КОШМАРОТ И МАСАКРИТЕ НА ТВРДОТО БУГАРСКО „НЕ“ И УЛОГАТА НА АКТУЕЛНИТЕ „АДМИНИСТРАТОРИ“ ВО МАКЕДОНИЈА
Информацијата од бугарскиот премиер, Кирил Петков, дека новиот македонски премиер, Димитар Ковачевски, од својата „една недела премиер“ поминал „четири дена во бугарската влада“ звучат многу јасно, дека тој, односно, Ковачевски е само „администратор“ на Бугарија во македонската земја. Особено, од аспект на бугарската политика кон Македонците, односно дека, всушност, не постојат Македонци во Бугарија, што подразбира дека не постојат ниту во Македонија, во која има само „Бугари“, кои треба да бидат „инсталирани“ во уставот на новонаименуваната држава со интервенција на Грците и подршка и „потфаќање“ на Бугарите. Кога во тој Устав, (кој веќе го изгуби својот авторитет, а можеби и легитимитет, од честите интервенции во него како да се работи за „алваџиски“ тевтер, а не Устав на држава) ќе бидат внесени Бугари кои, пак, не признаваат Македонци и сѐ што оди со тој народ, историја и култура, се открива крајната цел, односно, скриената намера. Доколку нема Македонци, а има Бугари, се знае! Тоа е дел од Голема Бугарија, остварување на бугарскиот сон, кој трае повеќе од еден век, колку што трае и бугарската асимилаторска пропаганда во Македонија.
Можеби ова изгледа многу кратка анализа на една долго водена стратегија и сосема кратка анализа на една сурова и негаторска политика, која со помош на домашните „администратори“ во Македонија, кои „администрираа“ и ново име, се приведува кон крај но, ете, мене ми изгледа доволно, па и бесмислено да се трошат многу зборови и мониторска белина за јасно видлива состојба.
Но, не беше интересна само горенаведената „пофалба“ на Ковачевски од неговиот колега Петков. Набрзо по неа следеше „ТВРДОТО НЕ“ за Македонците, на Бугаринот, Кирил Петков (ако е Бугарин??!), „тврдо“ изјавено во парламентот на Бугарија!!!
Што значи политички и дипломатски ваквата „тврда“ изјава, не би се занимавал. Мене, ова „тврдо“ бугарско „НЕ“ ме потсети на неколкуте „ослободувања“ на Македонија и соодветните активности за „дисциплинирање“ (читај: масакрирање) на непослушните во тоа време, кои не беа малку и се случија на целата територија на Македонија. Сѐ во името на „ослободувањето на братскиот народ“ во романтичниот дел, Македонија. Ваквите „дисциплинирања“ (масакри) на Бугарите во Македонија, беа резултат на „Тврдото НЕ“ за Македонија и Македонците, исто како, тукушто, изреченото на „мирољубивиот“ Бугарин, Петков. Со напнати вилици и стегнати заби кои, чинам, произведоа и крцкање во бугарскиот парламент, а можеби и нечија жила остана смрзната од таквиот звук, кој потсетува на едно минато, но незаборавено време на хитлеровиот план за еврејскиот народ. Да се надеваме дека „тврдото“ бугарско „НЕ“, „исцедено“ преку грлото на мирољубивиот Петков ќе остане само на вербално ниво, иако звучи кошмарно.
Резултат на бугарското „НЕ“ во Македонија, меѓу другото
– Два „рекорди“ од Првата светска војна:
- Најголемото злосторство на Балканот од Првата светска војна. Иако селскиот свештеник и неколку жители од селото излегле да им изјават лојалност на Бугарите, на почетокот на ноември 1915 година во селото Долгавец, егзекуторите не покажале милост. Веројатно била таква наредбата на повисокото „началство“ од кое била формирана и специјална експедиција за откривање и казнување на „непослушните“ во Македонија. Оваа казнена експедиција била под команда на капетанот Константин Панов, кој по војната продолжил да напредува со добивање чинови и почести, поставен во служба на царската свита.
Постапката е грозоморна: Во селото Долгавец влегле 10 бугарски војници и тројца Албанци и започнале безмилосно колење на мажи, старци, жени и деца. Прв настрадал свештеникот, кој предводел група за пречек, кого го избоделе со бајонети, но тоа не им било доволно, па му ја отсекле и главата со секира. Потоа продолжило убивање, масакрирање, бесење, силување и мачење, односно, продолжил невидениот бугарски пир. Казнената експедиција „лесно“ си ја вршела задачата дадена од повисокото „началство“. Според едни податоци, кои се достапни, во Долгавец биле масакрирани 167 лица (Стенографске белешке народне Скупштине Краљевине Србија, 1918 – ИНИ-Сл. Ⅲ 250/1918-1), според други 180 (Јован Трифуновски). Масакрот не завршил тука, туку продолжил во околните села и неговиот биланс достигнал бројка на масакрирани мажи, жени, деца и старци, дури, 336 жители на Долгавец, Маргари, Слепче, Костинци, Стровија и Гостиражни. По масакрот, сепак, останале сведоци на настанот, иако, не биле поштедени од егзекуторите, тоа биле „Велика, која добила осум убоди од нож, Тројанка (веројатно Трајанка, з.м.), исто така, целата избодена со кама и Велика, која бугарските војници ја обесиле за нозе“ (Далибор Станковиќ, Ноемвриското злосторство во селото Долгаец, Нова Македонија, 09.11.2019). Овој масакр се смета за за најголемо злосторство во текот на Првата светска војна на Балканот.

