НЕУНИШТЛИВОСТА НА МАКЕДОНСКИОТ ХРИСТИЈАНСКИ ДУХ И ПРОСЛАВАТА НА КРСТОВДЕН НА „ГОРНА ЦРКВА“, С. КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО

Духот е недофатлив и нескршлив. Неговата моќ е неограничена, невидлива и, со тоа, неизмерлива. Македонскиот дух е со долговековно, односно, милениумско искуство, изложен на многу премрежија, на напади и уништување и беспримерно измачување. Денес, по многу нешта, не е различно. Македонскиот дух е нападнат на исклучително подмолен начин. Се обидуваат да го нападнат, дури и однатре. Да „влезат“ во него за да го разјадат и уништат, но залудно се трудат зашто не го познаваат, немаат претстава за него, не знаат каква е неговата „форма“, неговата „боја“, а особено не знаат колкава е неговата ширина и неговата обновлива енергија. Затоа се осудени на неуспех. Зад ваквите подмолни дела ќе остане малтретирањето на македонскиот дух, односно на Македонците, траумите кои се придружна појава на таквото малтретирање, трошењето на залудната енергија и спречувањето на неминовниот повисок развој. Сепак, ова ќе биде само уште едно искуство и уште една можност за „челичење“, ништо повеќе. Ќе биде и славно и чесно надминување на безумието, на намерите на безумните, кои се повикуваат на правда, слобода и демократија, а прават дела, кои се вистинско злосторство, место општочовечко добро и општочовечки напредок.

Селото Крушевица

            На вакво размислување ме поттикна еден настан од пред неколку дена во селото, Крушевица на празникот „Воздвижение на светиот крст“ познат како Крстовден. Неговото празнување се практикува со векови на местото во селото, кое го познававме како „Горна Црква“, каде до пред неколку години имаше само мало купче камења – мало ѕидче од камен, со импровизиран олтар, каде се палеа свеќи и околу кој се собираа жителите на селото за време на празникот. Тука некогаш имало црква, која била главна селска црква, но во почетокот на 19 век, турската власт им наредила на жителите да ја срушат бидејќи се наоѓала на најубавото и најистакнатото место во селото, па им дала место покрај реката, во понискиот дел, каде денес се наоѓа црквата „Св. Архангел Михаил“.  Црквата им пречела на неколкуте бегови (7-8), кои имале чифлизи и кули во Крушевица бидејќи се наоѓала на место, кое било многу „ачик“ во селото, се забележувала од сите страни, па им ги „бодела“ очите. Затоа, користејќи ја својата власт им наредиле на крушевичани да ја срушат и да изградат нова црква долу крај селската река. Така и се случило, според извесни раскажувања во 1830 година. Зад старата црква останале само урнатини и камени елементи од градбата.

Горна Црква пред изградбата

Крушевичани, сепак, не ја заборавиле старата црква и го одржаа споменот за неа, празнувајќи го празникот на светиот крст секој година. Денес на ова место светиот крст повторно ја покажа својата моќ и го поттикна македонскиот христијански дух, па „Горна Црква“ се враќа кон некогашната светлина. Празникот се слави со сите христијански обичаи, со црковна служба и голема општонародна веселба. Заживеа вековно потиснатото чувство, се ослободува македонскиот дух, раскинувајќи ги сите неприродни стеги, притисоци, понижувања и нечовечност. Духот не е ниту политика, ниту националност, ниту материјално богатство, туку само чувство за слобода, за слободен израз и слободна мисла. Надвор од сите човечки стеги и вештачки принципи, законитости и ставови. Затоа и успева да преживее и да се воздигне во даден момент. Тоа се случува на „Горна Црква“ во Крушевица, како и на безброј места низ Македонија и, главно, онаму каде политиката нема моќ да влијае.

Од прославата не Крстовден оваа година 2

Од старата градба на местото можеа да се видат и некои архитектонски остатоци, како една основа од столб, камена плоча со убаво издлабен и оформен крст, градежен камен и сл. Според извесни раскажувања, на рамнината пред денешната црква имало и гробишта, на што упатуваат и извесни плочи на површината на теренот. Некои од постарите жители тврдеа дека токму овде биле погребани и двајца комити од четата на војводата Петре Ацев, чии имиња се среќаваат како Симон и Коце, но не е познато од каде потекнувале. Битката се случила во февруари 1904 година кога во селото се нашле четворица комити на чело со војводата Петре Ацев. Додека Ацев и уште еден комита успеале да се извлечат од селото и да се спасат, Симон и Коце биле затекнати во една плевна покрај селската река и тука загинале во битка со аскерот, кој ја запалил плевната со покрив од ржаница.