ОТКРОВЕНИЕТО НА МАНАСТИРОТ „РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“ КАЈ СЕЛОТО ГОРНИ МАНАСТИРЕЦ, МАКЕДОНСКИ БРОД

Црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ ќе биде цел на натамошни проучувања и објект на нови откритија за христијанството на овој простор, односно ново откровение на христијанската уметност и културата воопшто.

Поречки манастир од југ
Поречки манастир од југ

Веруваме, не е случајно што двете села, Долни и Горни Манастирец, имаат далечно потекло на своите имиња, кое е поврзано со далечното потекло на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, познат како Поречки манастир, кој се наоѓа на околу 4 км северно од Горни Манастирец, расположен на едно поголемо плато, на средна височина на планината Караџица, под врвот Киска, кој е висок 1023 км. Тој бил еден од главните христијански и просветителски жаришта во оваа област уште во дамнешни времиња, кој во бурните историски настани и голготи, кои ги преживувал македонскиот народ ги подзаскрил своите прастари корени и духовни и културни вредности, па сега, полека, но сигурно, повторно се појавува под светлината на сонцето за да блесне, со божја помош, со целата своја светлина. Додека во старата црковна градба, околу чие датирање се уште има повеќе различни мислења, бил изработен особено интересен живопис, со архаични библиски претстави, по многу нешта, сосема ретки, па и единствени, во обновата, кон средината на 19 век, таквиот живопис бил покриен со нов.

Новите конаци од исток
Новите конаци од исток
Новите конаци со камбанаријата
Новите конаци со камбанаријата

Како и поголем број манастири во Македонија, и Поречкиот манастир повеќе пати во минатото бил запустуван, со разни напади на злонамерници, со пожари и сл. Токму поради тоа, тој до неодамна се сметал за релативно понов манастир, чија црква и фрескосликарство биле датирани во 19 век. Всушност, во 19 век црквата во овој манастир само била обновена, со реконструкција на старата градба и комплетно ново живописување кое, според некои стилски карактеристики, им се припишува на зографи од Охридската школа,1 но на сличен начин, ние можеме да понудиме уште една претпоставка, односно, дека тој бил дело на зографи од Крушево. Црквата било обновена во 1846 година, при што биле направени и извесни архитектонски измени, со кои доплнително се оштетиле вредни дела на црковното сликарство од многу постар датум, од кога потекнува и самата градба. Запишано е дека нејзината обнова ја организирал поп Константин од селото Грешница, на чија иницијатива, неговиот син, поп Димитрија бил испратен дури во Константинопол (Цариград) за да бара дозвола за обновување на манастирот. Со новото комплетно зографисување, стариот живопис бил покриен и фрлен во целосен заборав.

Манастирот од југоисток
Манастирот од југоисток
Манастирската црква од југоисток
Манастирската црква од југоисток

Неговото откривање се случило во првата деценија на третиот милениум, кога во манастирот истражувала екипа на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата при што е констатирано дека градбата има многу постаро потекло и дека под слојот на живопис од 19 век се крие живопис, постар неколку века.2

Денес, кога го посетувате манастирот и влегувате во црквата, се соочувате со необичен амбиент во наосот на црквата, со живопис со потемни бои, оставен на сводот на градбата и живопис на вертикалните површини на ѕидот со сосема поинаква естетика и бои, но во голема мерка уништен. Впечатокот е необичен и ве воведува во особен авозбуда. Поголем број од остатоците од сликаните христијански сцени по јужниот, северниот и западниот ѕид предизвикуваат посебно чувство на духовна ведрина, но и чудење, поради фактот што воопшто или ретко би се сретнале на друго место, слични сцени и мотиви. Необичниот впечаток доаѓа и од самата колорна естетика, од боите на стариот живопис, на кои превладуваат посветли, но релативно свежи природни бои, комбинирани со жолчка од јајце.3

Од североисток - со апсидата
Од североисток – со апсидата
Источниот дел - со апсидата
Источниот дел – со апсидата

