ТАЈНАТА ЗА ЕДЕН СОРАБОТНИК НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ И ПРВИОТ ЕПИСКОП НА ОХРИД, СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ ОД ПРВИОТ ВЕК НА НАШАТА ЕРА (3)

ДАЛИ ТРИКОРАБНАТА БАЗИЛИКА, ЧИИ ОСТАТОЦИ СЕ НА ИСТИОТ ПРОСТОР СО ДЕНЕШНАТА СВЕТИКЛИМЕНТОВА ЦРКВА И ОКОЛУ НЕА Е ПОВРЗАНА СО СВ. КЛИМЕНТ ОД ПРВИОТ ВЕК, СОРАБОТНИКОТ НА АПОСТОЛ ПАВЛЕ?

            Според расположливите историски податоци, Лихнид (Охрид) не заостанувал со развојот на христијанството зад другите градови во кои, тоа, најпрво се појавило и развило, како што се Филипи, Солун, Бероја, Скупи и други. Имено, познато е дека заедно со епископи од овие градови, кои учествувале на првите вселенски собори, учествувале и епископи од градот Лихнид (Охрид) Така, до денес се познати четири имиња на епископи од овој град, односно, од неговата црква, која располагала со висок углед уште во првите векови на христијанството и дала свој придонес во зачувувањето на изворната Христова вера, со учество на првите вселеснки собори, преку кои се зацврстил Симболот на верата.40 Сето ова говори дека црквата во овој град се развила многу рано и дека достигнала значајно ниво и углед во христијанскиот свет. 

Светиклиментовата црква, „Св. Пантелејмон“ 2

            Имајќи ги предвид горните сознанија, како и од сето она што го знаеме од досегашните историски и археолошки истражувања, сепак се доближуваме до првите векови на христијанството во Охрид. Таа можност ни ја даваат и податоците добиени преку археолошките истражувања во овој град, кои нѐ водат од подлабокото праисториско (митолошко) време, преку класичниот и раноантичкиот, односно, македонскиот период, до римското време во кое следи и појавата на христијанството, а особено не водат во раното христијанство во Охрид, од кое има бројни споменици со христијанска симболика и натписи, па сѐ до средните векови и најновите културни периоди.

Импост капител украсување 1

            Кога се работи за христијанството, речиси нема црква во Охрид, особено од сочуваните стари црковни градби, кај која нема да се соочите со споменици од раното христијанство, а такви споменици, најмногу се среќаваат на просторот на кој денес е обновена црквата „Св. Пантелејмон“, позната како  Светиклиментова црква, во која се наоѓа и вечното почивалиште на светецот и просветител со тоа име, кој го развивал христијанството и просветителството во Македонија во втората половина на 9 век и првите децении на 10 век, односно, гробот на св. Климент Охридски. На овој простор, односно, на самиот простор на кој се наоѓа обновената црква, како и во поширокиот простор на локалитетот познат како Плаошник и како Имарет се наоѓаат огромен број споменици од различните културни периоди, почнувајќи од последните векови пред Христовото време, па до средните векови. Сепак, според својата импозантност и естетските вредности, особено се истакнуваат големите ранохристијански објекти, како што се петокорабната базилика, на чиј простор се наоѓа новоизградената црква, потоа поликонхалната црква на стотина метри од неа и уште многу градби. На истиот простор среќаваме голем број архитектонски елементи од старите антички и ранохристијански градби, кои нѐ упатуваат дека овој простор бил вистински религиозен и просветителски центар од постарите периоди.

ПЛАОШНИК, КУЛТНО-РЕЛИГИСКИ ЦЕНТАР ОД ПРАСТАРИ ВРЕМИЊА

            Голема е веројатноста дека локалитетот Плаошник, кој претставува засебен рид во близина на Охридското Езеро, претставувал посебен дел од градот, односно, бил култно-религиски простор во кој граѓаните на стариот град Лихнид ги надоместувале своите религиски потреби. На тоа упатуваат разновидните наоди со култна симболика, како и спомениците со натпис на кои се среќаваат имиња на божества или слични религиски содржини. Меѓу таквите споменици спаѓа и еден споменик на кој се споменува етнонимот Дасарети заедно со богот на виното, Дионис. Овој споменик бил пронајден на просторот на црквата „Св. Пантелејмон“, на Плаошник41 и упатува на тоа дека старите жители на Лихнид го почитувале богот Дионис пред христијанството, како и на тоа дека некои од старите божества имале и свои храмови на ова место. Што се однесува до етнонимот Дасарети, тој се идентификува со етнонимот Енхелејци, односно, со етничката заедница, која го населувала Охридско-струшкиот регион и има исклучително старо потекло, кое допира до митолошкото време и се поврзува со митолошките личности Кадмо и Хармонија кои, според преданието, се доселиле во овој крај.42 За нас е интересно дека, токму на Плаошник, се пронајдени три монети на Дасаретите од раноантичкиот, односно, македонскиот период. На нив повторно се среќава етнонимот Дасарети, како и претстава на богот Ѕевс-Амон.43 Овие наоди ја дополнуваат културната слика на Плаошник за античкиот период.

