РАСКАЖУВАЊЕТО ЗА ТОЛЕ ПАША НА ТРАЈАНА НИКОЛЕВА СТЕПАНОСКА (1879–1954) РОДЕНА ВО ЛОПАТИЦА

(Од книгата „Жива историја“ од авторот Томе Велјаноски, во подготовка на Тренчо Димитриоски, издадена 2004 година од КИДЦМ „Калеш Анѓа“ од с. Крушевица, Прилепско)

Баба ми Трајана во своите раскажувања за спомени од настани од 19 и 20 век често го споменуваше и војводата Толе Паша како заштитник на Лопатица. Вака раскажуваше таа: „Во мое знаење нашето село често беше напаѓано од разни арамии. Понекогаш ќе ги слушневме нашите постари како му велеа на жените, баба ми, мајка ми, стрини ми, ’вечерва соберете ги децата и појдете во таа и таа куќа’, а ние знаеме дека таа ноќ ќе го чуваат селото од напади на арамии. Така, јас бев 7 години кога една зимска ноќ селото беше нападнато и страната откај Бонечкото тешко се бранела и сето се вивна во пламени јазици, сето беше изгорено, а ние се тресевме како лисје на дрвјата од страв, какво ти спиење или јадење, каков ти ѓавол, само да преживееме. И ќе слушневме од постарите – ’ќе мораме да го викнеме Толе Паша со четата’. Најмногу напади врз нашето село вршеа откако стрико ми Божин Степаноски и учителот Грујо Шијакоски го избркаа со камење мусинскиот Турчин насилник по име Муса Муслиоски (Пеливанот) од Лопатица. Овој Турчин уште од мал бил со природна мана гороглед. Најпрво како детиште пасејќи ги своите волови се зближил со лопатичките аргати, па побарувал вода за да си ја олади душата од горештините. За да нема последици никој не му забележуваше. Подоцна Муса се прокуди и почна да руча со аргатите, па почна и да не го бендисува секој ручек, се настрви и почна да доаѓа во нашето село да си порачува ручек по негов вкус. Ние веќе израстивме девојчиња и тргнавме аргатинки по нивјето. За Петрови пости ние ќе постиме, ќе ручаме лук со киселина или кромид, а тој ѕверот Муслија ќе доаѓа или ќе си оди од нашето село да порачува или да си го земе порачаното јадење. Ако задоцнел на горештините ќе застанеше под некое дрво крај патот, ќе седне да ги пречекува домаќинките и ќе ги претресува која какво јадење му носи на аргатите по нивјето и ако му се бендисаше некое од јадењата ќе ѝ го земеше на домаќинката од раце и ќе си заминеше дома за с. Мусинци и така нејзините аргати ќе останеа гладни, а тој, ѕверот ќе ѝ порачаше на домаќинката да оди во селото во некоја куќа што ја избрал тој да му порача јадење за другиот ден какво што сака тој, а што беше вистински срам и понижување почна и да им префрла на жените.

Јас бев на 18 години. Стрина ми Китаница ќе ни носи јадење, беше редовница во куќата. Таа направила зелници и кога тргнала да ги носи на нивата ја пречекал Муса и сакал да ѝ ги земе зелниците. Стрина ми беше од Чаниште. Беше бестрашна жена и не му го давала зелникот, а тој ѝ го истурил. Дојде стрина ми и нѝ кажа. Се налутија стрикој ми Ристе и Божин заедно со Грујо Шијакоски и следниот ден кога Муса дојде повторно да нарача јадење му застанале со набодните и не го пуштиле да влезе во селото. Тој не сакал да се врати и го поткачиле со камење, та кога видел дека е тврдо, побегнал. Многу брзо по оваа случка, само по некоја ноќ селото беше нападнато од арамии и цела ноќ се пукаше. Сето ова беше направено за одмазда, за да ги отепаат противниците на Муса. За да се спасува селото од нападите на арамиите го викнаа напомош мариовскиот војвода Толе Паша. Толе Паша почна почесто да доаѓа во нашето село ноќните часови за да го брани од арамиите. Со неговата јунаштина и маштината Толе Паша си најде пријатели во нашето село. На моите стриковци Ристе, Божин и Грујо Шијакоски мусинчани заедно со канатларчани му направија неколку заседи по патиштата за да ги отепаат, ама имале среќа и преживеаја. Затоа пак, отидоа комити во четата на Толе Паша. Стрико ми Ристе се врати брзо, му било жал за неговото дете Божин.

