ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, БОЖЕСТВО И АПОСТОЛ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Во чест на 119 години од херојската смрт на македонскиот великан, апостол на борбата за ослободување на македонскиот народ, револуционер со визија за иднината на човештвото и бескомпромисен борец против ропството, Гоце Делчев, пренесуваме извадок од спомените на војводата и револуционер Петре Ацев од селото Ореовец, Прилепско. Тој, како што самиот потврдува, имал само една средба со овој великан и таа била судбинска за него, односно, останала вечен белег и насока во неговата револуционерна борба. Петре Ацев, кој бил на ист став со Гоце Делчев во врска со начинот на организирање и водење на борбата за ослободување од турското ропство, пренесува живи искажувања на големиот револуционер за неговите ставови во врска со борбата за ослободување, подготовката на народот за кревање на востание и начинот на кој треба да изведе тоа. Исто така, во своите спомени, Ацев пренесува силни впечатоци, кои “не можат да ги избришат, ниту вековите“, за личноста и улогата на великанот, кој секаде каде што ќе се појави, во очите на собеседниците се отсликува како „ Божество, кое тргнало така скромно да го исполнува својот долг кон народот.   

 

Петре Ацев – извадок од спомените:

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО ПРИЛЕП        

          

Петре Ацев
Петре Ацев

Расправајќи се со писма со Окружниот комитет за желбата да се уреди станица во некое село, за да не влегуваат нашите луѓе во Битола,1 добив писмо од Прилепскиот околиски комитет, со кое ме известуваа за пристигнувањето на Гоце Делчев и ме канеа да одам за да се сретнам со него, зашто се брзал да замине за Битола, та немал време да дојде во Крушевската околија.

            Заминав и се сретнав во конакот на монахот Козма. Собичката во која живееше монахот Козма беше на една бабичка, куќата, една ниска, повеќе изградена од кал. Гоце се извини дека го среќавам во такви услови, велејќи: „Јас ја претпочитав оваа колиба пред удобните конаци на прилепчани само поради овој веселник, посочувајќи го Козма. Тој, со својот јазик, е во состојба да насмее и дете во утробата на умрената мајка.“ Таа препорака за отец Козма беше доволен повод за да му ја разврзе устата; дотогаш тој молчеливо пржеше свински џимиринки во огништето. Гоце хистерично се засмеа и се фати за стомакот. Монахот, како одговор на Гоцевото претставување, продолжуваше со остроумијата. Гоце, веќе просолзен, го замоли монахот да замолкне, бидејќи стомакот почна да го свива во остри болки, но монахот продолжи и за време на појадокот, та Гоце не можеше да јаде. Најпосле тој го замоли Козма да замолкне за да можеме да започнеме сериозен разговор за положбата во Крушевската околија. Монахот замолкна и Гоце се успокои. Ми постави прашање како сме и каква е положбата кај нас. Како одговор, подробно му ја изложив положбата на Ораганизацијата во Крушево и соседните околии. Гоце беше многу задоволен. Тој рече дека сега нема да жали што нема да помине низ Крушево и соседните околии. Беше восхитен од начинот на доставување на оружјето и рече дека тој начин ќе го препорача онаму каде што ќе помине.

            Знаев дека тој ќе помине низ Битола, затоа го замолив да издејствува кај битолчани да нѐ ослободата од нелагодноста да минуваме низ градот кога одиме за Грција. Тој се зачуди зошто битолчани не ѝ посветиле внимание на нашата молба и вети полна соработка.

            По сето тоа, со Гоце Делчев разменивме мисли за нашето движење и за состојбата која ја создадоа врховистите. Гоце нашироко зборуваше за самостојноста на ВМОРО, за методичната помесна и сенародна дејност, која ќе може да ја изврши неопходната подготовка, тоа дека нашиот народ и суштински робува во продолжение од 500 години, зашто не може во секого и за кратко време да се разбудат вредностите на упорен и осознаен борец, а нашата борба ќе биде и нерамна, и долга. Затоа таа треба да се чува во строга тајност, зашто аферите ги отежнуваат нашите подготовки.

