МАНАСТИРОТ „СВ. ЃОРЃИЈА“ – ЕДНО ОД СТАРИТЕ СВЕТИЛИШТА ВО ДОЛИНАТА НА РАНОХРИСТИЈАНСКИ ЦРКВИ КАЈ СЕЛОТО ДУЊЕ, ВО МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО

Манастирот „Св. Ѓорѓија“ кај селото Дуње, Прилепско  е само еден од големиот број локалитети, кои се јасен доказ за изгубената контрола на надлежните институции за заштита на културното наследство. Овој манастир се наоѓа на локалитет на периферијата на големата долина во чиј центар е селото Дуње и во која се среќаваат импресивни археолошки остатоци од различни периоди, особено, од раното христијанство. Во оваа долина се среќаваат десетина места со остатоци од антички храмови и ранохристијански цркви и базилики. Повеќето од нив биле впечатливи градби со голем број архитектонски украсени елементи од мермер – столбови, капители, бази за столбови, парапетни плочи и слични елементи. Дилината е вистински пример за бујниот развој на раното христијанство со голем број христијански цркви на мал простор. На некои од локалитетите се среќаваат дури и по два и повеќе објекти од овој период.1 Остатоци од раното христијанство се среќаваат, речиси, во сите села расположени во оваа долина, која располага со неколку краци во кои се сместени селата, кои денес се, главно, полупусти. Долината ја пресекува на два дела Свинска Река, која доаѓа од кај селата Кокре и Кален, па надолу продолжува како Дунска Река формирана од помалите рекички, кои се сливаат од селата Пештани, превојот Лигураса и селото Вепрчани, па на крајот да завриши како Лисичка Река внесувајќи ги водите од сите овие водотеци во поголемата Црна Река. Интересно е да се спомене дека во долината се среќаваат остатоци населби со градски карактеристики, кои биле центри на поишироката област во различни периоди. Градот Достонеј, кој бил расположен во близина на денешното село Пештани бил центар на Мариово во римскиот период,2 а градот на локалитетот „Маркови Кули – Градок“, на левиот брег на Црна Река, станал центар во доцниот римски период и раното христијанство.3 Следејќи ги богатите остатоци од овие периоди во долината, големиот број остатоци од  ранохристијански објекти, како и од перидот кој му претходи, воопшто, не треба да не зачудува.

Манастирот денес 2

            Остатоци од римскиот период, доцната антика и раното христијанство, се чини, можат да се следат континуирано низ сите тие периоди, а присуството на поголем број локалитети со сотатоци и од постарите периоди, македонскиот период, како и праисторијата, упатува на долг културен континуитет со корени во подлабоката праисторија.

Два мермерни споменици пронајдени при подготовка на теренот за градба

Кога сме кај раното христијанство, остатоци од тој период се среќаваат, речиси, во сите села од долината како и во нивната околина. Такви среќаваме во селото Кокре,4 Дуње, Вепрчани, како и во атарот на испустеното село Лисиче,5 во близина на Црна Река. Сите овие локалитети се наоѓаат на релативно блиски растојанија еден од друг, што упатува на „збиеност“ на ранохристијанска култура, односно на ранохристијански цркви во долината.

Поголем број архитектонски елементи од мермер и гранит

            Локалитет со остатоци од римскиот период и раното христијанство е и споменатиот во насловот, со манастирот „Св. Ѓорѓија“, кој се наоѓа во атарот на селото Дуње, на околу 4 km јужно од селото, на околу 2 км јужно од локалитетот „Трпчева Црква“, на едно ритче десно од патот за Витолиште. Денешниот манастир „Св. Ѓорѓија“, кој е изграден во поново време, е поставен на место со остатоци од стара градба на црква, која води потекло од раното христијанство. На тоа упатуваат поголем број камени елементи од архитектурата на старата градба, меѓу кои и мермерни и гранитни столбови, еден убав капител со помала димензија украсен со листови од лоза, како и еден делумно сочуван споменик со остатоци од натпис. Со последните градежни активности на овој простор се откриени и цели садови од керамика со старо потекло, од кои еден питос со средна големина може да се види во просториите на новата зграда на манастирот, а на него е аплициран керамички фрагмент со крст изработен во прави форми.

