НАСЕЛБА СО СИЛНА ТВРДИНА – КАСТЕЛ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „КАЛЕ“ – ДОЛНО ОРЕОВО, ОПШТИНА НОВАЦИ

На дваесетина километри источно од градот Битола и на неколку километри источно од РЕК – Битола, во подножјето на Селечка Планина се наоѓа селото Долно Ореово. Во негова близина, на околу 2 километри источно, се наоѓа доминантен рид со поголемо издолжено плато на врвот, кое доминира со пошироката околина кон северозапад, запад и југозапад. Тоа е ридот „Кале“, висок 1105 метри над морето, кој крие остатоци од значајна населба од доцната антика и средниот век.1 Нај горната површина на овој рид, кон крајот на античкиот период бил изграден силен заштитен ѕид од камен и малтер, кој заградувал површина од 1,3 хектари.2 Највисокиот дел бил посебно изграден во мала акропола.3 Таму денес се среќаваат остатоци од силна градба со дебели ѕидови од камен и малтер, а на карпестиот под во внатрешноста на градбата се среќаваат неколку гробови издлабени во камен. Тешко е да се каже кому му припаѓале гробовите, но сосема е веројатно дека во нив биле погребани извесни првенци на населбата. По периферијата на елипсовидното плато јасно се гледаат рабовите на обѕидието, а наместа и остатоци од ѕидовите зачувани и повисоко од еден метар.

„Кале“, Долно Ореово, Општина Новаци, од југозапад

До самото кале води широк пат од јужната страна на ридот, убаво изграден, подѕидан од долната страна и целиот убаво нареден со камен. Иако, според, раскажувањето на жителите патот бил од времето на Првата светска војна, речиси, е сигурно дека тој има многу постаро потекло, односно, уште од времето на населбата со тврдината на ридот. На тоа упатува и фактот што овој пат е добро изграден со камен, односно, добро стокмена калдрма, само до калето на врвот, а нагоре од него, кон повисоките делови на планината тој е во полоша форма и упатува на понова изведба, односно, од времето на споменатат војна, од која на овој простор има многу остатоци. На површината на локалитетот, како во рамките на просторот кој бил внатре во тврдината, така и на поширокиот простор, се забележуваат разновидни културни траги, како фрагменти од керамички садови, тегули, питоси и сл. Делови од ридот се покриени и со карпи и карпести површини, а по нив се забележуваат безброј форми и интервенции, остатоци од старата населба со тврдина. Меѓу некои од карпите има цели простории, односно, делови од старите градби, кои биле вклопувани во карпестиот простор со оформување на карпите во рамни површини, терасести форми и сл. Голем дел од целиот простор на локалитетот бил искористен за време на Првата светска војна и биле оштетени или уништени поголем дел од културните содржини на старата населба и тврдината. Всушност, овој локалитет содржи и интересни остатоци и од споменатата војна, кои се значајни за проучување и расветлување на историјата на овој простор во годините на нејзиното трањење. Дали притоа имало и интервенција врз археолошките остатоци за прибирање на археолошки материјал не ни е познато, но таквата можност е сосема реална.

Поголем остаток од ѕид од тврдината на јужната страна 2

Освен делот со населбата, познати се и местата на кои биле вршени погребувањата. На источната страна од калето, на околу 100 m се наоѓала некропола, расположена на неколку стотици метри квадратни површина. Таа е делумно во карпа, со гробови издлабени во карпестите површини, делумно со гробови од типот циста – со камени плочи. Некрополата, како и дел од калето – највиоската градба, биле истражуваниа од страна на Заводот и Музеј – Битола. Од материјалот кој бил пронајден со ископувањето, констатирано е дека тврдината и населбата биле активно користени во доцната антика и средниот век, односно, од крајот на антиката, 4 век на нашата ера до 12-13 век.4 Тоа е констаирано со наоди на керамика и монети од 5-6 век и керамика, фрагменти од стаклени белегзии, железни алатки, како и еден прстен од бронза датирани во 12 и 13 век.5 При археолошкото ископување биле истражени 66 гроба од три некрополи, кои се наоѓале надвор и внатре во тврдината. Наодите од гробовите, особено накитот кој бил пронајден во нив, се датираат од 10 до 12 век.6

Остатоци од градбата на највисокиот дел на „Кале“ – акрополата

Во околината на ридот, односно, во неговото подножје, можат да се сретнат разновидни културни содржини, како фрагменти од керамички садови и слични наоди и, особено, интересни симболи по некои од карпите, кои дополнително ќе ги обработиме и објавиме во следниот период.

Дел од просторија во карпи

Сите овие податоци укажуваат на фактот дека населбата со силното утврдување, односно кастелот, била активна повеќе векови. Според археолозите, овој кастел служел за контрола на патот, кој ги поврзувал Македонија I и Македонија II, чија граница се наоѓала северно од овој локалитет. Овој силен кастел бил стража во овој регион меѓу тогашните два града, Битола, западно од него и Чемрен (Чебрен), северно од него.7 Интересен е фактот дека по источниот раб на Пелагонија, а од западната страна на Селечка Планина археолозите констатирале стар пат, познат меѓу месното население како „Друмот“, кој ги поврзувал градовите Прилеп (Керамија) со Воден.8  Во околината на локалитетот „Кале“ кај селото Долно Ореово има и голем број други локалитети со особено значење. Меѓу нив е и локалитетот „Анови“ кој е истражуван и на кој се пронајдени темели од градби и кој се наоѓа на линијата на споменатиот пат „Друмот“.9 Тој е на самиот брег на денешната акумулација над РЕК- Битола. Во кругот на заградениот простор на споменатиот комбинат, во атарот на иселеното село Суводол, се среќаваат три аристократски гробници од македонски тип,10 како и една ранохристијанска базилика со значајни културни содржини.11 Веројатно е дека во поширокиот простор се крие извесна поголема населба од раноантичкиот, односно македонскиот период, а локалитетот „Шуплевец“ е нашироко познат, особено кај стручната јавност, како локалитет со остатоци од населба од праисторијата, односно, од неолитот.12

 

1 Иван Микулчиќ, Средновековни градови и тврдини во Македонија, Скопје 1996, 144.

2 Исто.

3 Исто.

4 Исто.

5 Исто.

6 Исто.

7 Исто.

8 Томе Јанакиевски, Macedonia acta arheologica, бр. 15, 187.

9 Исто.

10 Т. Јанакиевски, Три доцнохеленистички гробници во стена од лок. „Дибек“ с. Суводол – Битола, Macedonia acta arheologica, бр. 13, Скопје 1992, 149 – 161.

11 Франце Месеснел, Ископавања у мориховском Суходолу, Гласник на скопското научно друштво, книга XI, Skopje 1931.

12 Милутин Гарашанин, Драгица Симовска, Macedonia acta arheologica, 9 – 25.