ГРАДСКА НАСЕЛБА ОД МАКЕДОНСКИОТ ПЕРИОД НА ЛОКАЛИТЕТИТЕ „ОРЛОВ КАМЕН“ И „МАЛ СУРУН“ КАЈ СЕЛОТО ДУПЈАЧАНИ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ
– Локалитетите „Орлов Камен“ и „Мал Сурун“ се наоѓаат во катаклизмична состојба. Разроварени се културни слоеви и до неколку метри, а на површината се извадени изобилство од керамика и друг археолошки материјал. Дека на овој локалитет егзистирала древна населба со димензии кои упатуваат на антички град, сосема е очевидно и од големиот број културно преобразени карпи, изобилството керамика, и големата површина која ја зафаќаат двата локалитети.
При посетата на локалитетите „Орлов Камен“ и „Мал Сурун“, кои се наоѓаат североисточно од селото Дупјачани, а западно од Горно Село, Прилепско се наидува на катаклизмична слика. „Орлов Камен“ претставува рид, кој завршува со остра карпеста тумба и стрмен дел на северената страна, а со поголемо платó и благи падини од јужната. Југозападно кон селото, теренот се спушта со благ пад, а кон југоисток има мал превој и планината продолжува со големиот рид Сурун, кој се издига над длабоката долина во која е сместено селото Горно Село, зад стамениот Златоврв. Катаклизмичната слика ја создаваат големите разорани површини направени со тешка машинерија, на највисокиот дел на локалитетот „Орлов Камен“ или „Мал Сурун“, на споменатото платó меѓу карпите, со што се уништени големи површини со културни слоеви од населба од античкиот период. Наодите од овој локалитет археолозите ги датираат во римскиот период, слично како и наодите од другите регистрирани археолошки локалитети од атарот на селото Дупјачани. Познати се локалитетите: „Гробишта“, „Гробишта I“, „Лозја“, „Петро Ливада“ и „Селска Црква“,1 каде е регистриран еден надгробен споменик од римско време со рејлеф, а помалку или повеќе, обработени елементи од мермер можат да се видат и денес, како и темели од стара градба и купишта градежен камен. Од локалитети кои се надоврзуваат на претходноспоменатите „Орлов Камен“ и „Мал Сурун“ потекнуваат монети од македонскиот период, како две монети од кралот Филип II Македонски од блиските локалитети „Асаница“ и „Ризоец“ од атарот на Горно Село.2 Исто така, освен керамиката од римскиот период, на површината не теренот на овие локалитети се среќаваат фрагменти од керамички садови од раната антика, односно македонскиот период. Меѓу нив можат да се пронајдат и фрагменти од квалитетно обработени керамички садови, како што се познатите мегарски чаши. Ваквите наоди потврдуваат дека населбата на овие локалитети, која зафаќала повеќе хектари површина, настанала уште во македонскиот период, односно во времето на македонската империја.

ВО БЛИЗИНА НА МАКЕДОНСКИТЕ ГРОБНИЦИ
Освен наодите на монети од македонскиот период, на локалитети блиски на „Мал Сурун“, треба да се истакне и фактот дека во негова близина се и аристократските гробници од атарот на Горно Село, познати како гробници од македонски тип, кои како објекти за погребување се карактеристични за просторот на древна Македонија, и се датираат од IV до II век п.н.е. Македонските гробници од Горно Село се исцело издлабени во карпа, со правоаголен влез, две простории, од кои една преткомора со површина од 2–3 m2 и главна комора со површина од околу 4 m2, и посебно издлабено корито на подот на главната комора, во кое се ставале кремираните остатоци на покојникот.3

