СВЕТАТА ПЛАНИНА „РИДОТ“ МЕЃУ СЕЛАТА НОВОСЕЛАНИ, КУТЛЕШЕВО И БЕЛО ПОЛЕ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

За да се одгатнат определени вредности, културни појави и однесување на жителите на еден простор во подалечното време, потребно е да се „влезе“ во амбиентот на тоа време, да се одгатне нивниот начин на размислување, на поимање на појавите, предметите, односот кон животот и животните вредности, односно културните и општествените вредности, начинот на живот и однесување. Сосема е нормално да се размислува дека тогашниот поглед на свет и однос кон природните, општествените и духовните појави бил сосема различен од денешниот, односно, тие појави биле набљудувани од сосема поинакви аспекти, со поинакви чувства и верување.

Токму на тој начин треба да се набљудува и истражува културата, чии остатоци ги среќаваме по површината на Ридот, кој се наоѓа на околу 15 km северозападно од Прилеп, во чие подножје денес се поставени трите села, Новоселани од југоисток, Кутлешево од северозапад и Бело Поле од запад, кои денес се наоѓаат во општина Долнени. Со големиот број свети места и објекти со кои располага, кои потекнуваат од различни времиња, оваа мала планина, заобиколена со рамни површини од тој дел на Пелагонија,  создава слика на вистинска света планина, која веројатно имала таков третман во подлабокото минато. Всушност, Ридот и денес не е далеку од такво почитување од страна на жителите на околните села, зашто голем број од тие древни свети места и денес се активно третирани на сличен начин, со посебни чувства и верување и соодветно физичко и просторно уредување.

ТРЕТМАНОТ НА ПРИРОДНИТЕ ПОЈАВИ И ВПЕЧАТЛИВИТЕ ПРИРОДНИ ФОРМИ ВО МИНАТОТО

            Познато е дека во праисторијата луѓето на посебен начин се однесувале кон природните појави и форми. Особено, нагласен однос, со обожување и верување, имале кон небесните тела, како што се сонцето, месечината, ѕвездите, како и кон природниот релјеф, кон високите планини, врвовите со особен изглед, карпите со специфична форма и изглед, кон различните форми камења со заоблена форма, како и кон океаните, морињата, езерата, реките и изворите. Токму од такви причини, тие, кон ваквите појави се однесувале со нагласено чувство и почит, како кон појави од божествена природа, како објекти и форми во кои престојуваат божеставата, односно како кон дела на определени божества. Во постарите периоди, токму таквите форми и појави биле своевидни свети објекти и тие доживувале соодветен третман со свети, односно, култно-религиски активности, жртвување, обраќање на посебен начин, со одбрани зборови, со молитви и сл.1

Селото Новоселани со Ридот

            Токму од тие периоди на културата на човештвото останале до денес голем број места, планини, врвови, карпи, камења и други објекти, кои својата улога, на еден или друг начин, ја сочувале до денес, па дури и до денес доживуваат таков свет однос, верување во нивната моќ, во лековити својства и сл. Со ваквиот свет однос и верување се поврзани голем број планини и планински врвови, карпи и извесни камења, кои се дел од митолошките преданија за создавањето на светот, како и митолошките преданија и легенди за појавата на првите божества и првите луѓе.2 На многу од таквите објекти се зачувани и разновидни форми на интервенција, односно, форми од култна природа и култна симболика.

            Во областите Пелагонија, Мариово и Прекурид, кои се цел на нашето проследување и истражување, се среќаваме со вонреден број на објекти со култни обележја.3 Меѓу нив среќаваме култни форми од типот на свети планини, свети врвови,4 карпи,5 свети камења,6 свети извори и сл. Една од култните реки, која во минатото била почитувана како божество тече низ областите Пелагонија и Мариово. Тоа е Црна Река, односно, античката река Еригон, која под тоа име била третирана како своевидно божество.7

            Една од највпечатливите свети објекти од типот света планина, која имала значење за поширокиот простор на овој дел од Балканот, е познатиот Златоврв на планината Бабуна, северно од Прилеп,8 кој се споредува со најпознатите слични свети планини во светот, како Олимп, денес во Грција, Ида во Мала Азија, Ида на островот Крит, Синај во Арабија и други такви планини во светот. Околу Златоврв се среќаваат безброј свети објекти од другите типови, култни карпи, кои на своите површини поседуваат разновидни култни форми и култна симболика направена со врежување или сликање.9 Овие помали свети објекти, како и светите извори кои, исто така, се среќаваат на многу места го обележуваат светиот простор на планината.

            Во Прилепскиот дел на Пелагонија има и други такви географски форми, како што е Баба (Баба – Кукул) во близина на селото Дабница кај Прилеп,10 Градиште меѓу селата Кокре и Пешатни,11 Прилепско, Орлак кај селото Дупјачани,12 општина Долнени и многу други слични помали или поголеми ридови, врвови и планини. Ако се прави една попродлабочена анализа на овој религиски феномен, ќе се проникне многу подлабоко и ќе се дојде до сознанија дека голем број имиња на планини и ридови во Македонија и, пошироко, во светот, имаат потекло од култови, верувања и религиски однос.

Кутлешево со дел од Ридот

Ридот, кој има форма на неправилна потковица, во чие подножје, на разни страни, се расположени селата Новоселани, Кутлешево и Бело Поле, големиот број свети места и објекти, како и имиња на места, кои упатуваат на религија и култ, распространети, речиси, по целата негова површина,13 го определуваат како објект од света природа, кој бил сакрализиран уште во длабокото минато, особено во праисторискиот период.

Ридот – мапа

Токму од праисторискиот период, на највисоките делови на Ридот, се наоѓаат дури два локалитети со траги од утврдувања, непосредно еден до друг, а еден праисториски локалитет се наоѓа на западното подножје од Ридот, во атарот на селото Кутлешево.14

 

КУЛТНИТЕ МЕСТА НА РИДОТ

Во атарот на селото Новоселани:

Почнувајќи од крајниот јужен дел на Ридот, кој спаѓа во атарот на селото Новоселани, тој е полн со места и објекти, кои носат симболика или со предание се поврзани за извесни култни симболи и активности. Токму, на јужниот почеток на ридот се наоѓа место со име Цепен Камен за кое постои уверување од постарите жители дека „кога биле деца, на тоа место посетувале извесни карпи со процепи во кои се среќавале со извесни цртежи и слични појави“. За жал, денес ова место е обичен каменолом, одамна искористен, а од големите карпи и процепи нема ниту трага. Сепак, тврдењето на постарите жители упатува на извесниа симболика, која би можела да биде поврзана со некакви стари култни активности. Во недостаток на повеќе и посигруни информации за овој топоним нема повеќе ништо да изнесуваме.

Карпата на Марково Стапало над Новоселани

На неколку стотици метри повисоко од Цепен Камен среќаваме уште едно место поврзано со предание, Марково Стапало, каде среќаваме една помала карпа со голем издлабен дел во форма на стапало, поради која го носи и името. Според предание, стапалото е од Кралот Марко, кој „некогаш тука стапнал и оставил трага на карпата.“ Ваквата форма во атарот на Новоселани, според димензиите, е ретка од типот слични објекти поврзани со името на кралот Марко. На сличо растојание од Цепен Камен, но на понискиот дел од ридот, поблиску до селото Новоселани се наоѓа црквата „Св. Ѓорѓи“, која била изградена во 1837 година, според натпис во црквата, од Јовче Вајгалески. Овој градител бил измачуван од турската власт поради тоа што не ги почитувал правилата од издадената дозвола за градба, односно, место со 5 скали во земјата, како што му било наредно, тој ја изградил само со три скали.

Стапалката на карпата на Марково Стапало над Новоселани

            Едно предание црквата „Св. Ѓорѓи“ ја поврзува со едно друго свето место, кое се наоѓа на околу 300 m северно од неа, односно со карпата со остаток од квалитетен живопис на кој е претставен повторно „Св. Ѓорѓи“.15 Имено, жителите на селото раскажуваат дека често забележувале извесна светлина или пламен, како од Светецот се движи кон црквата и воспоставува контакт со неа. За овој феномен раскажуваат повеќе жители од селото. кои се изјаснуваат како очевидци.16 Во близина на карпата, позната како „Светецот“ се наоѓа уште една карпа со сличен третман, позната како Скршен Светец, а на неа има остаток од малтер, подлога за фрескоживопис.17  Приказната за овој дел од Ридот, не завршува овде, зашто токму во близина на двете карпи – Светецот и Скршен Светец, се наоѓа и шума, главно дабова која, исто така, се третира како „вакавска“ (света), а местото е познато како „Св. Недела“. Од ова место, во поблиското минато имало случаи „некои од жителите на блиските села да сечат дрвја за огрев или друга намена, па не можејќи да останат мирни од светецот кој ја чувал шумата, морале да ги враѓаат пресечените дрва назад.“ На околу 200 m источно од претходно опишаните места и објекти, веднаш над селото, на една падина се наоѓа Исправен Камен, кој претставува понизок столбест камен, поврзан со предание за Кралот Марко, односно дека овој камен, Кралот Марко го фрлил од Маркови Кули кај Прилеп и тој тука се закачил на ова место и стои до денес. Во негова близина има и други остатоци од материјална култура, како едно делумно сочувано корито во карпа и едно недовршено корито со правоагола форма.18 На неколку стотици метри северно оттука, повторно сереќаваме место „Исправен Камен“ каде се наоѓа еден поголем камен блок