Фрагмент од споменик од мермер со натпис

На околу 2 км источно од манастирот „Св. Ѓорѓија“ се наоѓаат уште две ранохристијански цркви, чии остатоци се сосема видливи во рамките на локалитетот „Маркови Кули-Градок“6 и заедно со остатоците од ранохристијанска базилика на локалитетот „Трпчева Црква“, кој се наоѓа на околу 1 km северно,7 остатоците од слична црква кај селото Кокре,8 како и оние од селото Пештани и Вепрчани,9 сликата станува многу побогата и споменатата долина ја претставува како долина на развиена култура на доцната антика и раното христијанство. Сето тоа е показател дека христијанството во Мариово било прифатено како религија уште во првите векови на неговиот развој, по доаѓањето на апостол Павле во Македонија, а посебно по издадените наредби од страна на царот Константин (313 година во Милано) и од Теодосиј (380 година), кога оваа вера е прифатена како државна религија. Уште повеќе, може да се каже дека овде во раното христијанство цветала вистинска христијанска култура. Во котлината во која е сместено селото Дуње со соседните села, има уште голем број места на кои се среќаваат остатоци од градби од овој период. Манастирот „Св. Ѓорѓија“ во своја близина има и други остатоци од материјална култура, кои го дополнуваат и збогатуваат, но и разјаснуваат културниот амбиент во кој се наоѓале градбите од пораните периоди на истото место. На околу 100 до 200 m југоисточно се среќаваат остатоци од градби, но и од некропола, а на околу 300 до 400 m источно, на локалитетот „Мемедова Чешма“, среќаваме населба и некропола од сличен период.10 Сите овие сознанија даваат јасно до знаење дека стариот храм кој, веројатно, бил ранохристијанска базилика, бил само дел од религискиот и културниот амбиент во овој простор, односно им служел на жители на населба, која се наоѓала во близина, веројатно, на локалитетот „Мемедова Чешма“.

Питос пронајден на теренот при подготовка за градба

За потврда на гореизнесеното, се разбира, потребно е многу поангажирано истражување и анализа од страна на стручњаците за оваа проблематика. Фактот што експонатите од различните периоди на културата се појавуваат при изградбата на црквите и придружните објекти на споменатите локалитети, упатува на крајно лоша систематика на следење и заштита на културното наследство во Македонија, а тоа зборува за губењето на голем број сознанија и археолошко богатство од различни периоди, без каква било контрола. Информациите кои можеме да ги проследиме се резултат, исклучиво, на односот и почитта, која ја имаат кон културното наследство на Македонија членовите на црковните одбори.

Крст изработен на керамичка плочка

Денешниот манастир, кој е во постојана изградба, започнал со обновување во 1918 година. Првите скромни градби во тоа време биле направени благодарение на братот и сетрата, Цвета и Васил Василески од селото Дуње, кои имале извесно претскажување, но и сознанија дека на тоа место имало стара црква, па започнале со обновување на светото место. Изградиле скрома црквичка и уште една поголема камена градба за потребите на манастирот и започнале со црковна служба за време на празникот Ѓурѓовден, односно „Свети Ѓорѓија“. Црковните одбори од последниве децении, со постојана заложба ја обновија црквата, ја обезбедија со иконостас и други, неопходни, црковни предмети, но изградија и една поголема зграда – конак со приземје и два ката, со сала за гостите при одржувањето на црковните служби и славењето на празниците, како и поголем број соби за сместување на гостите, уредија дел од црковниот двор и околината и продолжуваат со слични активности. При подготовките за уредување на просторот и изградбата на објектите, тие открија и остатоци од стара градба, како и голем број интересни споменици – делови од архитектурата на ранохристијанската црква.

 

 

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ, Прилеп 2002, 94 – 98.

2 Исто, 189 – 193.

3 Иван Микулчиќ, Средновековни градови и тврдини во Македонија, Скопје 1996.

4 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II, 170 – 171.

5 Исто, 94 – 98.

6 Исто.

7 Исто, 185 – 188.

8 Исто, 170 – 171.

9 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II.

10 Тренчо Димитриоски, pelagon.mk.