            За Гоце Делчев востанието беше последен куршум. „Го истреламе ли предвремено, немоновно ќе се случи катастрофа, која може да биде и со катастрофални последици. Кога ние ќе ја вооружиме селската милиција, да не си правиме илузии, како што мислат врховистите, дека со еден бунт ќе ја собориме Турската империја. Успехот треба да го очекуваме само во продолжувањето на нашата борба и од умешноста на народот да има доволно упорност. Затоа пак, заедно со вооружувањето треба да калиме револуционери, ете, затоа често се изложуваме на неподготвеност во многу случаи и се попречуваме сами, а уште повеќе тоа станува и со нашиот народ, кој по 500 години е повикан на политичка борба, борба низ која се добива слобода, треба да се истргне од рацете на една голема империја која, иако е сметана за болна држава, во сотојба е брзо да се справи со какво било импровизирано и набрзина стокмено востание.“ Гоце продолжи: „Треба целиот народ да го посветиме во нашето дело, да го вооружиме и да го научиме да владее со своето оружје, а има случаи кога многумина даваат средства за вооружување, но не се осмелуваат да внесат во својот дом ниту едн куршум. Со такви луѓе не може да се постигне целта. Најпрво треба да ги научиме оружјето да го земат во своите домови, да ги принудиме да го кријат и чуваат од гниење, после кое ќе дојде момент, кога во нив ќе се појави желба да го владеат тоа оружје, да го искористат, па дури тогаш да ги научиме да го употребуваат против властите и војската. Најпрво тие ќе го употребат против послаби објекти, па затоа ние, имајќи го тоа предвид, треба да бдееме и повремено да ги заоструваме и канализираме таквите пројави, зашто лесно можат да преминат во штетни акции, да го насочуваме и да го држиме на штрек и будно сознанието на нашите борци, откако ќе заврши организационата работа. Ќе ни се наложат пробни мобилизации и делумни акции, но далеку од центрите на околиите на Организацијата, меѓу муслимански населби, врз железници и други комуникации. Потоа ќе го приучиме вооруженото население да притекнува на помош ноќно време, на секоја наша група откриена од турските власти. Кога четите ќе бидат организирани насекаде, ќе треба да ги приучиме нашите луѓе да не им дозволуваат на властите да ги апсат, да ги фрлаат по затворите и да ги заточуваат. Воопшто, подготовката треба да биде сестрана за да има успешно водена борба. Врховистите, токму во однос на тоа се разликуваат од нас. Тие не се во право, кога роптаат дека не ги примаме во редовите на ВМОРО, зашто токму е спротивен нивниот став за начинот на водење борба. Додека ние мислиме дека со долга подготовка ќе создадеме услови за успешна борба, тие сметаат дека тоа е губење време, зашто не било потребно во ослободителната борба да земе учество целиот народ, а било доволно едно четничко движење под нивно вешто раководство, за да се ослободи Македонија.“

            По таа долга средба, јас требаше да се приберам, зашто во Турција имаше полициски час, а ми беше нелагодно од конакот на монахот Козма да излегувам со фенер со кој можеше да се движат ноќно време задоцнетите во градовите.

            Тој став на Гоце целосно се совпаѓаше со нашиот за подготовката и тоа ми даде можност да се убедам дека сме на вистинскиот пат.

            Гоце, кој многу го сакаше и почитуваше мојот брат Мирче, откако искажа сочувство и изјави дека загубата со неговата смрт е голема за нашето дело, ја опиша битката со сите поединости, така  како што тој ја проучил на минување низ Тиквешко, а во Прилепско ги сретнал двајцата преживеани четници – Христо и Зафир.

            Се збогувавме, откако го искажав своето големо жалење што не ќе може да помине низ нашиот крај. Гоце ми направи голем комплимент, кога ми рече: „Додека има дејци како тебе во тој крај, нема никаква потреба од мојата посета. Ако не беше дошол, многу ќе жалев што не сум поминал низ Крушево, но сега сосема спокојно ќе го продолжам патот за Битола.“

            Тоа ми беше првото и последно видување со Гоце. Тоа остави во мене спомени, кои ниту вековите не се во сотојба да ги избришат. Беседата со Гоце беше не само пријатна поради негоовите красноречиви зборови, но таа беше длабоко поучителна и насочувачка. Тој секогаш не ја испушташе од предвид својата цел на апостол, кој требаше не да наредува, туку да ги убедува и поучува своите другари, не да парадира, туку со едно откровение и искреност да дава пример за сознателно исполнување на долгот кон делото и родината. Затоа и неговиот збор допираше во собеседниците и тие, не само што се убедуваа, туку и недвојбено се приврзуваа и гледаа на него како на Божество, кое тргнало така скромно да го исполнува својот долг кон народот. А неговиот живот, и во Македонија, и надвор од неа му беше една заразна проста болест, кој ќе го видеше, веќе се ангажираше да го подржува.

            Другиот ден ја видел мајка ми, таа ме сретна со зборовите: „Вие бидете ми живи, синко, Бог да го прости Мирчето, научиле дека бил убиен во Уланци.“

            Ја запрашав кој и кажал за неговото убиство.

            Таа ми кажа дека кај неа дошол Делче војвода, додавајќи: „Што момче бил Делче, Господ да и го поживее на мајка му сирота, оти тој ми каза: имам и мајка и татко.“

            Во моментот, кога срцето на мајката е така рането од известувањето за смртта на нејзиниот првороден син, Гоце, автор на тоа известување ѝ внесува неизлечливи спомени и прави впечаток во длабоко натажената мајка, за да го благослови и моли провидението за да му го зачува животот за радост на неговата мајка и нашиот народ.

            Заминав за Крушево, каде затекнав една положба, која многу ме загрижи. Војводата Веле Марков заболел од стомачен тифус и го беа довеле во градот на лекување, времено го замени Методи Стојчев.  

1 Се однесува на писма со барање од Ораганизацијата во Прилеп, кога нејзините активисти одат по организациска работа во Грција, да бидат ослободени од поминување во Битола, односно, како станица на тој пат да се определи некое од селата во околината.