МИТОЛОШКО-ИСТОРИСКИ, ЕТНОГРАФСКИ И ОНТОЛОШКИ ВРСКИ НА МАКЕДОНСКОТО ПЛЕМЕ ПЕЛАГОНЦИ

ПЕЛАГОН – ПЕЛАЗГО – ПЕЛАЗГ – ПЕЛАРГО – ПЕЛАРГ И ПЕЛАГОНСКОТО КРАЛСТВО

Веројатно е дека својот најголем развој, Пелагонското Кралство го имало многу рано, можеби во раното бронзено време, паралелно со Критско-Минојското кралство и култура. Во подоцнежните периоди, на истата територија се создале и воздигнале поголем, број други кралства, како кралството на Пајонците, Линкестите, Бригијците Алмопијците и други етнички заедници, кои, од друга страна, биле блиски по култура, јазик, па и во помало или поголемо биолошко сродство.

Археолозите и историчарите не се сомневаат во културната и етимолошката врска меѓу Пелагонците и Пелазгите, две од најстарите етнички заедници, кои ги населувале јужните делови на Балканскиот Полуостров. На тоa упатува и заедничката основа на нивното име, односно на Пелагонците и Пелазгите, како и на нивните епонимни јунаци (или кралеви) Пелагон кај Пелагонците и Пелазго или Пелазг и уште Пеларго или Пеларг, кај Пелазгите. Уште повеќе, името на Пелагонците се поврзува со постарите митолошки преданија, односно, нивното име се поврзува со преданието за Титаните, за кои се вели дека биле нарекувани и Пелагони или Пелагонци.

Страбон: Тоа дека „пеанизмос“ на Тракијците се нарекувал „титанизмос“ од Елините, во имитацијата на повикот, употребуван во пеаните, титаните биле нарекувани, исто така, Пелагони.

Во тој контекст, треба да се повикаме и на митолошките преданија за митолошките личности, познати како џиновите од Македонија, односно трите џинови, Бријареј (сторакиот џин), Гиг и Кот, кои можат да се сретнат кај старите автори, кои се занимаваат со античката митологија на Балканот. (Види: Роберт Гревс, Грчки митови).

Според археолозите и историчарите, исто така е извесно дека во дел од подлабоката историја, односно во делот кој спаѓа во праисторискиот период, Пелагонците, како етничка заедница, но и како старо кралство, населувале поголема територија на југот на Балканот, која се совпаѓа со подоцнежната етничка територија на Македонците. Тоа упатува на фактот дека Пелагонците се во самата основа на културата на Балканот, па и пошироко, на културата на Европа, но дека трагите на пелагонската култура треба да се бараат во постарите културни периоди на полуостровот, кога оваа етничка заедница владеела со поголем простор од овој дел на Европа и поседувала сопствено кралство.

Веројатно е дека својот најголем развој, Пелагонското Кралство го имало многу рано, можеби во раното бронзено време, паралелно со Критско-Минојското кралство и култура. Во подоцнежните периоди, на истата територија се создале и воздигнале поголем, број други кралства, како кралството на Пајонците, Линкестите, Бригијците Алмопијците и други етнички заедници, кои, од друга страна, биле блиски по култура, јазик, па и во помало или поголемо биолошко сродство. Фактот, што кај Тукидид среќаваме тврдење од типот „македонското племе Линкести“ и сл., може да упатува на нивната заедничка врска и потекло, обединети во епонимот Македон.

На нивната културна и етничка блискост упатуваат и голем број заеднички култно-религиски симболи, верувања и митолошки преданија. Сосема е веројатно дека нивни заеднички главен религиски центар бил во Додона во Епир, каде се наоѓало едно од најстарите светилишта и пророчишта посветени на врховниот бог Ѕевс, познат како Додонскиот Ѕевс или Ѕевс Пелазгиски.