Блок со издлабено правоаголно корито од Исправен Камен 2 – Новоселани

со неправилна плочеста форма со издлабено правоаголно корито на една од неговите страни.

Светецот 2

 

            Како свето место се смета и највиокиот дел од Ридот во атарот на Новоселани, каде во најново време беше поставен и осветен голем метален крст, а за тоа место се раскажува дека во постаро време поседувало големо дрво – даб.

Во атарот на селото Кутлешево:

Селото Кутлешево се наоѓа на западната страна на Ридот, во самиот внатрешен дел на „потковицата“, поставено на ниските падини. Самото село се наоѓа на локалитет кој упатува на населување во некое постаро време, а веднаш над селото, источно, се наоѓа еден од пивисоките врвови на Ридот, на кој се среќаваат остатоци од култура од праисториските периоди, главно од енеолитот, бронзениот и железниот период, како и остатоци од старо утврдување.19 Во неговите рамки, на посебни карпи се среќаваат и обработени делови и симболика, кои упатуваат на култна намена. Таков пример е една исправена карпа во форма на повисок „менхир“ на северозападниот дел од платото, како и една пониска карпа со оформена топчеста форма во долниот дел и столбесто оформен врв со мала кружна платформа на врвот на која се среќаваат три мали кружни јами, кои оформуваат триаголна форма. Во очи паѓа и една плочеста форма на камен со забележлива бела, кон жолтеникава боја, кој излегува од подножјето на една карпа на самиот западен раб на калето и на кој има неколку мали кружни јами, намерно издлабени.

Поголемото кале кај Кутлешево

            На само стотина метри северно од претходното, на понизок врв со рамно плато, повторно се соочуваме со праисториска култура и траги од помало утврдување.20 Во рамките на ова кале, исто така, има карпи со особени обработени делови и извесни симболи, кои упатуваат на култност во праисториското време. Таква е една малку издолжена форма на карпа, со неправилни рабови, со зарамнети хоризонтални површини на горниот дел, една ниска столбеста форма со кружна форма и неколку мали кружни јами на дел од површината на карпата.

Мала правоаголна јама – реципиент од Средна Стена кај Кутлешево

Во атарот на селото Кутлешево, во подножјето на Ридот, на околу 500 m јужно се наоѓа уште еден локалитет со праисториска култура, познат како Присој.21  Од истата страна на Ридот, на околу 1000 m од селото, на средна висичина се наоѓа голема карпа со топчеста форма, позната како Средна Стена која, исто така, била култно третирана во некој постар културен период. На тоа упатува едно мало и плитко коритце со правоаголна фрорма на нејзиниот највисок дел, како и еден винарник во камен, на една помала карпа, во непосредна близина на големата.22

„Менхир“ 1 од големото кале кај Кутлешево

На околу 200 m југозападно од селото, на падините на Ридот, се наоѓаат и селките гробишта во чија близина, во некое постаро време била изградена чешма на извор со мошне добра издашност. Веруваме дека слични објекти и појави, односно, објекти и места кои биле сакрализирани од жителите на околните населби, на површините на Ридот, кои спаѓаат во атарот на селото Кутлешево, има и на други места.

