„ЦАРСКАТА“ ДОЛИНА И ЛОКАЛИТЕТОТ СО СТАРА ТВРДИНА, „ЗАГРАДИШКА ЧУКА“, КАЈ СЕЛОТО ВИТОЛИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Една убава долина од северната страна на селото Витолиште, Мариово, Прилепско низ која протекуваат две помали реки, Задна Река, од исток кон запад и Жиовска Река од север кон југ, откај селото Живово, е особено живописна, но и исклучително богата со материјална култура од повеќе периоди, почнувајќи од подлабоката праисторија, односно, новото камено време. Имено, на локалитетот „Церацина Нива“ кој се наоѓа на десниот брег на Задна Река, а од левата страна на Жиовска Река се констатирани археолошки остатоци од тоа време,1 а на локалитетот „Света Петка“, на ридот од десната страна на Жиовска Река се констатирани тумули од железното време.2 Во долниот дел од долината, на десниот брег на Задна Река се наоѓа и локалитетот „Пеливор“ со остатоци од населба од римскиот период,3 а во средината на долината, на локалитетот „Задна Река – Грмајте“, се наоѓала населба во доцната антика и средниот век.4 Во повисоките делови на долината, на падините на планината со врвовите Перун и Зелка има уште неколку интересни локалитети со остатоци од македонскиот период и други културни периоди. Интересно е што некои од нив имаат впечатливи имиња, кои асоцираат на високи позиции, како Цар или Царица, Престол и сл. Имено, освен споменатиот локалитет „Церацина Нива“, кој е поврзан со предание за извесна царица Мара,5 еден помал локалитет е наречен „Царева Тумба“, друг „Столовски Рид“ (со асоцијација на престол), а една тумба со пирамидална форма и со неколку интересно распоредени тераси од северозападната страна е позната како „Заградишка Тумба“, но и како „Це(а)ровец“. Токму, овој последен локалитет ќе биде тема на овој текст.

Локалитетот „Заградишка Чука“ во поширок план од северозапад

Заградишка Тумба“ се наоѓа од левата страна на Задна Река, наспроти споменатиот локалитет „Церацина Нива“ и во близина на „Задна Река – Грмајте“ со кога гради една специфична културна целина. Имено, „Заградишка Тумба“ зафаќа специфично место и има доминантна позиција во долината, со пирамидалниот рид во средината на целокупниот простор и со неговата височина, која му овозможува контрола на поголемиот дел од долината.

Пристапот до врвот на ридот е најдобар од северозападната страна, од каде треба да се поминат неколку убаво зарамнети тераси за да се појде до самиот врв, кој располага со поголемо рамно плато, кое било заштитено со ѕид од камен.

Локалитетите „Церацина Нива“ , „Заградишка Чука“ и „Задна Река – Грмајте“

Според досегашните археолошки сознанија добиени, главно, од рекогносцирање на оваа тумба постои тврдина од доцноантичкото време (4 и 5 век на нашата ера).6 При едно од последните рекогносцирање направени од страна на Заводот и Музеј од Прилеп се регистрирани и наоди од праисторискиот период, како рачки од садови со јазичеста форма и сл.7 Тоа значи дека покрај „Церацина Нива“ и на „Заградишка Чука“ има остатоци од праисториско населување. Со оглед на близината до претходно споменатиот локалитет, како и позицијата на „Заградишка Чука“, која доминира со околниот простор од големата долина северно од селото Витолиште, употребата на оваа тумба не е исклучена ниту во најстариот период од населувањето на овој простор.

Тумбата со пирамидална форма на локалитетот „Заградишка Чука“ 2

Што се однесува до остатоците од тврдината и другите наоди од доцната антика, тоа е евидентно на теренот, а посебно е потврдено со археолошките ископувања кои беа вршени пред неколку години на локалитетот „Задна Река–Грмајте“, каде освен некрополата од среден век се пронајдени и гробови од доцна антика, како и остатоци од стара доцноантичка населба, а меѓу пронајдените археолошки наоди се монети и други предмети кои укажуваат дека на овој локалитет егзистирала населба и некропола од II до V век на нашата ера.8

Тумбата со пирамидална форма на локалитетот „Заградишка Чука“ 3

Остатоците од тврдината се посебно видливи на највисокиот дел од чуката каде се забележуваат остатоци од некогашниот ѕид, грамади камења и сл. Тумбата била утврдена од западната и јужната страна, а веројатно и од источната, додека северната страна паѓа сосема стрмно надолу околу 80 m и, се чини, дека од таа страна таа е природно заштитена. Може да се претпостави дека овој дел е своевидна акропола, додека другиот дел од населбата бил некаде во нискиот дел под чуката, особено по терасите од северозападната страна.

Остаток од гроб на локалитетот „Задна Река – Грмајте“

Самата форма на чуката која во правецот на северозапад се спушта со неколку вистински тераси од земјиштето, кои со своите правилни форми изгледаат дури неприродно, е вистинска природна атракција во тој дел од долината. Токму затоа можеме да претпоставиме дека секоја од овие тераси била утврден простор кој требало да биде заштита за жителите во времето на опасност од непријателски напади. Според забележливите траги на теренот може да се види дека од западната страна на чуката постоел посебен пристап, односно поширок пат кој водел до најгорниот дел на тврдината.

 

1 Археолошка карта на Република Македонија, Кацаров Г. 1922, 6; Филов Б. 1921/22 46, Микулчиќ И. 1967, 46 – 53; Керамидчиев А., 1978, 114. (Б.К.., Л. К., К.К.).

2 Александар Миткоски, Извештај од рекогносцирање на археолошки локалитети во Мариово, Завод и Музеј – Прилеп 2001.

3 Спасеска Каролина, Чаусидис Никос, …

4 Археолошка карта на Република Македонија, Лилјана Кепеска, Задна Река Грмајте, 14.

5 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 40 – 45.

6 Археолошка карта на Република Македонија, Микулчиќ И., 1976, 46, Mikulčić I., TIR, 132. (G.M.)

7 Александар Миткоски, Извештај од рекогносцирање на археолошки локалитети во Мариово, Завод и Музеј – Прилеп 2001.

8 Археолошка карта на Република Македонија, Лилјана Кепеска, Задна Река – Грмајте, 14.

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ НА ТЕРЕНОТ