ХЕРКУЛ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „САДЕВИТЕ“ КАЈ СЕЛОТО ПОЛЧИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

  • НАСЕЛБА ОД БРОНЗЕНИОТ И ЖЕЛЕЗНИОТ ПЕРИОД И НЕПОЗНАТА АНТИЧКА ГРАДСКА НАСЕЛБА

Во атарот на запустеното село Мелница, кое се наоѓа на околу 50 km јужно од Прилеп, во близина на патот Прилеп Витолиште, древноста навистина е необично присутна. На само околу половина километар од разрушените куќи на селото, источно, меѓу Полчишка Река и реката Бутурица, на еден рид, на површина од повеќе хектари има изобилство од керамика и градежен материјал од кој огромни количества камен за градба собран во форма на широки ѕидови или во големи грамади. Локалитетот е познат под името „Садевите“, но на географските карти се среќаваат две имиња. На највиоскиот дел на ридот, блиску до вливот на Полшишка Река во Бутурица, се среќава топонимот „Крстот“, а источно од него е споменатиот „Садевите“.  До неодамна се сметаше дека се работи за остатоци од населба од доцната антика, која е потврдена од неколку археолози меѓу кои Никола Вулиќ, Иван Микулчиќ, Апостол Керамитчиев, Никос Чаусидис и др.1 Во текот на 2001 година при едно рекогностицирање од страна на Заводот и Музеј од Прилеп беше констатирано дека на просторот на локалитетот „Садевите“ има голем број фрагменти од керамички садови од праисторијата2, како и фрагменти од камени орудија што, од своја страна, укажува на постоење населба од присторискиот период, а на истиот простор егзистирала и значајна населба од античкиот период.

Дел од л. „Садевите“ со грамади градежен камен

          Од трагите од праисторијата многу чести се наодите на рачки, делови од устинки, како и други фрагменти со белези од праисторијата меѓу кои парчиња со рачно дупени форми, плетеници и сл. Некои од пронајдените фрагменти од керамика имаат белези кои укажуваат на новото камено време, но се чини дека поприсутни се фрагменти керамика со потекло од бронзеното и железното време.3 Со ваквите потврдени констатации, овој локалитет добива многу покомплесна содржина и станува многу поинтересен и позначаен. Наодите од праисторијата се распостранети, речиси, на целиот простор на кој има наоди и од антиката и сосема е тешко да се утврди разликата на положбата која ја зафаќале праисториската и античката населба. Во секој случај, двете населби зафаќале ист простор, односно на праисториската населба се „наталожила“ античката, која според археолозите е датирана во доцната антика (3–5 век од н.е.).4 Добрата положба на локалитетот „Садевите“, веројатно била пресудна за поставување на неговиот простор и на двете населби. Имено, тој е расположен меѓи две реки и тоа Витолишка Река (Бутурица), која тече од неговата северна страна на која теренот се спушта сосема стрмно и од таа страна локалитетот е непристапен и природно заштитен, и Полчишка Река која тече од неговата јужна страна на која просторот е полн со рамнини, помали долини и благи падини кои заедно прават една поголема тераса со површина од повеќе хектари. Токму на неа се наоѓаат остатоците од двете древни населби. Од наодите, посебно во изобилство се наоѓа керамика поради која, веројатно, овој локалитет од страна на жителите на селото Полчиште е наречен „Садевите“.5

Остатоци од градби на локалитетот

          Освен десниот брег со големата рамнина на локалитетот „Садевите“, траги од древно постоење се наоѓаат и на спротивната страна на реката која доаѓа од исток, на падините кои се спуштаат кон речното корито и кои зафаќаат значителни рамни површини. На овој простор се наоѓаат фрагменти од праисториска и доцноантичка керамика, а има и голем број грамади од камења од стари градби, кои современите жители на селото Полчиште ги собирале на куп при чистењето на нивите за обработка. На некои места има и остатоци од темели од извесни градби.6

Остаток од стар ѕид покрај Полчишка Река

          По површината на целиот локалитет трагите од древното присуство на човекот се многубројни. Уште на самиот почеток од долната (западна) страна се забележуваат некои стари подѕидувања на пат за пристап во населбата и сл., а на поширокиот простор се наоѓаат и темели од разни градби кои, исто така, ги има на целата површина на локалитетот. Темели од градби, но и од стара тврдина има и на највисокиот дел на локалитетот кој се наоѓа на неговата северна страна над реката Бутурица. Тој дел од локалитетот преставува доста повисок дел на која била расположена тврдина,7 веројатно во антиката, но не треба да се исклучува можноста за слични градби и од постариот период. На највисокиот дел од оваа „акропола“ можат да се видат основите на неколку градби од древната населба.8 Овој дел од локалитетот доминира не само над неговиот простор, туку и над поширокиот простор на големата долина која е расположена околу споменатите реки.