Пет од споменатите гробници се наоѓаат на соседниот локалитет „Тумба“, кој е оддалечен од „Мал Сурун“ околу 1 km источно. Анализирајќи ги наодите од локалитетот „Мал Сурун“, може да се констатира дека древните жители на овој простор имале посебна дарба за обработка на каменот, на што упатуваат големиот број издлабени и оформени објекти и разновидни интервенции по карпите, како извесни квалитетно обработени скалести форми, помали и поголеми корита, цели израмнети вертикални површини и сл. Ваквите објекти и интервенции на карпите, му даваат особена атрактивност на овој археолошки локалитет. Некои од карпите се, речиси, целосно обработени и добиваат форма на културни објекти од времето на егзистенцијата на населбата. Може да се констатира, дека токму присуството на голем број обработени форми по карпите на „Мал Сурун“ се должи на истите мајстори, кои ги издлабиле и македонските аристократски гробници во атарот на Горно Село, па дури и тоа дека поголем број од гробниците им припаѓале на жители на населбата која била расположена на „Мал Сурун“, по околните падини и на дел од долината меѓу Горно Село и Дупјачани.4


КАТАКЛИЗМАТА НА ДРЕВНАТА НАСЕЛБА
Токму ваквиот локалитет во 2004 година е разроварен во самото негово средиште, посебно на повисоките падини од југоисточната страна, каде машините раскопале големи површини, при што испревртиле слоеви со керамика, како градежна, која е доминантна, така и керамика од садови, разни тегови, цигли и сл., а на места се забележуваат и фрагменти од ѕидови од древните градби. Иако се работи за регистриран археолошки локалитет, со населба од римското време, тоа не било пречка тој да биде издаден под концесија за истражување и експлоатација на гранитен камен. Денес, гранитот се експлоатира од северната страна на „Мал Сурун“, а уништените културни слоеви се направени со „истражувачката“ акција за гранит. Дали на ваквото „истражување“ се должат и рачно раскопаните дупки меѓу карпите од највисокиот дел или тие се направени од поинакви трагачи, тешко е да се каже. Културни слоеви се уништени и со отворањето на патишта до „Мал Сурун“, и тоа од две страни. Едниот пат води кон локалитетот од селото Дупјачани, а другиот од страната на Горно Село, и тоа токму преку локалитетите на кои се наоѓаат и дел од гореспоменатите македонски гробници. Според одредени раскажувања на жители на околните села, „катаклизмата“ на древната населба се должела на потрага по извесно скриено богатство и се тврди дека „старата црква“ била пронајдена. За каква црква се работи не ни е познато, но факт е дека на локалитетот има траги од древни градби.


Големото присуство на керамика покажува дека овој локалитет претставувал населба од особено значење, не само за заштита, набљудување на околниот простор, сигнализација и сл. туку тој бил и населен со поголемо жителство, кое тука престојувало во подолг временски период.5 Дали некој од надлежните институции ќе се обиде да го заштити, барем она што останало од културните слоеви на локалитетот, тешко е да се претпостави. Имајќи го сознанието од досегашната практика, овие институции ја губат битката за заштита на голем број археолошки локалитети со непроценливо културно наследство.


„Последниве години, надлежните иснституции од Македонија, како што се Управата за заштита на културното наследство и Заводот и Музеј од Прилеп презедоа извесни активност поврзани со истражувањето и заштитата на овој локалитет. Првите сондажни истражувања се веќе направени и, според археологот Душко Темелкоски, откриени се остатоци од две градби ѕидани со камен, како и извесно количество движен археолошки материјал, според кој се констатира постоење на населбата од 3 век п.н.е до 4 век н.е.“6












1 Археолошка карта на Република Македонија, 299.
2 Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, 142.
3 Ivan Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza, 80. Александар Миткоски, Душко Темелкоски, Три нови пелагонски гробници кај Горно Село, Македонско наследство, Скопје 2013, 83 – 89.
4 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница, Прилеп 2009, 145 – 150.
5 Во една од своите изјави, дадена во медиумите во врска со археолошките истражувања направени на овој локалитет во текот на 2016 година, археологот Душко Темелкоски претпоставува за жителство од околу 5 000 жители.
6 Изјава дадена од археологот Душко Темелкоски за порталот Патоказ од Прилеп на 02.06.2016 година.
Движен археолошки материјал:








