АНТИЧКИОТ ГРАД ДОСТОНЕЈ КАЈ СЕЛОТО ПЕШАТНИ ВО МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО, БИЛ ОПКРУЖЕН СО ЛОЗЈА И ПРОИЗВЕДУВАЛ ЗНАЧИТЕЛНИ КОЛИЧЕСТВА ВИНО

Во близина на денешното село Пештани,во Мариово, Прилепско, во римскиот период, се наоѓала поголема градска населба, позната под името Достонеј,1 кој бил центар на областа, а за нејзиното постоење говорат голем број археолошки остатоци во поширокиот простор околу селото. Остатоците од овој град ги среќаваме, главно на локалитетот „Пештера“, јужно и југозападно од селото, но и во самото село, како и на север и севеорзапад од него. Еден објект, кој штотуку го откривме, нѐ наведе на размисла за еден аспект од стопанските дејности со кои се занимавале жителите на градот Достонеј. Се работи за винарник издлабен во карпа, во близина на манастирот „Св. Петка“, северно од селото. Винарникот се наоѓа на помалку од 100 m, јужно од манастирот, на една ниска карпа на падините на ридот, на надморска височина од 770 m. Бил изработен во карпата, која се спушта надолжно по падината, во правец североисток – југозапад. Површината на карпата била рационално искористена и бил изработен винарник со значителни димензии. Поголемото корито, она во кое се гмечело грозјето, се наоѓа на повисокиот дел од површината на карпата и има должина од 3,7 m, ширина од 1 m и длабочина од 0,25 до 0,75 m. Помалото корито, кое е изработено во продолжение, во пониската површина на карпата, има димензии од 1х1 m – должина и ширина, а длабочината не може да се измери бидејќи е исполнето со земја и обраснато со трева. Ѕидот, кој ги разделува двата елементи – поголемото и помалото корито – има дебелина од околу 0,25 m.

Винарникот од страната на големото корито

Винарникот, за кој станува збор овде, е во многу добро сочувана форма со правилни линии на изработка на елементите – големото корито за гмечење на грозјето, малото корито во кое се излевала течноста и ѕидот, кој ги разделува овие два елементи. Целиот објект е вистински репрезент на ваквиот вид објекти од антиката, односно, од римскиот период. Амбиентот во кој се наоѓа овој објект го красат интересни, па и фасцинантни форми на помали и поголеми карпи, со столбесто оформени делови или со зооморфен изглед, кој упатува на дионисискиот ритуал.

Винарникот со големото коритои дел од помалото

Новопронајдениот винарник од атарот на селото Пештани е само еден од поголемиот број во самото село и во неговата поблиска и подалечна околина. Во долината во која се наоѓа манастирот „Св. Петка“, која е навлезена длабоко меѓу два крака од Дренска Планина, се среќаваат поголем број винарници во карпа, повеќе од 5, што укажува на тоа дека таа во античкиот период, односно, во периодот на Римското царство, располагала со голем број лозја. Слични објекти, во голем број, се среќаваат и на локалитетот „Пештера“, на кој ги среќаваме најголемиот број од археолошките остатоци од градот Достонеј. Еден репрезентативен таков објект среќаваме и во самото село, односно, веднаш над последните куќи од севрозападната страна.2

Винарникот со помалото корито

Големиот број објекти за гмечење грозје изработени во карпа упатуваат на развиено лозјарство во градот Достонеј и производство на завидни количества вино. Интересно е да се спомене дека поголем број од, нам, познатите винарници се во добро зачувана форма, со добро оформени и зачувани елементи.

Четири мермерни елементи од античка градба во олтарот на црквата

Треба да се нагласи и фактот што во самиот манастир, „Св. Петка“, односно, на местото на денешната црква, биле пронајдени десетина елементи од мермер и друг вид камен, кои биле дел од извесен постар храм, кои упатуваат на римскиот период.3

Светата маса во олтарот е направена од елементи од мермер од античка градба

Дури на два од нив забележуваме натписи, но во многу лоша состојба и тешко е да се идентификува нивната содржина. Не ја исклучуваме, ниту можноста дека и новооткриениот винарник бил во извесна релација со античката градба од просторот на денешниот манастир.

Вертикалниот столб од светата маса има и натпис, кој тешко се чита

            Дополнителен аргумент за постоењето на стара култура на овој простор се и наодите на друг вид изработени објекти по површината на карпите, како и фрагментите од предмети од керамика, од садови и други керамички предмети.

 

1 Тренчо Димитриоски, Градот Достонеј кај селото Пештани, Прилепско – центар на областа Мариово во античкото време https://www.pelagon.mk/2018/07/23/

2 Тренчо Димитриоски, Винарник со светилиште на античкиот бог на виното, Дионис, во близината на селото Пештани, Прилепско https://www.pelagon.mk/2018/12/02/

3 Тренчо Димитриоски, Од културата на античкиот град Достонеј кај селото Пештани – Мариово, Прилепско https://www.pelagon.mk/2021/06/06/