ПРВИТЕ ЕПИСКОПИ ОД МАКЕДОНИЈА ОДИГРАЛЕ ВАЖНА УЛОГА ВО ЗАЧУВУВАЊЕТО НА ИЗВОРНАТА ХРИСТИЈАНСКА ВЕРА (3)

Според историските документи и археолошките истражувања, во Македонија се констатирани 50 ранохристијански базилики, во градовите во кои имало и црковни седишта, односно, епископии, а научно се потврдени и идентификувани 5 епископии на територијата на Македонија. Тоа се епископиите во градовите: Стоби, Хераклеја, Баргала, Лихнид и Скупи. Надвор од градовите со епископии, на територијата на Македонија се откринеи повеќе од 250 ранохристијански базилики.1

Епископи од Македонија биле присутни на сите вселенски собори и активно учествувале во расправите за верата, особено, подржувајќи ја изворната христова вера и придонесувајќи за нејзиното зачувување. Освен тоа, познато е и дека учествувале и во разновидните внатрешни случувања и водењето на црковната политика и имале нагласена улога и авторитет. Тоа, пред се, им го обезбедувал нивниот апостолски статус, односно, фактот што христијанското учење најпрво стигнало во Македонија преку светиот апостол, Павле. Така, набрзо по едиктот во Милано се случил еден настан во кој голема улога одиграл епископот од Солун, Александар. Се работи за случувања поврзани со едно ново учење во рамките на Христовата вера, односно, аријанството. Во 332 година, архиепископот на Александрија, Атанасиј Велики, бил обвинет, односно, наклеветен од мелетијанците за две злосторства. Едното се однесува на тоа дека тој му наредил на еден од неговите свештеници, Макариј, да изврши насилство над Исхириј, кој бил презвитер на Мареотида и припадник на колутијанците. Второто обвинение било дека тој го извршил убиството на епископот, Арсениј, кого подоцна, приврзаниците на Атанасиј Велики, го пронашле како се крие во градот Теба (Египет), а Атанасиј Велики бил ослободен од обвиненијата. По повод неговото ослободување, епископот Александар од Тесалоника (Солун) му испратил писмо со честитки.2

Всушност, епископот, Александар од Солун, се посомневал во веродостојноста на обвиненијата против архиепископот Атанасиј Велики и се заложил за нивното отфрлање. Тоа е познато и од делото на Атанасиј Велики, „Против Аријанците“ во кое сведочи за подршката од епископот од Солун и неговото присуство на извесен црковен собор во градот Тир организиран во 335 година од мелетијанците, кои сакале да го отстранат Атанасиј Велики од функцијата архиепископ на Александрија.3

            „Предвидувајќи ги овие работи и размислувајќи дека настапувањето на непријателите е многу опасно, ние протестиравме против оваа насобрана група. И Александар, епископот на Тесалоника, имајќи го ова предвид, им напиша на луѓето собрани таму, откривајќи го заговорот, сведочејќи за него. Тие мислеле дека тој ќе биде еден од нив, и сметале на него како на истомисленик, во релизирање на нивните намери; но со тоа тие само го покажале насилството што го употребиле над него.

Athanasius, Contra Arrianos, I, 16 (PG 28

            Епископите од Македонија, не само што учествувале во идеолошките и политичките случувања во самата христијанска вера, туку имале извесна посредна улога во комуникацијата меѓу источниот дел на Империјата, со седиште во Константинопол и западниот, со седиште во Рим. И двата центри се обидувале да наметнат доминација на просторот на Блаканот, не само во областа на црквата, ами и во областа на политиката и владењето со просторот. За таа намена, императорите и од двете страни ги користеле моќните црковни водачи, кои имале голем авторитет меѓу своите верници, односно, народот кој живеел во рамките на нивните црковни институции.