Турците не го зафаќаа. Дали им помина лутината, дали мислеа дека водачите се стрико ми Божин и Грујо или се плашеа од Толе Паша, можеби и од стрико ми Ристе кој одеше и правеше некои ѓаволски работи, магии со врзување и бесење.

Една ноќ откако замина комита стрико ми Божин нашата куќа беше сардисана од арамии. Тоа, мислам, беше планирано од стрико ми Божин. Бевме сами. Мајка ми се премажи и ние останавме сираци: јас, Менка, Јованка, Мара и брат ми Степан. Откако си легнавме нешто почна да тропа на вратата. Јас бев најстара и низ малата врата се скрив во градината. Арамиите влегоа во куќата. Брат ми Степан го зеде пиштолот, но тој бил празен, го фатија, го врзаа, ја грабнаа најмалата сестра Мара на рамо и заминаа. Кутрата Мара како што ја носеле фрлала алишта попат за да остави знаци. Така сестра ми Мара беше на сила земена и омажена во селото Крушевица. Таму таа ја имаше само внука ми Трајанка. Зетот умре млад и сестра ми Мара се премажи за Петре Џунка во Ерековци. После разбрав дека нападот бил договор за да ме земат мене и да ме омажат. Договорот го направиле моите стриковци за да нè омажат. Деца сираци без мајка и без татко.

Кога се разбра дека паднал убиен Грујо Шијакоски сите во селото проносивме црнина. Тој со стрико ми Божина беа бранителите на селото и сега се прашувавме кој ќе го брани селото од арамиите. Грујо беше учител, ноќе шеташе по селата и им покажуваше писмо и наука на селаните. Таква беше неговата јунаштина, си ја остави жената со четири деца, Гроздан, Марко, Неда иНикола и татко му Никола. Товарот на семејството го понесоа неговата жена и татко му Никола. Без татко ги изгледаа децата и ги удомија. Кога шетал Грујо по селата им велел на луѓето дека само писмото може да ни ги отвори очите. Стрико ми Божин, уште млад куртулил во Гуѓаково и беше ти пребегал во Бугарија. Таму се ожени и си отвори фамилија. Си дојде со ’второто бугарско’, со себе го донесе и синот Војкан кој си има потомство во Софија.

Откако лопатичани со триста маки го испадија Муса да не доаѓа во Лопатица тој се настрвил во Подмол. Кога се враќал од лов одел во Подмол, таму ќе руча, ќе вечера, почнал да биди гостин катаден, почнал да пребарува јадења за него, па и за загарите, па и за фамилијата. Често доаѓал навечер, ќе застанел на сретсело и кого ќе го сретел или ќе му се наканел за гостин или ќе му речел да го носи во некоја куќа во селото. По некое време самиот почнал да си одбира каде ќе преноќева велејќи си, оваа фамилија ваква, оваа таква, убав куќа, неубав домаќин и сл. Така постапувал Муса се додека не го отепале подмолци на сам ден Велигден две години пред да загине Грујо Шијакоски.“

Во нападот на Лопатица една зимска ноќ кога изгорело селото од страната на Бонечкото изгореле куќите, сламите, трлото и говедарниците на Шутаковци. Шутаковци останале без имот и отишле да работат како момоци во Подмол. Во Подмол не поседиле долго време зашто не сакале да им бидат момоци на Евреите. Во тоа време Подмол било поделено. Едната страна ја држел бегот Адем, а другата Евреите од Битола. Затоа делот на Подмол преку реката, од страната на Лопатица се викал Еврејско маало. До чешмата на сретсело биле ковачницата и анот со неколку воденици. На тој начин Подмол се разликувало од другите села во околината како понапредна населба во која имало и мудурска станица, од која и денес има остатоци во ѕидини. Шутаковци од Подмол се иселиле во Прилеп, а оттаму отишле комити.

Канатларските препродавачи на тутун од Кртовци, Пириновци и други често оделе и препродавале тутун во Мариово, каде го носеле со товари. Тие имале склучено договор со четата на Толе Паша според кој секое одење во Мариово за препродавање тутун на четата ѝ оставале некој вид царина и Толепашовци постојано биле снабдени со тутун од канатларските тутунопрепродавачи. За возврат препродавачите никогаш не се поплакале, односно, никогаш не настрадале како Турци кога оделе да продаваат тутун во Мариово. Самите Турци – препродавачи на тутун зборувале сè најдобро за Толе Паша.

