ГОЛЕМО ЧЕСТВУВАВАЊЕ ПО ПОВОД 118 ГОДИНИ ОД ГОЛЕМАТА БИТКА НА ВРВОТ „МАРГАРА“ КАЈ СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Со комитски (планинарски) маршеви, свечена заклетва, беседа, комитски ручек и настап на народни уметници, во текот на вчерашниот ден (03.10.2021 година) во манастирот „Св. Петка“, с. Чаниште, во органиузација на КИДЦМ „Калеш Анѓа“ од селото Крушевица и Планинарското друштво Јане Сандански“ од Прилеп беше реализирано големо Чествување во чест на 118 години од една славна, а малку позната битка на врвот Маргара кај селото Чаниште во Мариово, Прилепско.

На врвот Маргара

На двата марша, од кој едниот е околу 15 километри со посета на врвот „Св. Петка“ во атарот на селото Крушевица (денес на него е започната иницијатива за изградба на манастир) и врвот Маргара, на кој се наоѓа и спомен-плоча во чест на битката, поставена пред 5 години од страна на споменатите организатори на Чествувањето, учество зедоа повеќе од дваесет планинари од Прилеп, Скопје, Неготино и други места. На тој начин им беше направена посебна чест на војводите и комитите, кои учествувале во славната битка. Веруваме дека овој настан заслужува многу поголемо внимание од страна на Општината и државата, но засега Чествувањето се организира само со особеното залагање и напор на споменатите субјекти помогнати од добронамерници и приватни стопанственици, како АД „Витаминка“ – Прилеп, „Антомос“ – Прилеп, Кафе „Минас“ – Прилеп и други.

Пред манастирот „Св. Петка“, Чаниште каде беше подготвена свечена програма

Во големата битка, која се случила на 2-ри октомври 1903 година учествувале околу 150 комити раководени од познатите војводи и револуционери, Ѓорче Петров, Лазар Поп Трајков, Лука Иванов и Иван Попов. Тие му се спротивставиле 5.500 турски аскер, кој формирал обрач околу врвот Маргара (1016 м) на кој биле лоцирани и успеале да се извлечат од обрачот и да извојуваат своевидна победа над многу побројниот непријател. Оваа битка е една од најголемите битки од времето на Илинденското востание, во која македонските борци, добро вооружени и организирани, успеале да му нанесат тешки загуби на турскиот аскер (од 200 до 400 убиени војници) и да се спасат, повлекувајќи се преку Црна Река во областа Мариово со 4 убиени комити и 8 ранети, меѓу кои бил и Лазар Поп Трајков.

Од програмата 4

Лазар Поп Трајков бил ранет во устата, но не прекинал да се бори и да ги бодри комитите при одбивањето на нападите на турскиот аскер, кои неколку пати се обидувале да го освојат врвот и да ги ликвидираат македонските борци.

Оро во кругот на манастирот 4

Чествувањето од оваа година е петто по ред и постои надеж дека традицијата на одбележување со соодветна програма и голема народна веселба ќе продолжи и во иднина. На вчерашното Чествување, учество зедоа неколку народни уметници на гајда, кавал, тапан, хармоника и гитара и беа исполнети голем број комитски песни, народни ора и други музички содржини. Настанот прерасна во вистински свечен чин исполнет со пријатни чувства и расположение, како и со голем број контакти и размена на мислења и информации за битката, војводите и комитите, како и за сличните настани и судбини низ Македонија.