СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП БИЛ ГРАД УШТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ И РИМСКИОТ ПЕРИОД (4)

СПОМЕНИЦИ ОД ХРАМОВИ И ДРУГИ ПРЕСТИЖНИ ГРАДБИ ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД ВО СРЕДНОВЕКОВНИТЕ ЦРКВИ ВО ВАРОШ – ЦРКВАТА „СВ. ПЕТАР И ПАВЛЕ“

Голем број од спомениците со натписи од стариот град Прилеп кои, главно, се пронајдени на просторот на Варош и Маркови Кули, се регистрирани од научниците и истражувачите, а текстовите прочитани од епиграфичарите. За жал, иако се смета дека античкото име на градот бил Керамија, до денес, не е идентификувано на посоодветствен начин, бидејќи не се споменува на ниту еден од регистрираните споменици со натпис од тој простор. Тоа, сепак, не значи дека на некој, сè уште, нерегистриран споменик со натпис не може да биде пронајдено и идентификувано. Затоа, немарниот однос кон некои од епиграфските споменици може да не лиши од едно такво вредно откритие. Еден таков споменик се наоѓа пред влезот во црквата „Св. Петар и Павле“ во Варош – Прилеп. Се работи за вообичаен надгробен споменик од римскиот период, кој претставува столб со четириаголна форма, а неговата глава е со форма на борова шишарка. Споменикот е ставен на левата страна од западниот влез на црквата, фиксиран со цемент на една нивелирана хоризонтална површина, а натписот е на горната страна, постојано изложен на оштетување. Можеби, токму, поради тоа денес е тешко да се прочита, иако голем број од писмените знаци можат да се идентификуваат. Истражувачите, сепак, успеале делумно да го идентификуваат текстот. Споменикот е датиран од II до III век на нашата ера.1

Црквата „Св. Петар и Павле“ во Варош – Прилеп

            Споменатиот споменик е само еден од поголемиот број слични споменици вградени во ѕидот на црквата или поставени пред неа. Од постарите автори се познати уште два споменика со натпис, кој потекнуваат од црквата „Св. Петар и Павле“. Едниот од нив претставува споменик од мермер со четириаголна кубична форма. На една од страните има изработено поле во рамка, а во рамката е врежан текст. Во текстот се споменуваат имињата Јулијан и Парамон, со објаснување во чија чест се поставува споменикот а неговото датирање е од II до III век на нашата ера.2 Вториот споменик е, исто така, од мермер во форма на четириаголен столб. На една од страните има натпис, поголемиот дел ставен во рамка обележана со врежување, но натписот излегува од рамката, како на горниот, така и на долниот дел. Меѓу другото, во натписот се среќаваат имињата Парамон и Мема но, особено интересно, се споменува и името Алаксандар III за што е потребно да се направи соодветен стручен превод и соодветна анализа на целиот натпис. Споменикот е поставен како основа за чесната трпеза во црквата.3

Постамент на жртвеник од мермер

            Во ѕидовите на црквата, како и во ѕидовите од оградата можат да се забалежат уште голем број разновидни архитектонски елементи. Еден фрагмент од надгробен споменик со украсни елементи во калканот на горниот дел и 6 човечки фигури во облека во едикулата во долниот дел е вграден на северниот ѕид на црквата. Овој споменик го регистрирале и постарите истражувачи.4

Фрагмент од споменик со релјеф во внатрешниот дел на црквата

            На левата страна, пред црквата, покрај потпорниот ѕид на патот, односно оградата на црковниот двор, се наоѓа уште еден интересен споменик, архитектонски елемент, постамент од жртвена ара или елемент од извесна престижна градба. Во стариот дел од црквата, како и во припратата се вградени уште голем број архитектонски елементи од мермер, како и од гранит. Еден дел од помала врата или од прозорец, се наоѓа на десниот агол од западниот ѕид на припратата, а поголем број слични елементи има вѕидано на јужниот ѕид, како и на западниот и пред црковната градба. Еден камен блок со релјеф е вграден при самиот под на јужниот ѕид од внатрешната страна. Овој споменик е од домороден камен и претставува само дел од поголем објект од надгробен споменбик или дел од извесна архитектонска форма. На него се изработени листовидни и други форми, кои споменикот го прават впечатлив.

1 Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Scyithiae, Pars II – inscriptiones Macedoniae, Ediderunt: Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Gualterus de gruyter, Berolini . Novi Eboraci, MIM, 104, 105, Т- XXXI – 221.

2 Исто, 106 – Т- XXXI – 224.

3 Никола Вулиќ, Прилеп, Споменик, Српска краљевска академија, Белград 1931, 159, 160.

4 Исто, 160, 161.