КАЖУВАЊЕ НА КРСТЕ ЃОРЧЕВ ЈАНКОСКИ ОД МАРУЛ (1908–1980) ЗА ТОЛЕ ПАША СПОРЕД РАСКАЖУВАЊЕТО НА ТАТКО МУ ЃОРЧЕ (1859–1926)

Толе Паша е политичка и историска личност за тоа време во нашите краеви, исто како Кузман Капидан и Иљо Марков Малешевски. Тој учествувал во повеќе борби за одбрана на незаштитеното македонско христијанско население од турските разбојнички банди кои го ограбувале во тоа време.

Горче Јанкоски бил одреден од началникот на селскиот комитет да ги пренесе војводите Петре Ацев и Толе Паша од с. Ерековци до местото Тромеѓите на селата Лопатица, Бонче и Крушевица. Војводите Петре Ацев и Толе Паша биле присутни како делегати на Смилевскиот конгрес што се оддржал од 2. до 7. мај 1903 година. По завршувањето на конгресот двајцата војводи до селото Ерековци биле спроведени од демирхисарските курири, а од Ерековци по наредба требало началникот на селскиот комитет во с. Марул Стојан Мојсов Колески да одреди доверливо лице кое двајцата војводи ќе ги пренесе во најголема тајна од Ерековци горе до Лопатичкото. Оваа одговорна задача селскиот началник му ја доверил на Горче Ристев Јанкоски.

Вечерта откако се стемнило Ѓорче си го зел сивиот коњ, му ставил самар. Го припокрил самарот со алишта и отишол на договореното место во Ерековската корија каде се сретнал со куририте од Демир Хисар и војводите Толе и Петре. Предметите кои ги носеле со себе војводите ги товариле на коњот, а Толе Паша како постар бил замолен од Петре Ацев да се качи на коњот. Толе го послушал Петрета Ацев, се качил на коњот и тргнале кон определеното место. Ноќта поминале низ Ерековското, Канатларското, низ коријата во Марулското, над браненицата кај местото Црвеница во Лопатичкото и рано во зорите пристигнале на определеното место меѓу синорите на Бонче, Лопатица и Крушевица. Тука војводите требало да ги преземат други курири кои ќе ги пренесат во внатрешноста на Мариово. Како што кажувал Ѓорче, Толе Паша бил лесно подвижен, кога се качувал на коњот само се потпрел на пушката и се фрлил на самарот, а притоа се посмеал: „А бе, добиче, вие со брате Ѓорче се нафативте да нè пренесите, бидете силни во оваа темна, тивка и глува ноќ за да поминеме убаво.“ Кога стигнале на определеното место, место курири тука чекала четата на Толе Паша за да ги преземе војводите и да продолжат во Мариово. Тука Ѓорче се сретнал со Грујо Шијакот и Божин Степаноски со кои се познавал од порано бидејќи неговата сестра Јованка била мажена во Лопатица. Само што слегол Толе Паша од коњот и ги растовариле товарените работи, коњот на Ѓорче легнал и си умрел на самото место. Бре вака, бре така, умрел коњот. Толе Паша извадил пари од ќесето, му го платил коњот на Ѓорчета, а на своите четници им наредил да го одерат коњот и кожата заедно со самарот да ги земат со себе. Мршата брзо ќе ја насети дивината и ќе биде изедена. Ѓорче се вратил дома преку денот, го пријавил коњот како загубен и така неговите траги биле покриени. Како што кажувал Ѓорче коњот бил премногу товарен, војводите носеле пушки и муниција, како и облека, а и самиот војвода Толе Паша му се видел дека тежи 150 килограми. Оделе прекутрупа, преку долови и коњот сигурно се протурил во стомакот уште по патот. Горче го сетил коњот дека бил многу испотен.

ЛИКОТ НА ТОЛЕ ПАША ВИДЕН ОД ЃОРЧЕ ЈАНКОСКИ

Среден раст, со широки плеќи и гради.

Долга руса коса, долга руса брада и веѓи како бујни пластови.

Тркалообразно лице, нос со големи носни отвори и очи со остар машки поглед.

Грлест глас.

Цврст во раката при поздравот.

Бестрашен и без „влакна“ на јазикот.

Тежина околу 150 килограми?

Старост – Ѓорчева врст.

Ѓорче го споредувал Толе Паша со Стојана Колески од Марул кој, исто така, бил силен и бестрашен, плеќест човек со среден раст, роден 1860 и живеел до 1936 година.