ДВЕ АРИСТОКРАТСКИ ГРОБНИЦИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „МЕЧКИНА ДУПКА“ КАЈ ПРИЛЕП

Локалитетот Мечкина Дупка
Локалитетот Мечкина Дупка

Не може да не се забележи дека одредени културни објекти од минатото неоправдано се запоставени, често заобиколени и од една скромна информација. Ова констатација ни ја измами една македонска аристократска гробница од јужното подножје на Маркови Кули. Таа се наоѓа во близина на остатоците од бањата од римскиот период на локалитетот Дабоиќ. Издлабена е во една карпа на брегот од еден подлабок дол кој се спушта од повисокиот дел на Маркови Кули од југозападната страна. Гробницата со отворот е свртена кон запад. Таа е, мошне, квалитетно изработена, со дромос, мала преткомора, која е уништена од ерозија и главна комора која е релативно подобро зачувана. Комората е со полукружен свод, со одбележани делови во неа, кои укажуваат на намерата на изработувачот да прикаже „куќа“ за престој на душата на покојникот. Во просторијата засечена во карпата јасно се одбележани и профилирани деловите кои претставуваат покрив, просторијата за престој, како и подот. Веројатно со таква функција се правени и преткомората, која го претставува претсобјето во куќата за вечен престој, како и дромосот, односно патот кој води во внатрешноста на објектот. Сосема е сигурна претпоставката дека гробницата му припаѓала на некој аристократ од населбата на Маркови Кули и околните падини, како и на просторот на Варош и Заград, односно, на некој граѓанин на античкиот град Прилеп од повисоките класни слоеви. Фактот што таа не била осамена упатува на големината на населбата, односно на поголем број аристократски семејства што е одлика на населбите од градски карактер. Ако се земе предвид дека гробници од македонски тип, кои биле погребни објекти на побогатите слоеви од населението, се среќаваат и на локалитетот Крклари, кој се наоѓа на источните падини на Маркови Кули, уште повеќе се зајакнува аргументацијата за градскиот карактер на античката населба од овој простор. Гробниците од македонски тип, всушност, се само еден од аргументите кои укажуваат на фактот дека на овој локалитет опстојувал значаен град во антиката, за чие име сè уште нема доволно аргументирана потврда. Фактот што до денес во науката се смета дека на овој локалитет израснал град дури во средниот век е далеку од вистината. Безбројните мермерни споменици и други материјални докази од раната антика, римскиот период и доцната антика, кои се среќаваат на просторот на Варош, Заград и Маркови Кули укажуваат дека на овој простор не опстојувала обична и беззначајна населба, туку град кој сè уште чека на соодветно карактеризирање и категоризирање во современата наука.

Аристократската гробница Мечкина Дупка
Аристократската гробница Мечкина Дупка
Поглед д југозапад
Поглед од североозапад

Иако на локалитетот Мечкина Дупка е познат само еден објект издлабен во карпа, при една од нашите посети на ова место забележавме дека непосредно до него, од северната страна, постоел уште еден сличен објект, односно уште една аристократска гробница од македонски тип, која била уништена со експлотација на камен за градба. Од неа останал само дел од комората од страната на зачуваната гробница, а другиот дел е сосема уништен. Прашање е дали со експлотацијата не се уништени и други слични објекти.

Со исчистен дромос и преткомора
Со исчистен дромос и преткомора
Поглед на преткомората
Поглед на преткомората
Во преткомората
Во преткомората
Десниот агол на преткомората
Левиот агол на преткомората

Во непосредната околина на Мечкина Дупка се среќаваат и други погребни ојекти во камен, како што се правоаголни и трапезоидни форми на погребни јами издлабени по површината на многу карпи. Се среќаваат во група по неколку такви „саркофази“ или осамени гробови, зависно од површината со која располагаат карпите. На околу 100 m северно од Мечкина Дупка се наоѓа една фасцинантна форма на голема карпа која е целосно украсена со погребни јами со различни димензии, а на повисокиот дел од источната страна се наоѓа уште една голема некропола во карпи. На тој начин, аристократските гробници од македонски тип од Мечкина Дупка не се осамени, туку опкружени со голем број археолошки содржини, остатоци од културата на древниот град. Освен гробовите, по површината на карпите се среќаваат и голем број други обработени делови, остатоци од извесни конструкции од населбата, разна керамика по површината на теренот и сл.

Десниот агол на преткомората
Десниот агол на преткомората
Местото на уништената аристократска гробница
Местото на уништената аристократска гробница
Остаток од уништената гробница
Остаток од уништената гробница