ИМПРЕСИВНИ ОСТАТОЦИ ОД АНТИЧКИ ХРАМ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „СПАСИЦА“ КАЈ КОКРЕ, ПРИЛЕПСКО

На помало ритче, на околу 300 м североисточно од селото Кокре, денес се наоѓа манастирче со скромна градба од камен, која претставува црква „Св. Спас“ и помошна градба од бетонски блокови во близина. Локалитетот е познат како „Спасица“. Од јужната и западната страна на црквата се распоредени поголем број мермерни елементи од извесна градба, со различни форми и со релјефи на кои се претставени форми со цветови, правоаголни форми и сл. Еден елемент со триаголна форма, кој би можел да биде покривен дел на фронтон (конструкција со покривен – преден дел од градба) или слична конструкција, постамент со кружна форма и сл.

Освен мермерните елементи кои се поставени на површината околу црквата, една мермерна плоча со релјеф е вградена во ѕидот на црквата од јужната страна. Просторот на кој е поставена црквата „Св. Спас“ е возвишение со куполеста форма, а на површината се насетуваат остатоци од постари градби. Големиот број на мермерна пластика кој е евидентен и остава силен впечаток, укажува на стар храм, односно храм од античкиот период. Археолозите за овој локалитет сметаат дека содржи остатоци од светилиште од римскиот период1. Овде мораме да се надоврземе на претходниот наслов во врска со натписот на мермерниот споменик посветен на божицата Артемида. Наодите од „Спасица“ нè охрабруваат во претпоставката дека античкиот храм кој ѝ бил посветен на оваа божица, се наоѓал токму на овој локалитет, каде се наоѓаат и најголемиот број мермерни елементи од храмот. За мермерните елементи кои се наоѓаат на овој локалитет, може да се претпостави дека му припаѓаат на заеднички дел од храмот, кој веројатно целиот бил конструиран од мермер. Таа конструкција би можела да биде токму погореспоменатиот фронтон.

Денешната скромна градба со остатоците од стариот храм пред неа
7. Денешната скромна градба со остатоците од стариот храм пред неа

Меѓу десетината мермерни споменици од стариот храм се среќаваат разновидни архитектонски елементи, како надвратници, фронтони, еден фрагмент од надгробен споменик (стела), мермерни блокови, една плоча со голем број украсни елементи поврзани со задгробниот живот и рајот и сл.

Остатоци со столбесто обработен камен блок
8. Остатоци со столбесто обработен камен блок

За локалитетот „Спасица“ е поврзано и старо предание кое говори за стара црква „Св. Никола“.

Во старо време во Спасица имало манастир со убава црква Св. Никола. Неа ја расипале Турците. Го запалиле манастирот, а тука истепале и луѓе. После тоа жителите на селото Кокре го пренесле манастирот во селото Прилепец каде го граделе заедно со жителите на Прилепец и затоа една соба од конаците била изградена специјално за Кокречани“. Преданието нѝ го раскажа Стојан Ристески, жител од селото Кокре.

Столбесто обработен камен блок и импровизирана маса за седење
9. Столбесто обработен камен блок и импровизирана маса за седење

Јужно од локалитетот „Спасица“ се наоѓа уште еден локалитет со археолошки наоди, познат како „Грамаѓе“. На овој локалитет се наоѓаат грамади камења и фрагменти од керамички садови. Според археолозите, се работи за населба од доцноантичко време2, која била расположена на благите и плодни падини на овој локалитет, кои се спуштаат кон коритото на Свинска Река, која тече крај селото Кокре.