Св. Константин и св. Елена – „Св. Ѓорѓи“ – Курбиново

 Првите четири века од христијанството црквите во Македонија биле под јурисдикција на западната црква со седиште во Рим, која е раководена од папата. Римската црква владеела и со епархиите на Блаканот и Македонија, кои политички влегле во рамките на Источното царство, особено по поделбата на провинцијата Илирик на источен и западен, кога првиот му припаднал на Константинопол, а вториот на Рим. Тоа се случило во 408 година, кога поради несогласувањата помеѓу Константинопол и Рим околу територијата на Илирик, императорот на Константинопол, Теодосиј II (408 – 450) се согласил на негова поделба на два дела. И покрај тоа, на црковен план, источниот дел од Илирик, кој го владеело Источното царство, сепак, останал под јурисдикција на папата во Рим.4 Тоа не ѝ одговарало на патријаршиата во Константинопол, па нејзините обиди за наметнување на својата власт на црквите од овој простор биле постојани. За да го засили и утврди своето влијание, западната црква, за време на владеењето на Теодосиј II формирала и силна црковна институција во Солун, позната како Викаријат. Со тоа Македонија станала своевиден институционален центар на христијанството на Балканскиот Полуостров. Викаријатот во градот Солун, всушност, бил голем христијански центар, под чија јурисдикција биле голем број епархии, во широк простор на Балканот. Тој бил формиран во 412 година од страна на римскиот папа Инокентиј I и во него влегувале црквите во поголем број провинции: Македонија, Ахаја, Тракија, Тесалија, Нов и Стар Епир, Крит, Крајбрежна и Внатрешна Дакија, Мизија, Дарданија и Праевалитана.5 Јурисдикцијата на викаријатот била прецизно определена со посебно писмо од папата испратено до тогашниот епископ на Солун, Руф, датирано на 17 јуни 412 година.6 Викаријатот и неговите старешини, архипископи, во следниот период одиграле значајна улога во зачувувањето на симболот на христијанството утврден со првиот и вториот вселенски собор, но и во многу историски и политички настани од тоа време. Под јурисдикција на Рим, солунскиот викаријат останал до втората половина на 5 век, односно, до осумдесетите години на овој век кога односите меѓу Рим и Константинопол многу се влошиле и прекинала секаква комуникација меѓу римскиот папа и константинополскиот патријарх. Во тие конфронтации на двете страни, улогата на македонските епископи дошла, особено, до израз. Имено, тие предводени од солунскиот митрополит Андреј, се приклониле кон Константинопол, а со тоа прекинале и односите на солунскиот викаријат со римскиот папа. Тоа е периодот на Акакиската шизма (484 – 518).7

Македонските епископи се активни во голем број настани од првите векови на христијанството. Нивните имиња ги среќаваме во голем број документи, особено оние од вселенските собори, како и во преписките меѓу црковните старешини. Исто така, според Евсевиј Кесариски, епископите од Македонија испратиле свој претставник и на осветувањето на базиликата во Ерусалим, која била подигната на гробот на Исус Христос во 335 година. Познавачите сметаат дека на овој настан присуствувал епископот на Солун, Александар.8

На вториот вселенски собор, кој го свикал императорот Tеодосиј I и се одржал во Константинопол во мај-јуни 381 година присуствувал солунскиот епископ Ахолиј, кој бил единствен претставник на западната црква со центар во Рим. На овој собир било осудено македонијанството, кое е така наречено поради името на патријархот Македониј од кого потекнува ова теолошко учење за христијанството. Тој ја оспорувал еднородноста на Отецот и Синот, од една и на Светиот Дух од друга страна. По овој собор, Теодосиј донел повеќе акти за заштита на христијанската вера, а против аријанизмот и другите слични теолошки учења, како и против паганските религии.9 Интересно е дека во 388 година Теодосиј I го посетил градот Стоби и таму донесол два едикта, а на двапати го посетил и градот Скупи, во 379 и 387 година од каде, исто така, издал две царски наредби (Укази).10

Третиот вселенски собор ги свикал императорот Теодосиј II за да се разрешат штетните полемики во христијанската црква, кои ги надминале догматските граници и почнале да влијаат на политичкото единство на црквата. Соборот се одржал во јуни 431 година во градот Ефес. Познато е дека од Македонија на него учествувал епископот Флавијан од македонскиот град Филипи, кој го претставувал солунскиот митрополит, Руф, кој бил отсутен. Флавијан зел активно учество во расправата и зазел цврст став за никејскиот симбол, а против несторијанството, кое зафатило широки размери во целата христијанска црква. На соборот била донесена одлука на Несториј да му се одземе епископскиот чин, а неговото учење да се прогласи за ерес. По овој вселенски собор, угледот на македонските епископи и на солунскиот викаријат многу се зголемил кај целата вселенска црква, а до солунскиот митрополит Руф пристигнале неколку писма до митрополитот Руф и епископот Флавијан од архиепископот на Александрија, Кирил Александриски, кој им изразувал благодарност и признание за заземање и одбрана на вистинската страна, односно, симболот на верата утврден уште на првиот вселенски собор во Никеја. Самиот Флавијан лично учествувал во изборот и поставувањето на новиот патријарх во Константинопол, Максимијан, кој дошол на местото на расчинетиот Несториј.11