НАСЕЛБА СО ГРАДСКИ КАРАКТЕРИСТИКИ – ЦЕНТАР НА ПОШИРОКА ОБЛАСТ

          Освен праисториските наоди, на целиот локалитет се распространети наоди од подоцнежниот антички период. Според археолозите се работи за доцната антика. Дали во доцната антика на запустената праисториска населба се оформила доцноантичка населба или на овој простор имало населување и во претходниот период? Во секој случај евидентно е дека на овој простор постоела населба со значителни димензии и според некои показатели на површината можно е да се работело за населба центар за поширокиот простор. Имено и денес на теренот се наоѓаат убаво обработени форми од мермерен камен, кои укажуваат на постоење стари градби со посебно значење како, на пример, цркви и сл. Индиции за такви градби според мермерните елементи има најмалку на две места, а интересно е дека и некои од жителите упатуваат на места познати како црквишта. Тоа може да значи дека на овој простор има остатоци и од ранохристијански цркви. Оваа констатација е, речиси, сигурна ако се земе предвид дека на просторот на „Садевите“ има наоди на елементи од мермерен камен, како прозорски меноа, парапетни плочи и други објекти, кои се карактеристични за раното христијанство. Тоа е времето кога се создавале првите христијански култови, се прогласувале мартири (маченици за христијанската вера) и сл.

Мермерни споменици расфрлани по локалитетот

          На локалитетот, посебно, се забележливи големите грамади камења, често изѕидани во широки ѕидишта со кои е преполн локалитетот „Садевите“, а кој за современите жители на селото Полчиште значел земјоделска површина која се обработувала се до седумдесеттите години на минатиот век кога населението во Мариово доаѓа до минимум. Огромните количества камен укажуваат на значителната големина на населбата, посебно во доцната антика кога „Садевите“, веројатно, преставувал некој вид градска населба од помал обем. На тоа укажуваат и некои делови од локалитетот кои претставуваат дел од инфраструктурата на старата населба со плански изглед и улици со калдрма.9

Вертикалната јама од највисокиот дел на локалитетот

   

Вертикалната јама од највисокиот дел на локалитетот 2

Непосредно под „акрополата“, од нејзината југозападна страна, се наоѓа една длабока јама која е позната како пропаст. Таа е длабока околу 20 метри, а според раскажувањато во долниот дел има поширок простор. Иако за жителите таа е природна јама, не е исклучено дека била своевиден рудник на метална руда која се топела во топилници што се наоѓале во самата населба. Од нив денес се наоѓаат значителни количини на железна згура која е распространета по целиот локалитет, но посебно околу споменатата јама. Имајќи го предвид фактот дека Мариово во голема мера се користело како простор за експлоатација на руди, посебно во доцноантичкиот период, не треба да зачудува ниту можноста на „Садевите“ да постоел поголем центар за преработка на рудата со поголеми печки за топење и работилници за преработка на рудата.

СКУЛПТУРА НА ХЕРКУЛ И ДРУГИ СКУЛПТУРИ, КАКО И СПОМЕНИЦИ СО НАТПИСИ – ИМАЛО ЛИ ХРАМ НА МИТСКИОТ ЈУНАК ВО НАСЕЛБАТА НА „САДЕВИТЕ

Покрај споменатите остатоци на просторот на самиот локалитет, речиси, е сигурно дека голем број споменици од мермер, кои извесно време се наоѓале во кругот на блискиот манастир „Св. Илија“, а подоцна биле однесени во Музејот на Македонија во Скопје или исчезнале, исто така, биле дел од матаријалната култура на населбата од локалитетот „Садевите“. Меѓу нив е и едно торзо на Херакле, кое е датирано во I–II век на нашата ера.10 Познато е дека Херакле во Македонија бил обожуван не како херој, туку како бог и имал извонредно значење како култ, а македонската кралска куќа која владеела во Македонија од нејзиното создавање до нејзиното потпаѓање под римската власт, се сметала за потомство на Херакле според кој се нарекувани Хераклиди. Имено, родоначалникот на оваа кралска куќа, Темен, бил потомок на Херакле,11 а од него потекнуваат браќата Гаван, Аероп и Пердика – првиот историски познат крал на Македонија одVII век пред н. е. Освен Херакле, пронајдени се и една статуа од типот на голема Херкуланка, дел од торзо од типот полијатус, како и торзо на мала статуа, која е датирана во раниот II век на н.е.12