На самиот влез на јужниот зид на црквата, од внатрешната страна на ѕидот, вниманието го привлекува еден остаток од живопис на кој е претставен Исус Христос седнат на престол како судија во Страшниот суд, а пред него клекнато лице во молитвена положба. Од натписот на самата сцена, познато е дека лицето кое му се претставува на Исус Христос со молба го претставува монахот Милетиј, кој се смета за ктитор или старешина на манастирот. Очигледно е дека оваа сцена оид живописот била во голема мерка уништена со отворање на нова врата на јужниот ѕид, при што ликот на Исус Христос бил уништен повеќе од половина. Имено, тогаш била затворена старата јужна врата, која се наоѓала некаде на средината и била отворена нова на неговата западна половина.4 Денес, на местото на старата врата, над нејзиниот надвратник може да се сретне остаток од фреска со претстава на раѓањето на св. Богородица.

Со обновувањето во 19 век, освен измените на влезовите, биле направени промени и на прозорците, кои на старата градба завршувале со полукружна форма, а на поновата градба тие биле оформени правоаголно.5

Иако живописот од 19 век го привлекува вниманието со крупните ликови на Исус Христос Седржител и св.

Западниот ѕид, со влезот
Западниот ѕид, со влезот
Фреската над западниот влез
Фреската над западниот влез

Богородица Царица Небесна насликани на сводот, особено внимание предизвикува стариот живопис на западниот ѕид на црквата, кој претставува голема композиција на Повторното доаѓање на Исус, Воскреснувањето на мртвите и Страшниот суд. Оваа голема композиција е изработена на делови од двата странични ѕида – јужниот и северниот и на целата површина на западниот ѕид. Иако голем дел од композицијата е уништен или во голема мерка оштетен, сепак, на овој дел од градбата се зачувани најголеми фрагменти, кои вчудоневидуваат со својата естетика и необичните претстави на библиските сцени. Особено необична е претставата на враќањето на мртвите од морските длабочини, водени од Спасителот Исус Христос, цар на водите – морињата, кој во амбиент на голем број морски суштества и риби е јавнат на морско чудовиште (нешто како воден змеј), како и сцената на враќањето на мртвите од земјата водени од Спасителот Исус Христос, цар на земјата. Двата лика на Исус Христос се претставени со царска круна на главата. Во сцената со морето е присутен и брод, како и голем број риби кои пливаат кон површината и ги носат во устите човечките тела, кои воскреснуваат.

Фреската на јушниот ѕид - однадвор
Фреската на јушниот ѕид – однадвор
Кулата со камбанарија - од дворот
Кулата со камбанарија – од дворот

Сцената на воскреснувањето на мртвите од земјата, е претставена на северниот дел од западниот ѕид на црквата. Во оваа сцена човечките ликови излегуваат од гробовите со бели наметки. Ликот на Исус Христос – цар на земјата – е во полоша форма. Оваа голема претстава со Повторното доаѓање на Исус Христос, Воскреснувањето на

мртвите и Страшниот суд е единствена ваква претстава, не само во Македонија, туку и пошироко.6 Токму поради тоа, не само таа, туку и целата градба на црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ ќе биде цел на натамошни проучувања и објект на нови откритија за христијанството на овој простор, односно ново откровение на христијанската уметност и културата воопшто.

Целиот живопис е оштетуван и при подготовката на ѕидовите за повторното сликање во 19 век. Притоа, голем дел од површините се сосема без живопис, а останале фрагменти од стариот живопис, од кои голем број тешко можат да се идентификуваат. На северниот ѕид, силно го привлекува погледот еден позачуван фрагмент од рајска слика во чија средина е прататкото Аврам, кој во прегратка држи помал лик на дете со ореол, кој ја претставува душата на праведниот. Оваа сцена, со своите содржини и општата естетска форма упатува на самиот почеток на христијанството и е необично ретка на живописите во христијанските храмови. На неа, освен Аврам со ликот на праведниот, претставени се сцени со флора и фауна, повеќето птици, мотиви, кои потсетуваат на ликовните содржини од ранохристијанските храмови. Тоа, на своевиден начин упатува на времето во кое започнала светоста на ова место и изградбата на христијанскиот храм. Според историчарите на уметност, старата градба на храмот потекнува од перидот меѓу 11 и 13 век, но има и мислења дека тој има уште постаро потекло.7