Св. Богородица со ангели – „Св. Ѓорѓи“ – Курбиново

Едно од писмата испратено до римскиот папа, Калестин, од архиепископот на Александрија, Кирил Александриски, во врска врска со несторијанството, особено, ја потврдува почитта на александрискиот патријарх кон македонските епископи:

 „Нека вашето преосвештенство и ова го знае: работите што ги кажувам се прифатливи за сите епископи од Истокот. Сите тие се незадоволни и огорчени [од Несториј, м. з.], а посебно верните на Господ, епископи од Македонија.“12

 Cyrilli Alexandria Archiepiscopi. Epistola XI

(PG 77)

 Епископите Руф од Солун и Флавијан од Филипи, активно учество зеле и во спречувањето на црквите во Тесалија и во Коринт да му откажат послушност на папата, како и поради приклонување кон несторијанството и непочитување на симболот на христијанската вера утврден на првиот вселенски собор во Никеја и познат како Никејски симбол. За тоа сведочат писмата на римскиот папа испратени до македонските епископи.13

Во 449 година бил одржан таканаречениот разбојнички (лажен) собор во Ефес на кој учествувале седуммина македонски епископи. Тоа биле: Созон од Филипи, Евсевиј од Добер, Максимијан од Сер, Хермоген од Касандреја, Лука од Бероја, Квинтилиј од Хераклеја Линкестис и Антониј од Лихнид, кој припаѓал на провинцијата Нов Епир. Најавторитетен меѓу македонските епископи бил епископот на Хераклеја Линкестидска, Квинтилиј, кој го застапувал епископот на Солун, Анастасиј. Овој собор бил свикан по разбрануваните несогласувања во однос на верата и разединувањето во христијанската црква, кое се случило со напорите на Александриската и Константинополската црква за постигнување, и на едната и на другата, примат пред другите, како и засилувањето на едно ново учење, кое го започнал извесен архимандрит Евтих од Константинопол, познато како монофизитизам. Токму него го искористил александрискиот архиепископ Диоскор за постигнување на своите цели и преземање на примат пред другите христијански цркви, односно, пред патријаршијата во Константинопол. На лажниот собор, подржувачите на Евтих и Диоскор успеале да издејствуваат да бидат донесени одлуки според нивното учење, односно монофизитизмот, против кој биле поголем број од христијанските цркви. На овој собор, победиле монофизитистите на Евтих и Диоскор, а за тоа гласале и македонските епископи, кои зеле активно учество во расправата и, притоа, ја истакнувале важноста за почитување и зачувување на симболот на верата востановен на претходните вселенски собори. Според познавачите, постои можност дека македонските епископи го дале својот глас под закана од монофизитистите, кои имале голема поткрепа од монаштвото. Набрзо по неговото одржување, римскиот Папа, Лав I, го осудил неговото одржување нарекувајќи го Разбојнички и испратил писма до Теодосиј II и неговата сестра Пулхерија во кои, недвосмислено, се произнесува дека соборот од Ефес не го признава за легитимен.14

Во 450 година ненадејно починал императорот Теодосиј II и новиот император Маркијан, заедно со неговата сопруга Пулхерија, сестра на Теодосиј II, под влијание на приврзаниците на Никејско-константинополскиот симбол ја смениле политиката кон црквата на дворот. Со нивна подршка започнало сменувањето на црковните службеници од редот на монофизитите. Набрзо, во 451 година, бил свикан нов вселенски собор, кој требало да се одржи во Никеја, но поради оддалеченоста на овој град од Константинопол и желбата неговото одржување да го контролира императорот, тој бил одржан во Халкедон, започнувајќи со работа на 8 октомври 451 година со присуство на 600 делегати. На овој собор учествувале дури 9 македонски епископи, и тоа: Квинтилиј од Хераклеја Линкестидска, како застапник на епископот од Солун, Никола од Стоби, Дарданиј од Баргала, Созон од Филипи, Себастијан од Бероја, Евсевиј од Добер, Максимијан од Сер, Јован од Партикопол и Хонорат од Тасос. На соборот била постигната целосна победа над монофизитизмот и потврда на Никејскиот симбол на верата.15  

