УБИСТВОТО НА ПОЛЈАКОТ АСАН КАЧАКОТ

(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово 1856 – 1950

Автор: Томе Велјаноски

Подготвил за печат: Тренчо Димитриоски)

Асан Качакот по потекло бил Арнаут од кичевскиот крај. Тој бил поставен за полјак од бегот во Дедебалци викан Арапо. Тоа се случило во 80-тите години на 19-от век. Асан бил поставен за полјак на селата Дедебалци, Путурус и Црничани. Овој Арнаутин познат како Качакот не бил ништо подобар од познатите турски злосторници од тоа време, како Муса Питуличарот од Подмол, Амдија Лазески од Марул, Јашар–бег и Катиљ Шериф од Мало Рувци, Чучук Сулејман, Асан Суљо Пушка и др. Асан Качакот бил голем противник на христијанството. За време на неговото полјакување се прокудил редовно да оди во селото Црничани, во кулата на бегот Ламе и да му ги гали и милува анамите. За услугата што им ја вршел анамите му давале пари и тој почнал често да пие. Еден ден, поднапиен, Асан сакал да отепа некој ѓаур. Го фатил Трајко Долески и зел да го тепа. Долевци, пак, биле големо семејство во кое имало дури 17 мажи. Спискале во семејството, излегол Митре, брат на Трајко и кога видел што е работата стигнал на местото, го потиснал Асана и го заклал со ножот. Се собрале Долевци, го зеле телото на Асана и го фрлиле на некое скришно место, та убиецот не бил откриен од власта. По извесно време некој сиромав човек по име Здраве од Ќосевци (денес нема нивно потомство) се појавил облечен во едно ќепе (облeка која ја носат Мијаците за заштита од дожд) кое му припаѓало на Асан Качакот. Турците го забележале Здравета со облеката од Асан Качакот и помислиле дека тој го има отепано. Почнале да го следат за да го отепаат за одмазда. Во 1899 година, еден летен саботен ден, во копање пченки, Здраве отишол на пазар во Прилеп. Тој пазарил што пазарил и си тргнал да си оди дома заедно со двајца пазарџии од Путурус и уште двајца негoви соселани од Црничани. Турците направиле заседа во марулскиот атар на местото Каменот. Некое време попладнето пазарџиите наближиле спроти Каменот не знаејќи што ги чека. Одеднаш згрмеле пушките на турската заседа и Здраве и неговиот коњ паднале убиени наместо. Еден од црничаните (името не му е познато) зел да бега со коњот, но Турците го погодиле преку реката во нивјето Јованоски. Тој му бил татко на дедо Димко со прекар Суџукот, кој живееше во селото Мојно каде се премажила неговата мајка по убиството на нејзиниот маж. Другите тројца пазарџии успеале да избегаат и да се спасат. Тепачите биле следниве: Ариф и Ислам Селимоски и Рустем Пардиоски од селото Канатларци и двајца од селото Мусинци чии имиња не нѝ се познати. Тепачите заминале пред очите на аргатите со пушките на рамо и фатиле нагоре по брегот. Се појавил марулскиот бег Амдија на местото Падарница, ги видел и знаејќи кои се рекол: „А бе пуштете тој е будала“. Така Здраве паднал убиен поради ќепето на Асан Качакот што го носел. Поради него загинал и другиот црничанец од пазарџиите. Така сѐ завршило како во поговорката, „Кој коњ ќе се фати, тој ќе врши“.

Црквата во селото Црничани

Кажувано од: 

  1. Јован Божиноски од Црничани,
  2. Ристе Јовчески од Марул и
  3. Вангел Јовчески од Марул.