григориј.1 Од периодот на XVI век потекнуваат вредни христијански и уметнички дела создадени во манастирот. Пред се, тоа се древната врата на влезот од егзонартексот во припратата и опковот на кориците на Евангелието со релјеф на кој е претставено слегувањето во адот (пеколот).2

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ - северна страна
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – северна страна
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ - јужна страна
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – јужна страна

Разновидните насилни рушења и уништување на манастирот од пожари и слични деструкции предизвикале создавање на голем број преданија со мистична содржина. Според едно од таквите преданија, во манастирот се заклани голем број монаси, а од нивната крв се создала голема ламја, поради која манастирот запустил и така запустен останал долго време, односно повеќе од 100 години.3 „Повела божја: од крвта калуѓерска оживеало еден ѕвер и заптисал манастирот. Ништо живо не пропуштал нито во манастирот, нито околу манастирот“, – пренесува Марко Цепенков.4 Слично пишува и Георги Трајчев, изнесувајќи дека манастирот останал пуст 160 г. – „После тоа му се нажалило на Бога и пуштил гром од небото кој мавнал на големото кубе во црквата и го убил змејот. Долго време никој не разбрал за убиството на змејот. Еден ден наближиле до манастирот овчари со овците. Едно од кучињата случајно влегло во манастирот и кога се вратило муцката му била окрвавена. Овчарите се осмелиле да влезат и така го виделе убиениот змеј. Го извес тиле народот и манастирот бил очистен и повторно отворен“, – раскажува Трајчев.5

Плоча од 1926
Плоча од 1926
Плоча со натпис од 1931
Плоча со натпис од 1931

Кај Јордан Хаџиконстантинов–Џинот приказната е пренесена со некои поинакви елементи. Тој говори за бројка од 700 монаси кои биле присутни во манастирот, за разлика од останатите запишувачи на преданието кај кои оваа бројка е 300. – „…но кога се расшетавала вМакедонии (се однесува на извесна царица Марија), во време на султана Мехмета II дошла е во Трескавец и поискала од старците опроштение и да се причести“ – пренесува, меѓу другото, Џинот.6

Плоча од 1867 година 1
Плоча од 1867 година 1
Плоча од 1867 година 1
Плоча од 1867 година 2

ЗА КАКОВ ЅВЕР СТАНУВА ЗБОР

Што се однесува до тоа што бил ѕверот (ламјата) во преданието не е прецизирано. Според едни раскажувачи тој бил ламја, а според други гуштер со крилја кој шетал и надвор од манастирот и правел разни штети. Се поставува логично прашање што станало со неколкуте стотици убиени калуѓери доколку преданието пренесува евтентичен настан кој се случил пред повеќе од 5 века. Дали навистина по еден таков масакр никој не стапнал во манастирот цели 160 години? Тоа значи дека калуѓерите останале на местото на масакрот без да бидат закопани нивните тела. Според она што е пренесено кај Марко Цепенков тоа навистина било така. Имено, тој пренесува: – „На ден Богоројца кога биле народот во Варош во црквичето Пречиста (здрава је и денеска), у литургија чуле еден трескот голем од зад Маркои кули и дури се исплашиле.„ И Цепенков вели дека народот научил од овчарите „оти в манастир трештило од ведрина и ровјата удрила над црква“. Нешто понатаму вели: „Тогај како да му притекнало оти ет убиен ѕверот, та се престрашиле и се насобрале луѓе обружани, та му пошле в манастир и овде–онде, еве ти го ѕверот убиен стред црква, на коските од кауѓерите.“7

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ - јужна страна
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – јужна страна
Црквата пред околу еден век
Црквата пред околу еден век

Значи по 160 години откако се убиени калуѓерите од чија крв се родила ламјата по нејзиното убиство од гром, според преданието, коските на убиените се уште биле тука заедно со мртвото тело на ѕверот. Тоа значи дека за цело време додека бил присутен ѕверот во манастирот имало грозна слика од тела и скелети во распаѓање. Дали ламјата не е персонификација за некоја строга турска забрана за одење во манастирот по немирните години на XV и XVI век во кои се случиле забележаните буни против турската власт во прилепскиот и мариовскиот крај? Зашто имајќи предвид дека меѓу големиот број калуѓери и христијански свештеници кои престојувале во манастирот веројатно имало и лица со развиен интелект и стекнато образование и не е никакво чудо некој од немирите да произлегол токму оттука. Всушност, може да се претпостави дека од нив имало дури и во самите водачи на буните. Тоа сигурно би предизвикало кај турската власт силен бес кој предизвикал можеби и голем масакр каков што,

