МАКЕДОНИЈА, ВЛАСТ, ДЕМОКРАТИЈА, РЕПРЕСИЈА – ИДЕНТИТЕТ

Македонскиот дух се буди – тој е израз на достоинство, чест и правда

Беше прво едно бурно време со „шарени револуции“ за симнување на една власт, за ослободување на „заробената држава“. Ја „ослободија“ „заробената држава“, ја заробија татковината Македонија. На-две, на-три формираа парламент, избраа тела на парламентот со присобрано мнозинство, во „демократска“ атмосфера, формираа „амбициозна“ влада. Гласаа, онака, како пред селска кооперација, со пиво во рацете и исецкани колбаси за мезе – вистинска „демократска“ атмосфера, се во рамките на „Законот и демократските принципи“ – основа за светлата иднина, која претстоеше и не „просветли“ овие неколку години. За постигнување на „високата“ цел беа вклучени и врвни филозофи од светски глас. Два прста во името на „големата“ цел и хедонизмот! Во такви услови настана голема мешаница, народ, турканица, некои отвораше врати, некои изедоа ќотек, некои се обидоа да спречат катастрофа, некои гледаа сеир.  Потоа беа затворени глумци, оперски пеачи и други уметници, гласноговорници – „опасни“ за државата, „терористи“.  За „заштита“ и обезбедување на „законските проицедури“ и „демократијата“. Па следеа понижување, до понижување со негирање, обезличување, закани. Негирање на идентитет, националност, историја, култура, уметност – што уште не! Што сè не се изнаслушавме во името на „напредокот“ и „демократијата“. Понижување, до понижување!!!

По промената на името на државата и промената на Уставот на Република Македонија следеа расправи за идентитет, историја, историски личности, јазик, сè така, до денес. И продолжува како во турските серии, просто, човек да се запраша дали не се и тие донесени во Македонија како дел од еден поодамна замислен концепт?!! Може да се каже дека драматиката на политичките структури има многу заедничко со драматиката во турските серии. Особено, лажниот морал и лажното достоинство и уште повеќе, отсуството на срам во пренесувањето на ноторни лаги пред народот и во името на народот и неговиот напредок, особено, оној македонскиот, кој со векови се бори за едно парче земја под сонцето па, еве, и денес тоа мора да го прави – во 21 век. Векот на растечкиот технолошки развој, на развојот на демократијата, на слободите и правата на личноста!!? Некои народи на Балканот формираа и по повеќе држави, а на македонскиот народ му го оспорија и ова мало преостанато парче земја на кое отсекогаш престојувал, живеел, се борел и создавал. Не само за себе, туку и за другите околу себе.

Македонија беше и е нападната како идентитет, како култура и како ентитет. Македонците се во состојба на специфична репресија – репресирани во изразувањето на соспствениот идентитет, сопствената култура и историја и сопственото право на суверенитет – од страна на сопствената власт, на експанзионистичките и асимилаторски политики на соседни држави, од политиката на некои групации од определени националности за создавање големи држави, но и од лицемерниот и дволичен однос на моќници од меѓународната заедница и некои меѓународни асоцијации. Македонија и Македонците се соочија со договори во кои се „инсталирани“ членови со симптоматична, би се рекло, со геноцидна регулација, со ограничување на личните права и слободи за идентификување, користење национални симболи и слободно изразување. Како врвни експерти по историја, етнографија, етнологија, археологија, антропологија – врхушките на двете држави – Македонија и Грција ќе „утврдат“ дека Втората страна нема никаква врска со „северниот регион на Првата страна“, па ќе определат:

Член 7 став 4

Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна. 

Потоа смешна регулација за користење на симболи:

ЧЛЕН 8 

  1. Доколку која било од двете Страни верува дека еден или повеќе симболи кои преставуваат дел од нејзиното историско или културно наследство ги употребува другата Страна, таа за таквата наводна употреба ќе ѝ укаже на другата Страна, а другата Страна ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да се справи со прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство.

Шовинистичка определба во врска со културното наследство и спомениците:

  1. Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе преземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство.

Кој симбол??? Како големите експерти пропуштиле да наведат конкретен опис за кој симбол се работи? Кој симбол е забранет за Втората страна како ексклузивно право на Првата страна?

  1. Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отстранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија.

Потпишувањето на ваквиот Договор (Спогодба) со голем ангажман и „убедување“, односно дисциплинирање, особено на Втората страна, беше потсилено од „добронамерните“ сугестии (читај: притисоци) на високи претставници на меѓународната заедница.

Ете, во „духот и начелата на демократијата, почитувањето на човековите права и основни слободи и достоинство“. Достоинство?!! Каде е тука достоинството?

Заклучок:

За Првата страна ова е успех на старата и добро позната асимилаторска пропаганда.

За Втората страна Спогодбата личи на законски акт за негирање на сопствените корени или, од аспект на сродството, Договор за откажување од сопствените браќа и сестри (ова, особено, за оној дел каде што се вели: Двете страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна).          

Сето ова во „духот и начелата …“.

