ГОЛЕМА НЕКРОПОЛА ОД АРХАЈСКИОТ ПЕРИОД КАЈ СЕЛОТО ЧАНИШТЕ ВО МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО, УНИШТЕНА БЕЗ ДА СЕ ДОБИЕ ПОДАТОК ЗА НЕА СО АРХЕОЛОШКО ИСКОПУВАЊЕ

Институциите надлежни за истражување и заштита на културното наследство во Македонија, се чини, се немоќни во извршувањето на својата задача. Пред „нивниот нос“, неповратно, исчезнуваат голем број културни вредности без да добеиме елементарно сознание за нив. Се разбира, со тоа се осиромашува и целокупната македонска култура и историја и се губат значајни аргументи за нејзиното значење во пошироки рамки.

            Еден убав пример за тоа е една раскопана и уништена некропола, малку позната во археолошката наука, чие уништување се случило уште пред повеќе од една деценија кај селото Чаниште, Прилепско. Отворени се повеќе од десетина гробови со конструкција од убаво изработени камени плочи, со впечатлива димензија. Непознатите „археолози“ ги откопале гробовите до самото дно и ги оставиле празните гробни јами да зјаат кон небото со својата завидна димензија. Некои од конструкциите на гробовите се, речиси, целосно зачувани и можат да се измерат нивните димензии – должина, ширина и длабочина, додека други се со растурена конструкција или делумно зачувани. Нивните димензии се впечатливи, бидејќи се градени со големи и добро обработени камени плочи. Се среќаваат гробови долги, дури, и до 2 метри, односно, 1,8 или 1,9 метри, широки до 1 метар, како и длабоки до 0,8 метри, па и подлабоки.  Некои од гробовите биле заградувани со ѕид од големи делумно обработени камени блокови. Според она што може да се види во поширокиот простор, некрополата зафаќала поголема површина (повеќе од 0,2 ha) и била оштетена уште од поодамна, бидејќи камени плочи од гробовите биле употребени уште за време на оградувањето на земјоделските површини на локалитетот, во кои се наоѓаат и гробовите. Веројатно, целиот камен или барем дел од него, употребен во оградните ѕидови на нивите бил во извесна функција на старата некропола, односно, бил дел од разновидните конструкции поврзани со гробовите и извесен ограден ѕид на некрополата. Камени плочи од гробовите биле употребени и како ограда на патот кој води од селото Чаниште до локалитетот Богданова Нива кој, исто така, има старо потекло и долга традиција. Извесен број од гробовите биле раскопани во поблиско време, последниве неколку децении, на што упатуваат зачуваните гробни конструкции и длабоките јами на гробовите, се уште незатрупани со земја. Нивното откопување, всушност, се случило по прекинувањето на обработување на земјоделските површини во кои се наоѓа и самата некропола поради иселувањето на голем број жители од селото Чаниште.

Гробна јама откопана до дното

            Според формата и димензиите, ваквите гробови се датираат во архајскиот период, кој важи за многу значаен период во развојот на културата на човекот на овој простор, со нагласено влијание од Медитеранот.1 Токму од овој период, односно, од архајскиот и посебно доцниот архајски период, потекнуваат и некои од познатите локалитети во Македонија, кои се одликуваат со богати археолошки наоди. Меѓу нив се Требениште кај Охрид, Петилеп – Беранци и други.2   

„Исчистена“ гробна јама

            Особено е жално што не е познат ниту еден предмет кој е изваден од некој од гробните јами на овој локалитет. Непознатите „археолози“ молчат за содржините на ископаните гробници. Се чуваат ли предметите во нивните збирки или ги продале на колекционери од земјата и странските земји? Во секој случај, ваквата состојба е вистинска штета за македонската археологија, која е лишена од драгоцени сознанија, како и за македонската музеологија, која е лишена од премети со непозната културна вредност. Фсушност, ова е само еден пример како се губи значајно македонско културно наследство и како, континуирано, се осиромашува македонската култура и се лишува од драгоцени културни содржини. Фактот што споменатата некропола се наоѓа во близина на локалитет со остатоци од населба со континуитет од праисторијата до македонскиот период, полн со разновидни археолошки содржини,3 упатува на значењето на некрополата. Да се надеваме дека еден ден ќе се заинтересира и некоја од надлежните институции, кои располагаат со соодветен археолошки кадри, па ќе добиеме и некакво релеватно сознание за неа, како и за останатите културни содржини од поширокиот простор.  

 

1 Ivan Mikulčič, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza – od egejske seobe do Avgusta, Arheološko društvo Jugoslavije – Arheološki muzej – Skopje, Skopje 1966, 37 – 43. Драги Митревски, Протоисториските заедници во Македонија, Републички завод за заштита на спомениците на културата – Скопје, Скопје 1997, 160- 185.

2 Исто.

3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 105 – 110.