всушност, опишува и преданието, но под други услови. Инаку, познато е дека двајца свештеници од Мариово кои биле водачи на Мариовската буна биле прогласени за најопасни непријатели на турската власт и имало наредба за нивно безусловно фаќање живи или мртви.8

Силата на светоста на ова култно место, сепак, не можела да биде прекината ниту со такво запустување на манастирот и по долгите години прекината активност тој повторно е обновен, се разбира, со дозвола на тогашната власт. Со ова предание и обновата на манастирскиот комплекс со црквата посветена на мајката божја и заживувањето на манастирот, на извесен начин, коинцидира пренесената содржина на натписот од олтарот во кој главни сподвижници се Стојан Хранчев и неговата сопруга. За жал, за овие два лика, кои веројатно биле големи верници и членови на некое истакнато христијанско семејство, немаме никаков друг податок.

СИЛЕН ПОЖАР ГО ИЗГОРЕЛ МАНАСТИРОТ И ВО ДЕВЕТНАЕСЕТТИОТ ВЕК

Во 1866 год. манастирот настрадал во силен пожар, а обновувањето е извршено од прилепските еснафи и траело до 1871 год.9 Некои од зачуваните натписи на мермерни плочи говорат за изградба или обнова наманастирските конаци или на делови од него. Тогашните прилепски еснафи ставале плочи со натписи во кои се споменуваат имињата на еснафите. Меѓу нив се и два натписи за дарување на манастирот, постари од пожарот од 1866 година, како и две кои потекнуваат токму од годините по пожарот.

Манастирот „Трескавец“ во 1917 година
Манастирот „Трескавец“ во 1917 година
Поглед на манастирот од север
Поглед на манастирот од север

Првата плоча со натпис, пред времето на споменатиот пожар, потекнува од 1826 година, а на неа е запишано дека на манастирот му принесува дар алачиската еснавска група и се споменуваат имињата: Мојсо, Атанасиј, Мојсо,

Христе, Најдо, Христе, Кочо, Христе, Димо, Ангеле, Јовче, Кочо, Димо, Велјан, Мојсо, Ангеле, Димо. Од 1831 година потекнува плоча со натпис на која се споменува изградба на одаја во конакот од страна на православни христијани од селото Богомила. Плоча со сличен натпис за извесно донирање има и од 1967 година, што значи дека се работи за донирање по пожарот од 1866 година. Од истата година (1867 лето) потекнува и натписот на кој се споменуваат неколку еснафи, трговско – мануфакту ра џи ски и хазарџиски, како и имиња на истакнати прилепчани, како Х. Хр. Х. Илиов, Димшо Х. Илиов, Кузман Х. Илиов, Х. М. Бомболов, Х. Пано Х. Илиов, Диме М. Пазов, Христо М. Пазов, Д. Х. Наумчев, Дамјан Петров, Диме Лепавцов, Костадин Марков, Јовче Тошов, Браќа Кусеви, Илија Тошов, Тасе Димов, Адамче Трпев, К. Ст-џиев, Г. Протоколе, К. Зојче, М. Јошар, К. Керпич. Наше мислење е дека овие споменици од поновите векови на манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ се вредни документи за настаните поврзани со овој христијански и културен споменик од тоа време и заслужуваат соодветно место при најновите реконструции. Тоа овозможува соодветен увид на идните генерации и посетителите во трауматичниот опстој и голготата на ова прастаро светилиште.

Пред околу еден век
Пред околу еден век
Плочи со катписи во манастирксиот двор
Плочи со катписи во манастирксиот двор
Голем број искршени плочи со натписи
Голем број искршени плочи со натписи
Света Богородица над западниот влез во трпезаријата
Света Богородица над западниот влез во трпезаријата

1 Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, ИСК, Прилеп – Скопје 1981.

2 Исто.

3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000,

105 – 113.

4 Марко Цепенков, Македонски народни приказни, книга 5,, 155.

5 Г. Трајчев, Град Прилеп, Софија 1925.

6 Б. Конески, Ј.Х.–Џинот.
7 Марко Цепенков, Македонски народни приказни, книга 5, приредил Кирил Пенушлиски, Македонска книга, Скопје 1989, 155.

Манастирот „Трескавец“ од најскорешно време
Манастирот „Трескавец“ од најскорешно време