Зграда од стариот конак
Зграда од стариот конак
Од стариот конак
Од стариот конак

Од она што останало од стариот живопис, на северниот ѕид се препознава ликот на св. Архангел Михаил кој, според ликовните карактеристики, го споредуваат со истиот лик од црквата „Св. Никола“ во селото Манастир, Мариово. Уште една претстава буди особено внимание. Тоа е дел од зачуваниот живопис со ликот на св. Роман, покрај кој има и натпис на кој е претставен како заштитник од крадците. Оваа сцена се смета за особено значајна бидејќи носи поцелосно објаснување на ликот на овој христијански светец.6

Во просторот на олтарот има остатоци од претставите на Пресвета Богородица – Ширшаја (небесна) која, исто така, се смета за ретка претстава бидејќи св. Богородица е претставена во стоечка положба, а од двете страни кон неа се свртени ангели со став сличен на Архангел Гаврил од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, која потекнува од XII век. Претставени се и св. Јован Златоуст, св. Атанасиј и св. Василиј Велики, Исус Христос агнец (принесен како жртва) и други ликови. Овој дел од живописот се датира во 19 век, а се смета дека е дело на зографи од Охридска школа.8

Стар живопис:

На јужниот ѕид, со помали или поголеми пштетување се среќаваат ликовите на Господ Исус Христос седнат на престол, десно до него св. Богородица со молитвено подадени раце кон него, а тука се и св. Јован Крстител и св. Никола. Целата композиција е познатата форма на Деисис, која се среќава и во други христијански цркви.

Од живописот треба да ја споменеме и фреската од нишата над вратата за влез на западниот ѕид, које зрачи со особена свежина на боите.

Општ впечаток е дека црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ од овој манастир крие уште многу тајни и дека и натаму ќе биде во фокусот на науката за христијанството и историјата на уметноста. Всушност, целиот манастир претставува своевидно откритие со завидно богатство христијанска историја, книжевност и сликарство.

Живопис од 19 век:

Вистинска штета е долгиот период на запоставеност и уништување на најголемиот дел од таквото богатство. Повторното заживување и воздигнување на манастирот се случило пред петнаесетина години, со доаѓањето на отец Бенедикт Божиновски од Битола и со самопрегорноста со која пристапил во неговата обнова. Во тој напор за доведување на манастирот во денешната завидна положба, секако придонесле голем број жители од селата во Поречието, како и од други места. Резултат на тоа се денешниот изглед на црквата, новите манастирски конаци и целиот црковен двор, како и добро уредената трпезарија. Ние се надеваме дека таквата активност ќе продолжи со

несмалено темпо, како и тоа дека во најскоро време ќе се навратат и надлежните институции за доистражување и комплетна реконструкција и реставрација на старата христијанска уметност и архитектура.

Трпезарија:

1 Проф. д-р Ратомир Грозданоски, Поречки манастир, македонска православна црква, Издавачка установа „Канео“ при Дебарско-кичевската епархија, Охрид, 56 (V.3. Олтарски фрески).

2 Исто, 47 (IV.2. Новооткриено фрескосликарство врз староградбата).

3 Исто.

4 Исто, 46 (IV.1 (Староградбата на манастирот: Архитектура).

5 Исто

6 Исто, V.6., 72-74 (Грандиозна фреска – чудо во фрескоживописот).

7 Исто.

8 Исто, 56 (V.3. Олтарски фрески).

Селото Горни Манастирец
Селото Горни Манастирец