Археолошките предмети, кои потекнуваат од архајскиот период на овој простор, со своето богатсво и естетика, на некој начин потсетуваат на уште постарите периоди од времето на настаните опишани кај Хомер во неговите епови Илијада и Одисеја во кои средиштен настан е војната на Ахајците за градот Троја во Мала Азија. Во овие епови меѓу другото се споменуваат личности и војски кои под ѕидините на Троја доаѓаат и од просторот на Македонија, од реката Аксиј (Вардар). Тоа се Пајонците кои со свои војски и сопствени војсководачи се борат на страната на Тројанците. Меѓу нив се и војсководачите Пирајхме и Астеропај и двајцата загинати во жестоките битки пред градот.

Во дел од стиховите се споменува и родоначалникот на Пелагонија и Пелагонците Пелегон (Пелагон) како татко на јунакот и војсководач на Пајонците под Троја, Астеропај. Тој, според пеењето на Хомер, загинал лично од мечот на најсилниот и најславен јунак во Тројанската војна, во­да­чот на Мирмидонците од Тесалија, област во Грција која се граничи со македонската област Пиерија, која, исто така се споменува во некои сти­хови на Хомер. Во објаснувањето на потеклото на Астеропај Хомер пее:

синот на Пелегона, што широкострујниот Аксиј г’еднаш с’ Перибоја родил,

најстарата ќерка од оној Акесамен, зар Токот ја обљубил длабок и вирест.

Значи кај Хомер, преку овие стихови се поврзани неколку области во Македонија токму со поданици и племиња кои живееле во нив. Имено, Астеропај е Пајонец, а негов татко е родоначалникот на Пелагонците, Пелегон (Пелагон), кој потекнува од необична врска помеѓу речниот бог на реката Аксиј (Вардар) и Перибоја, која е ќерка на Акесамен, кој, пак, бил крал на македонската област Пиерија која се наоѓала од оваа страна на плани­ната – седиште на боговите Олимп. Токму овој податок кај Хомер, упатува на блискоста на племињата, кои живееле на етничката територија на подоцна развиеното кралство Македонија.

Според досегашните проучувања, Пелагонците како народ, се чини, имале заедничко потекло со Пајонците, односно, биле Пајонци (или Пајонците биле Пелагонци), односно и двата етникуми биле блиски, по потекло, култура и јазик, како што биле и Девриопите кои живееле по горното течение на Црна Река, па и Бригијците, чии делови најдоцна се задржуваат токму во областа Пелагонија и блиските области со неа.

 

Страбон: … Астеропај, еден од водачите, кои го предводеле походот од Пајонија до Троја, не без основа бил наречен „син на Пелегон“, и дека самите Пајонци се нарекувале Пелагонци.

Името на Пелагон упатува уште на многу други врски, поврзани со културата и историјата на јужниот дел од Балканот, особено со етимолошката основа, која е заедничка за голем број области, митолошки и историски имиња и имиња на градови и места на поширокиот простор. Овде само ќе ги споменеме имињата на областа Пелопонез, на митолошкиот крал Пелоп, на престолнината на Македонија Пела, па на своевиден начини и топонимите Пелистер, Пелена (Палена), Пеливор и др.

Страбон: Хекатеј Милетски вели дека Пелопонез пред Елините бил населен со варвари. Но може да се каже дека во древните времиња цела Елада, ако човек расудува од самите традиции, била живеалиште на варвари: Пелоп донесол народ од Фригија во Пелопонес, кој го добил името од него.

Сето ова упатува на големото значење на Пелагонците, нивната култура и традиција, која постојано не потсетува на одамна исчезнатото кралство Пелагонија. Извесни археолошки откритија од 2002 година и археолошката кампања започната од 2005 година на врвот Висока, кај селото Крушевица, Прилепско, каде се откриваат делови од монументална градба со големи камени блокови (веројатно кралскиот дворец на пелагонските кралеви), како и на локалитетите Старо Бонче и Павла Чука (Кутлиште), каде се наоѓа кралска гробница со потекло од четвртиот век п.н.е., полека, но сигурно не доближуваат до откривањето на центарот на Пелагонското Кралство и ја отвораат приказната за пелагонската култура.