Во атарот на селото Бело Поле:

Селото Бело Поле се наоѓа на крајниот северозападен дел на Ридот, во неговото подножје и северно од него. Веднаш на селото, од неговата југоисточна страна се наоѓа црквата „Св. Никола“ изградена 1874 година. На истата страна од селото, еден поголем дел од Ридот е познат под името Манастириште, а на едно седло на ридот со поглема рамнина се наоѓа остаток од стара градба – светилиште кое, според археолозите, претставува средновековна црква.23 Меѓу жителите, местото со градбата е познато и како Црквиште. На околу 100 m – западно од Црквиште се наоѓа локалитетот Марков Чардак, кој е преполн со материјална култура од македонскиот и римскиот период, како и од средниот век.24 На голем број карпи на овој локалитет, исто така, има разновидни поголеми и помали обработени делови и некои врежани форми, за кои има индиции дека се остаток од култни активности. На западните падини на Марков Чардак се наоѓаат најмалку две гробници со аристократски димензии, од типот македонски или пелагонски гробници,24 кои како објакти за погребување, повторно, се вклопуваат во култниот карпактер на просторот.

Марков Чардак од североисток

            Во атарот на Бело Поле, на северното подножје на ридот, на околу 1000 m североисточно, непосредно до патот за селото, од неговата лева страна, се наоѓа вистински простор, кој е третиран како свето место и денес, познат под името Баботино.25 На поголем простор со зелена површина и неколку поголеми дабови дрва, се наоѓаат неколку помали извори со вода, кои се сметаат за свети води, кои содветно се изградени и опремени, а на источниот дел од локалитетот се наоѓа новоизградена црква „Св. Јован Крстител“ и една помошна зграда.

Остатоци од црквата на Црквиште – Манастириште, с. Бело Поле

            Со тоа го заокружуваме описот на светите места распоредени по површината на Ридот поради кои сметаме дека се работи за рид, кој во подлабокот минато бил сметан за свет простор, односно, света планина, а според бројот на местата и објектите, кои и денес се активни како свети места и објекти, овој рид, ниту денес не го губи таквиот третман.

            На крајот ќе споменеме и едно интересно предание, кое меѓу жителите на околните села е живо до денес, а кое по многу нешат потсетува на старите пагански божества, особено на громовникот Ѕевс. Имено, тоа се однесува на извесен настан, кога од Ридот, над селото Кутлешево, „се задале силни облаци и се слушал глас кој велел (грмел): Врти, врти Кутлешево, удри, удри Малешево“, притоа, со град и молњи било уништено селото Мелешево, кое се наоѓало на југоисточното подножје на Ридот, на денешниот локалитет „Стари Лозја“. Според преданието, на тоа место се наоѓало и денешното село Новоселани.26

1 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999. Драгослав Срејовиќ, Дијалог човека са каменом, Електронско издање, Заједнички подухват ТИА Јанус и Арс Либри Арас Либри и Кремен, библиотека Лавиринт, Књига 10, Београд 2001.

2 Роберт Гревс, Грчки митови,…

3 Тренчо Димитриоски, Камени богови, Рзиница – Прилеп, Прилеп 2013.

4 Исто, 10 – 30.

5 Исто – преку цела содржина.

6 Исто.

7 Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Scithiae, pars II, iscriptiones Macedoniae, ediderunt Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Berolini-Novi Eboraci MIM, 150. Тренчо Димитриоски,Древна Пелагонија I, Рзиница – Прилеп, Прилеп 2009, 194, 195.

8 Тренчо Димитриоски, Камени богови,…, 11 – 18.

9 Исто, 15 – 18, 127 – 132, 155, 156, 195 – 197, 210, 213 – 219.

10 Исто, 22 – 26.

11 Исто, 19 – 21.

12 Тренчо Димитриоски,Древна Пелагонија I, 145 – 150.

13 Исто, 158 – 168.

14 Т. Димитриоски, Импресивен археолошки локалитет со остатоци од праисториска населба со две калиња кај селото Кутлешево, општина Долнени, https://www.pelagon.mk/2018/12/25/.

15 Т. Димитриоски, Древна Пелагонија I, 165 – 167. Т. Димитриоски, Камени богови,…, 201, 202.

16 Т. Димитриоски, Древна Пелагонија I, 167.

17 Исто.

18 Исто, 164. Т. Димитриоски, Камени богови,…, 49, 50.

19 Т. Димитриоски, Импресивен археолошки локалитет…,

https://www.pelagon.mk/2018/12/25/.

20 Исто.

21 Археолошка карта на Република Македонија, 303.

22 Т. Димитриоски, Камени богови,…, 177, 178.

23 Археолошка карта на Република Македонија, 281.

24 Т. Димитриоски, Древна Пелагонија I, 159, 160.

25 Исто, 167.

26 Исто, 168.

ОД НОВОСЕЛАНИ

КУТЛЕШЕВО

 

БЕЛО ПОЛЕ