Плаошник

            Слични споменици со потекло од ова место се поткрепа на раниот и значаен културен развој, како и развојот на христијанството во Охрид и раната изградба на христијанската архитектура на Плаошник, а голем број од нив можат да се видат и денес. Токму тој е просторот за кој говори и архимандритот Кирил Рилски кој, според него, ги крие остатоците од црквата во која бил погребан и првиот св. Климент Охридски, чија плоча и чие житие, според него, биле уништени. На тој простор, со археолошките истражувања од последните неколку децении се пронајдени голем број споменици од античкиот период, особено, од раното христијанство и средниот век. Уште во периодот 1942/43 година, со ископувањата вршени од страна на тогашната институција, Служба на старините на Охрид, раководена од синот на познатиот поет и преродбеник Григор Прличев, Кирил Прличев, во кои учествува и познатиот археолог и историчар, Димче Коцо, откриени се остатоците од Светиклиментовата црква и гробот на Св. Климент Охридски, големиот македонски и словенски светител и просветител од втората половина на 9 и почетокот на 10 век.44 Подоцна, во периодот меѓу 1960 и 1966 година, повторно се вршени ископувања и, притоа, е откриена импозантна поликонхална ранохристијанска црква, со површина на градбата, речиси, колку фудбалско игралиште, со голем број мозаични слики на кои е претставен рајот, рајските реки, птици, животни и слични ретстави со исклучителен уметнички квалитет. Според археолозите, оваа црква била изградена во периодот од IV и V век45 и е една од најрепрезентативните христијански градби во поширокиот простор на Балканот.

Остатоците од поликонхалната ранохристијанска црква под покрив

            Особено големи археолошки истражувања се направени вопериодот од 1999 до 2002 година, кои се вршени на просторот на Светиклиментовата црква „Св. Пантелејмон“ и тука е откриена постара ранохристијанска црква  трикорабна базилика со нартекс, атриум и крстилница, како и помошни простории со убаво зачуван мозичен под, со голем број квалитетни претстави на птици, животни, крстови и друга христијанска симболика.46     

КАКО СЕ ВИКАЛЕ ЦРКВИТЕ НА ПЛАОШНИК ОД РАНОТО ХРИСТИЈАНСТВО           

            Доколку може да му се верува на архимандритот Кирил Рилски, токму оваа градба би требало да биде црквата, која била изградена над гробот на првиот св. Климент Охридски, соработникот на св. апостол Павле во првиот век на нашата ера. Според овој автор, црквата била посветена токму на споменатиот светец, но со археолошките истражувања не е пронајден никаков наод, кој би упатувал на името на патронот на оваа црква. Слична е и состојбата со претходноспоменатата поликонхална црква за која, исто така, не е познато какво име носела, односно, кој светец бил патрон на оваа импознатна црковна градба. Единствено, во некои од текстовите, кои се однесуваат на црквите на Плаошник, за трикорабната базилика се изнесени претпоставки дека таа била посветена на Свети апостол Павле, но не се изнесува никаква поткрепа за тоа.

Од мозаикот во поликонхалната црква 3

             Дека е тешко да се утврди кој биле светителите, на кои биле посветени двете ранохристијански цркви на Плаошник, потврдуваат и некои од археолозите, кои истражувале на Плаошник и кои не можат да понудат ниту претставено име на светител – патрон на некоја од овие цркви. Тоа значи дека археолозите и историчарите во иднина имаат сериозен предизвик за утврдување на имињата на патроните на овие ранохристијански цркви, што е особено важно за црковната историја на овој простор, односно за развојот на христијанството во Македонија, како и на Балканот и Медитеранот. За крај во ова продожение, само ќе споменеме за извесно име на црква, која се наоѓала на Плаошник, која ја споменува познатиот преродбеник од овој град, Кузман Шапкарев и кој вели дека таа била престолна црква и се викала „Св. Благовештение.47

 

40 Томе Јанакиевски, Антички театри во Република Македонија, Завод за заштита на спомениците на културата и природните реткости, Музеј и галерија – Битола – Друштво за наука и уметност – Битола, Битола 1998, 37, 38.

41 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Scythiae – Gualterus de Gruyiter, Berolini – Novi Eboraci MIM, 178.

42 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 161, 162.

43 Перо Арџанлиев, Монетоковањето на Дасаретите, ПАТРИМОНИУМ.МК, година 11, брoj 16 / 2018.

44 Завод и Музеј Охрид, Плаошник, (https://muzejohrid.mk/plaoshnik/)

45 Завод и Музеј Охрид, Поликонхална базилика на Плаошник, (https://muzejohrid.mk/polikonhalna-bazilika-na-plaoshnik/)

46 Завод и Музеј Охрид, Плаошник, (https://muzejohrid.mk/plaoshnik/)

47 К. А. Шапкарев, Краток историско-географски опис на градовите Охрид и Струга, Зборник на Бугарско книжевно друштво, кн. I, III, 1 – 54, Софија 1901, 18.