- Масакрирање на 103 поречани од Македонски Брод и четириесетина села во Поречието. Сведок на овој настан е костурницата изградена во нивна чест во близина на манастирот „Рождество на света Богородица“ кај селото Горни Манастирец. Во овој случај, ликвидацијата била направена по список на избрани противници на бугарската власт и бугарската национална свест, а во списокот биле избирани, главно, првенци – учители, свештеници, кметови и сл. Во Поречието биле уапсени и затворени 205 лица. Едн дел од нив биле приведени во Околиското началство, а дел во Прилеп, додека 103 лица биле однесени во местото, Дервишка Нива и биле ликвидирани со колење. Стотретиот од настраданите бил еден бугарски војник, кој не сакал да коли од поречаните. Значи, нема, „опрост“, ниту за своите, доколку не сакаат да учествуваат во „крававиот пир“.

„Заробени се 205 Поречани и на патот за Прилеп, половината од нив се оставени на месноста Дервишка нива, 103, најголем дел од селото Здуње, 22 лица, и тука сите масакрирани. А останатите биле пратени во затвор во Прилеп, а после повторно се вратени во Поречието“, рече Зоран Трпчески, професор по историја.
Свештеникот Марко Трпкоски кој ја има комплетната документација за овој настан, заедно со имињата на убиените дошол до еден интересен податок.
Еден од бугарските војници рекол дека тој не сака да учествува во оваа злосторство и дека не сака да ги коле поречаните, поради таа своја одлука и тој бил убиен и тој е 103-тата жртва на овој ден“, вели Отец Марко Трпкоски, свештеник (Интернет страна: Македонски Брод – Порече https://makedonskibrod.mk/badnikov-masakr-ubieni-103-porecani/).


Од бугарското „ослободување“ на Македонија за време на Втората светска војна:
(Мислам дека овде е доволно само да се набројат дел од бугарските „напори“ за „ослободување“)
- На 19 септември, 1942 година, 19 прилепчани, повеќето по потекло од селото Дабница, Прилепско, измачени од тепање и сакатење, се изведени од местото на измачувањето во градот и на пат за селото Дабница се стрелани и избодени со бајонети, без судење, со инсценирање напад. Од смрт се спасил само едн од деветнаесетмината, Петко Велкоски кој, иако ранет и фрлен со усмртените другари, успеал да се притаи и во ноќните часови да се измолкне од местото и да се спаси.