Во името на тој „дух“ започнаа безброј активности, како промена во Уставот на Република Македонија, бришење разновидни наслови по официјалните документи, менување натписи на табли, менување имиња на институции, на патишта аеродроми и улици, па гребење!!? Замислете, гребење на некакви симболи од метални површини и метални предмети!!? На капаци од комунални мрежи!? До каде може да оди глупоста? Зарем тоа не се коси со елементарната зрелост и елементарното достоинство? Било и да не се повтори!!! Човек да се замисли каде живее, со кого живее, кому му дал право и власт и што може да очекува од „своите“. Некои тоа го карактеризираат како орвеловски чин, како владеењето опишано во вредните дела на Орвел?! Немојте, Ве молам! Зарем тоа не е навреда за големиот автор? Ова е многу поинакво, сосема ниско, недостојно за човечкото достоинство. Да се рушат добро стокмени огради, да се гребат некакви симболи по комуналните капаци – тоа допрва треба да го напише некој голем автор за да ја разбереме бесмислената пародија на едно владеење со еден мирен народ кој, веројатно, е бесконечно трпелив и бесконечно силен за да може сето тоа да го истрпи и да го поднесе, а да не направи, речиси, ништо за да покаже дека таквиот однос не е достоен за ниту еден нареод во светот, па и за македонскиот. А не дека ништо не се правело но, ете, неуспешно до денес. Македонскиот народ се спротистави на целото ова понижување и манипулација со идентитетот, со националните вредности, со културата и историјата создавана со милениуми – излегуваше на протести, го искажуваше своето несогласување со ваквото постапување и понижување, но немаше кој да го слушне. Се произнесе и на референдум кој, патем, имаше наметнато, манипулативно референдумско прашање, но никој не го слушна гласот на народот. Зарем тоа не е најголемо силеџиство, заедно со безброј понижувачки закони донесени насилно и со присила на определени пратеници, прогласени како „врвен“ дострел во напредокот и „светлата“ европска иднина?! Тоа продолжи сè до денес, а последен беше настанот со скафандерите (некој рече како во филмот „Лет над кукавичкото гнездо“). Па и тоа како „жртва“ за „слободата и напредокот“ и за нашата светла иднина!? Не е чудо дека наскоро ќе имаме прогласување на нови народни херои.

Да не зборуваме за разновидните изјави со негирање на македонската нација, македонскиот идентитет и државност, понижувањето до тотално негирање и навреди од разновидните политичари и самоуверени „сезнајковци“, од типот „македонските интелектуалци се како магаре на мост“ (дегутантниот политичар Красимир Каракачанов од Бугарија). Потоа крајно тврдата политика со анахрони идеолошки основи – полемизирање со одамна заминатиот југословенски Маршал, како и со контраверзниот Сталин и слично од страна на повеќе бугарски политичари, историчари, новинари, како и од „тврдокорната“ бугарска министерка Захариева, со сугестии за „освестување“ на Македонците дека се Бугари, дека нивниот јазик е од бугарски „произход“, до крајно недостоинствената општа расправа за примена на придавката „македонски“ во која влегоа Комисиите за историјата. Просто не можам да верувам дека експертите за историја, етнологија, антропологија, место со наука, се занимаваат со дегутантна политика. Ги „пеглаа“ историите на двете држави – Бугарија и Македонија а, всушност, само ја пеглаа историјата и културата на второспоменатата, а притоа, само слуашавме како Македонците се производ на социјализмот и на Тито. Просто не го оставија Маршалот мирно да почива со сите контраверзи поврзани со неговиот лик и дело. Како што не ги оставија и голем број личности од македонската историја, со цел за заедничко славење, но не како Македонци, ами како „Б‘лгари“. Иако никој до денес не им попречил да си ги слават како што им е волја. Јасно е дека не е до славењето и јасно е за што е тоа!!! Кому не му е, нема ни да му стане јасно по толку многу „врескање“ на цел глас. А и не треба!!! Верувам дека новите генерации и кај двата народа сосема поинаку гледаат на сето тоа и ќе најдат начин да ја надминат оваа тешка глупост на 21-от век.

Особено малтретирање и понижување упатено до нас Македонците беше поврзано со негирањето на македонскиот јазик, повторно во политичка интерпретација, со тотално негирање на каква било наука и научни авторитети. Сето тоа го преживуваме овие години, постојано со подголтнување пред бизарната политика и „идеолошките“ тортури на бизарните политичари, политичари кои не даваат пет пари за срамот, честа и достоинството, за вистината и објективноста, самоуверени во својата „вистина“. Бугарските политичари и членовите на комисијата за историја отидоа подалеку и од Преспанскиот договор потпишан со Грција. Тие отидоа дотаму што се спротиставија, дури, и на употребата на придавката македонски. Можно ли е тоа? Зарем има место за полемика со вакви ставови? Секако, и тоа го поднесовме во „духот на … .“!!!???.

Особено беше „впечатливо и наметнувањето на разновидни програми во образованието од страна на домашните министри и политичари, кои „заборавија“ дека во Македонија постојат научници – специјалисти во определените области, научни институции – универзитети, институти, МАНУ и сл. Се во служба на актуелната политика за „пријателство“ и надминување на „омразата“. Каква „пуста“ омраза, бре, непрокопсаници? Кој кого мрази во случајов? Општо понижување по вертикала и хоризонтала! Надменост, која не заслужува ни површен коментар. Со глупоста нема полемика, таа треба само да се заобиколи, да се игнорира или да се истисне од актуелниот миг. Инаку сите пропаднавме во празнината на надменоста, која нема дно. На површноста, која безмилосно ги јаде вредностите.

На крај, следи голем протест на 25 април 2021 година, за целото понижување и за оние кои, веќе, со години се наоѓаат во затвор, а беа само смели да се приоизнесат како Македонци, како чесни патриоти, кои само сакаат да ја заштитат својата таковина, Уставот на кој се заснива таа и името, кое никој нема право да и го оспорува. Тоа име е Македонија, живое веќе три милениуми и, секако, ќе живее и во длабоката иднина. Сакал тоа некој или не. Зашто е дел од оипштиот културен и цивилизациски развој на човештвото, длабоко вкоренето во него, во самите основи. Македонскиот дух е длабоко повреден и се буди. Тоа никој не може да го сопре, зашто е неприкосновена вредност и е израз на достоинство, чест и правда.