Црквата Св. Пантелејмон“ – Плаошник, Охрид

Во времето на императорот Зенон (474 – 491), и константинополскиот патријарх Акакиј, во христијанската црква повторно имало силни бранувања. Иако поразен на црковниот собор во Халкедон, монофизитизмот повторно заживеал во лицето на црквата во Александрија. Тоа е времето на познатата Акакиска шизма, кога дошло до силна конфронтација меѓу константинополската и александриската црква од една страна и римската и нејзе потчинетите цркви од друга. Во такви услови, епископите од Македонија повторно се нашле во значајна улога. Предводени од митрополитот на Солун, Андреј, тие се приклониле кон патријаршијата во Константинопол и ја отфрлиле јурисдикцијата на Рим. Со тоа, всушност, престанува постоењето на солунскиот викаријат и црквите со кои раководел преминале под јурисдикција на патријаршијата од Константинопол.16

Борбата за наметнување на влијанието, односно, јурисдикцијата во провинцијата Илирик, во која спаѓале Македонија Прима и Македонија Секунда, меѓу папата во Рим и патријархот во Константинопол продолжила. Во 515 година се собрале 40 епископи од Илирик и Хелада и решиле да ги прекинат односите со солунскиот митрополит Доротеј, кој бил близок со патријархот во Константинопол и ја примиле јурисдикцијата на Рим. Тоа предизвикало силна реакција во Константинопол и императорот Анастасиј повикал пет епископи од Македонија, кои биле приврзаници на римскиот папа, во Константинопол. Меѓу нив бил и епископот на Лихнид, Лаврентиј. Тоа значело дека тие се во своевиден егзил, во кој останале 7 години. По седум години, епископот Лаврентиј се вратил во Лихнид и таму починал на возраст над 80 години.17

Услови за надминување на Акакиската шизма се појавиле во времето на императорот Јустин I (518 – 527), кој извршил притисок врз патријархот во Константинопол, Јован II (518 – 520), кој свикал помесен собор и на него била изразена согласност за надминување на шизмата. На тоа папата испратил делегација со писмо за Протокол за обединување. На 28 март 519 година, птријархот го потпишал Протоколот и, на тој начин, се создале услови за повторно обединување на црквата од Истокот и Западот. Ова, сепак, не одело толку лесно, а најмногу отпор давале епископите во Македонија на чело со митрополитот на Солун, Доротеј, кој одолговлекувал со потпишување на Протоколот. За разлика од него, епископот на Лихнид, Теодорит, за време на посетата на делегацијата од Рим, дури и со воодушевување го потпишал протоколот. Тоа говори за блиските црковни врски на овој епископ и епископијата во Лихнид со папата во Рим.18

Две ранохристијански цркви на локалитетот „Маркови Кули – Градот“ – на Црна Река во Мариово

 

1 Снежана Филипоска, Ранохристијанските културни центри во

Република Македонија долж Via Egnatia, УДК. 930.85.033.1(497.7), 129.

2 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија од 313 до 700 година (дополнето издание), 55 – 61

3 Исто.

4 Исто, 83 – 86.

5 Исто, 80 – 85.

6 Исто.

7 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија, Седум слова за почетоците и етаблирањето, Институт за национална историја, Скопје 2017, 77.

8 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија од 313 до 700 година (дополнето издание), 59.

9 Исто, 72, 73.

10 Исто, 70 – 73. Ленче Јованова, Скупи – трансформација од империјална колонија во доцноантичка метропола

и христијанска епископија, Зборник: Од паганството до христијанството, Македонска академија на науките – Българска академия на науките, Скопје – Софија 2018, 57. Cod. Theod. VI, 30, 2 (издаден на 6 јули 379 год.); Cod. Theod. XII, I, 119

(издаден на 21 јуни 388 год.).

11 Исто, 96 – 109. Драган Зајковски, Христијанството во Македонија, Седум слова за почетоците и етаблирањето, Институт за национална историја, Скопје 2017, 59 – 63.

12 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија од 313 до 700 година …, 98.

13 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија, Седум слова …, 67 – 77.

14 Драган Зајковски, Христијанството во Македонија од 313 до 700 година …, 116 – 122.

15 Исто, 122 – 133.

16 Исто, 136 – 142.

17 Исто, 143 – 147.

18 Исто, 148 – 151.