2. 12 млади момчиња, скоро деца, стрелани во селото Ваташа, Кавадаречко. „Сестрата на Блаже, Ката која била одведена на местото и била сведок на овој грозоморен чин се сеќава дека нејзиниот брат Блаже, сè уште давал знаци на живот после стрелањето, но Бугарите со бајонети ги боделе и сечеле 12 младинци од Ваташа.“


3. Септември 1942 година, бугарските фашисти, во нерамноправна борба, го убиле Пецо Крстески – Даскалот од селото Долнени, Прилепско во селото Габровник, Велешко, но тоа не им било доволно, па му ја пресекле главата, ја однесле во селото Богомила, Велешко и со неа играле фудбал сред селото. Овој борец и херој на Македонија е брат на познатиот македонски архиепископ, Цветко Крстески (архиепископот Ангелариј).
4. Во октомври 1942 година, со цел да се разбие духот на овој народ и неговиот стремеж за национална слобода, бугарските окупаторски сили ја спровеле т.н. „Бабунска акција“. Во неа, на 17 октомври 1942 година, само во Богомила брутално биле убиени и масакрирани 16 борци, 64 души биле интернирани во логорите во Бугарија, а други 48 во затворите во Скопје и Велес. Само мал извадок од невидениот садизам и масакр во Сеченица: „Слична судбина доживеале и Борис и Ризо Јаневи. Тие биле убиени во близина на железничката станица “Васил Антевски”, на исто така ѕверски начин. Најпрво биле ставени во една дупка помала од нивниот раст. Потоа еден по друг биле прекршувани, набивани и закопани живи во дупката. На Ристо Поповски, пак, бугарските војници најпрво му ја згмечија главата со камења, потоа го издупчиле со ножови и на крајот го фрлиле во заедничката гробница, а Тоде Спировски жив бил боден со долгите војнички ножеви по целото тело. И покрај ваквите садистички методи, бугарите не слушнале ниту еден збор од Тодета, ниту офкање ниту слични реакции. И тој бил фрлен во заедничката гробница“ (Ѓорѓи Малковски, Хероите умираат со отворени очи, Македонска нација -http://www.mn.mk/komentari/19030).

5. Масакрот во селото Јаболчиште, Велешко. „Во потрага по Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“, бугарската војска и полиција на 24 октомври 1942 година во раните утрински часови влегле во селото. Војниците ги извлекувале селените од куќите и ги собрале сретсело. Од селаните војниците барале да им кажат каде се кријат партизаните и кои се нивни симпатизери и ги обвинувале дека го помагаат партизанскиот одред. При тоа жестоко се пресметале со селаните. Биле тепани и осакатени повеќе лица, а десетина селани, меѓу кои и жени, деца и старци, биле дел искасапени или стрелани, а дел живи фрлени во запалените плевни. И покрај теророт, никој од селаните не ги предал партизаните.“(Википедија, „Велес и Велешко во Народно ослободителната војна 1941-1945: спомен книга на загинатите борци во НОВ и жртви на фашистичкиот терор од Велес и Велешко“, Титов Велес, 1985, 111-129. Велешки партизански одред 1942, Скопје, 1999).
6. 14 септември, место „Пуста Кула“, кај селото Рудник, Велешко, седум партизани без судење, донесени од Скопје и масакриран
7. Штип, 6 април, 1944 година, стрелани 12 патриоти, младинци и рудари, како одмазда.
8. Барбарас, Македонски Брод, 12 февруари, 1944 година – стрелани 8 партизани.
Невидените измачувања од страна на Бугарската војска и полиција, како и ликвидацијата со инсценирање самоубиства и слично, како што се измачувањето и ликвидацијата на поетите, Коле Неделковски и Мите Богоевски, грозните дела врз Мирче Ацев и Страшо Пинџур, како и голем број други слични измачувања на Мекедонци, борци од НОБ или обични невини жртви заслужуваат посебна обработка, како што, посебна тема од асимилаторската политика на Бугарија се интервенциите во административните и образовните институци, во црковните епархии и црковната администрација и во други области.
Сето ова е само дел од „придобивките“ на македонскиот народ од бугарските „ослободувања“. Денес, тотално негирање, со силни притисоци од политичари, историчари, научни институции и „осознаени“ Бугари, од Бугарија, со премолчено прифаќање на македонската страна од „административци“, самоуверени понижувачи на цел еден народ (сопствениот), откажувачи од сопствениот род во соседните земји (веројатно, сосема препуштени на „перспективните европски идеи“ на пропагандите од соседите „пријатели“ во името на европската иднина и препалени од буквата „М“, која ја ескивираат при секоја „средба“.
„Да живее тврдото НЕ“ на Кирил Петков и стравот на „администраторите во Македонија од буквата „М“ – скраја било од нови „резултати“ за нас, Македонците, од од тврдото бугарско „НЕ“ и напорите на „администраторите“ за безлична иднина!!!