НАСЕЛБА ОД БРОНЗЕНОТО И АНТИЧКОТО ВРЕМЕ И КАРПИ СО КУЛТНИ БЕЛЕЗИ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ПЕСЈО БРДЦЕ“ КАЈ СЕЛОТО МАЖУЧИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Ридот пред селото Мажучиште преку кој минува патот Прилеп – Македонски Брод, кој се наоѓа на границата на атарите на ова село и на Варош, содржи бројни археолошки наоди, речиси по целата своја должина. Освен неговиот највисок дел, кој се наоѓа веднаш над селото од неговата североисточна страна, каде се среќаваат остатоци од значајна култура од бронзеното, железното и античкото време, особено македонскиот период,1 остатоци од стара култура среќаваме и на делот од ридот лево од патот за Македонски Брод на локалитетот познат како Песјо Брдце. Овој локалитет, на највисокиот дел располага со поголема земна рамнина со поголем број карпи кои се расположени, главно, на неговата јужна страна. На неколку осамени карпи на највисокиот дел се среќаваат голем број обработени делови и форми кои упатуваат на некогашните градби во кои биле вклопени и самите карпи.2 Поблиску до асфалтниот пат за Македонски Брод, на една помала карпа, има неколку правоаголни и кружни форми за греди или столбови и издлабени канали, а на највисокиот дел од ритчето се наоѓа малку поголема карпа од два гранитни монолити меѓусебно поврзани полни со правоаголни форми со различна димензија, со правилни рабови, за конструктивна или друг вид намена. На делот од карпата од северната страна бил издлабен и поголем правоаголен сад, блиску до работ и по неговата должина.

Локалитетот „Песјо Брдце“ со селото Мажучиште 2

Дека околу карпата имало и поголема градба покажуваат фрагменти од големи плочи и камења со малтер раскопани при правењето бразди за пошумување на ритчето. Освен тоа, околу карпата се среќаваат и фрагменти од блокови од бигорен камен, како и фрагменти од керамички садови, покривна керамика и од печени тули. Обработени делови и форми се среќаваат и на други карпи од поширокиот простор на локалитетот, а се среќаваат и остатоци од некогашните градби претставени преку разни камења и плочи како и фрагменти од керамика. Веројатно е дека на северната страна од локалитетот имало и гробови, кои биле раскопани од механизацијата, која го набраздувала ридот за пошумување, но и од трагачите по скриени богатства. Траги кои потсетуваат на гробни конструкции се среќаваат и на поширокиот простор, но тие не се сосема јасни поради деструктивните активности на локалитетот. Близината до градот и пристапот со соодветен пат, веројатно, придонесле на овој локалитет да се случат повеќе деструкции, како преорување на цели делови од локалитетот и затрупување со разновидни отпадоци, кои се истурале тука. Ова, особено, важи за делот од југоисточната страна, кој поради една карпа со специфична форма и отвор е познат како „Дупен Камен“. Овој дел од локалитетот претставува помала земна долина, на чиј северен раб се наоѓа споменатата карпа со отвор во повисокиот дел. Според народното предание и верување, провирањето низ отворот на карпата има лековито дејство, особено за жени кои имаат проблем со зачнување. Според извесни археолошки појави, особено обработени делови на карпите од таа страна на локалитетот, и тој дел се наоѓал во рамките на старата населба.

Централната карпа од врвот со Солунска Глава

Според наодите од археолошки материјал по површината на теренот, на „Песјо Брдце“ имало присуство на човекот уште во праисторијата, односно бронзеното време, а имало населба и во периодот на антиката. На тоа упатуваат ретки наоди на керамика со специфични форми, како и орудија од кремен и камен, кои индицираат таков период. Веројатно е дека највисокиот дел од рамното плато во извесен период бил утврден, а на тоа упатуваат некои делови од него, особено, јужниот раб. Присуството на фрегменти од керамички садови, тегули, обработени форми по површините на карпите, особено, е нагласено од југозападната и јужната страна. Исто така, нагласено е присуството на цигли, фрегменти од питоси и сл. Може да се констатира дека на јужните падини на ридот имало многу погусто распоредени објекти, од кои денес можат да се забележат голем број фрагменти од разновидни предмети од домаќинството, како и градежен материјал.

Голем број обработени форми на централната карпа од врвот

Посебно внимание на локалитетот привлекува дводелната карпа со специфична форма на највисокиот дел, на која има бројни обработени делови. Самата позиција во централен и најистакнат дел на локалитетот, како и големиот број обработени форми по нејзината површина упатуваат на нејзината намена, односно, своевиден култен објект. Таква индиција има и за специфичната карпа според која тој дел од ликалитетот се вика „Дупен Камен“ и за која, по предание“ се смета дек има лековити својства.

„Дупен Камен“

За локалитетот „Песјо Брдце“ или „Песјобрци“ кај селото Мажучиште е врзано и едно старо предание кое, посебно, упатува на овој локалитет. Според преданието, „во некое древно време во Варош фатила чума, која безмилосно го сотирала населението во ова место. За да се спасат од чумата жителите на Варош избегале на ритчето кое денес се вика ‚Песјо Брдце‘, кое се наоѓа во близина на локалитетот со тврдината ‚Ридот‘. За жал, чумата и тука ги пронашла претворена во пес и повторно направила пустош сеејќи смрт.“3 Токму поради таквиот настан, ова ритче го носи и денешното име. Иако преданието има непознато потекло, што се однесува до неговата историска подлога тоа, на извесен начин, упатува на некој заеднички настан, кој им се случува на двете места. Чумата може да биде само некоја персонифицирана форма на некој настан со деструктивни последици за древната населба на просторот на Варош. Може да се претпостави дека се работи за некој настан поврзан со големиот број напади кои ги трпеле населбите од овој простор, меѓу другото и во антиката кога биле чести нападите на племињата од север, но и во подоцнежните периоди кога имало воени напади и ограбувачки походи од север. Ова, сепак, е обид да се направи врската меѓу духовните и материјалните творби со кои се среќаваме денес, а кои во секој случај имаат меѓусебна врска зашто материјалното случување најчесто е подлога за духовните создавања.

Централната карпа на врвот со Златоврв

Освен преданието кое го опишавме погоре, поврзано токму со „Песјо Брдце“, познато е уште едно предание, кое се раскажува во селото Мажучиште и кое говори за една од пештерите во карпите од северната страна на ридот. Таму имало и едно кладенче за кое е поврзано предание дека „еднаш Марко Крале скокнал дотука со својот коњ дури од Крушево. При скокањето, неговиот коњ ја свиткал ногата и денес на каменот има трага од коленото на коњот, додека Марко се наведнал од падот на коњот и на местото каде што се фатил на карпата имало трага од неговиот палец“.

1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 187 – 191.

2 Исто, 196, 197.

3 Исто, 191.

ОД АМБИЕНТОТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