Две мермерни скулптури – некогаш во манастирот „Св. Илија“
Торзо од скулптурата на Херакле (Херкул)

Ваквите наоди упатуваат на размисла за култот на овој јунак и божество, чие приосуство во Македонија е потврдено на многу места. Наодот на скулптурата, како и останатите две скулптури, можеби се дел од позначајна градба која егзистирала во оваа населба, особено храм посветен на Херкул. Веќе споменавме дека Херкул бил сметан за родоначалник на македонската кралска лоза Хераклиди од која потекнуваат голем број кралеви, меѓу кои и Филип II и Александар III – Македонски. Ваквите наоди, исто така, упатуваат и на остатоци од населба од раноантичкиот период, односно, македонскиот период. Се разбира, потребни се сериозни археолошки истражувања за идентификување на посебните објекти од културата на оваа стара населба.

Еден наод на фрагмент од бел камен вграден во црквата „Св. Димитрија“, која е на само стотина метри југозападно од локалитетот „Садевите“, на кој се среќава и натпис, исто така, можеме да ја сметаме како културен споменик со потекло од овој локалитет. Овој споменик од археолозите е датиран во римско време. Се работи за дел од надгробен споменик со натпис со кој покојникот се хероизира, а се работи за извесен Таронсиос Ботиос.13

Во црквата „Св.Димитрија“ во Мелница која се наоѓа во близина на локалитетот „Садевите“ се пронајдени и регистрирани уште два споменика со натписи кои денес се наоѓаат во Археолошкиот музеј во Софија во Бугарија. Едниот од нив се датира во периодот од II до III век во нашата ера, додека другиот во III век во нашата ера.14 Освен овие два споменика при рекогносцирање е утврдено дека во внатрешноста на црквата има фрагменти од мермерен столб. Сите овие споменици потекнуваат од претходно опишаниот локалитет „Садевите“ што укажуваат на исклучителното значење на некогашната населба која егзистирала на просторот на овој локалитет. Исто така, тие потврдуваат дека населбата егзсистирала и во период пред доцната антика, односно во римскиот период. Со тоа, богатството од материјална култура со потекло од старата населба се зголемува, па и констатацијата дека се работи за значајна населба од градски карактер добива посериозна основа.

Скулптура бр. 1 – некогаш во манастирот „Св. Илија“
Скулптура бр. 2 – некогаш во манастирот „Св. Илија“

Сето ова упатува на значајното населување на просторот на Мелница во римскиот период, посебно на локалитетот „Садевите“, каде се пронајдени голем број статуи и други споменици. Според пишувањето на некои автори, пред извесен период некои од мермерните споменици од Мелница се наоѓале во манастирот „Св. Илија“, кој се наоѓа во близина на ова запустено село од неговата јужна страна. Според Никола Вулиќ, две мермерни статуи кои претставувале женски фигури без глави, од кои едната висока 1,05 m, а другата 0,95 m се наоѓале во манастирот кај селото Мелница,15 а има слични известувања и од други автори.

Кога се работи за остатоци од населба, посебно со обем каков се насетува на „Садевите“, интересен е проблемот со нејзиното име. За жал, тоа е тешко да се утврди со оглед на фактот дека не постои споменик со натпис кој би укажал на името на населбата. Овде треба да се истакне фактот дека на просторот на селото Витолиште, чиј атар се граничи со атарот на Мелница е пронајден споменик со натпис кој, за жал, не е доволно читлив, но сепак се знае дека преставувал извесен граничник меѓу две поголеми населби или територијални единици и на него биле напишани имињата на населбите (територијалните единици) (Inter Geneatos et …hinos).16 Така денес се знае дека на него било споменато извесно населено место „Генеати“, кое би можело да се однесува токму на оваа населба. Сепак, тоа е единствениот подопирлив податок поврзан со имињата на старите населби од овој простор на Мариово чии имиња се ретко познати, пред сè, поради слабите археолошки истражувања на овој простор.

 

[1] Археолошка карта на Република Македонија, Vulič N, 1937, 31 и др.

2 Александар Миткоски, Извештај за рекогносцирање на археолошки локалитети во Мариово, Завод и Музеј – Прилеп 2001.

3 Исто.

4 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002,

5 Исто.

6 Исто.

7 Исто. Археолошка карта на Република Македонија, Vulič N, 1937, 31 и др.

8 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово,

9 Исто

10 Викторија Соколовска, Античка скулптура во Македонија.

11 Херодот, Историја, превод Даница Чадиковска, ЗУМПРЕС, Скопје 1998, VIII, 552, види легенда за браќата Пердика, Гаван и Аероп кои се главени кај еден цар во Горна Македонија како момоци. Плутарх, Животот на Александар Македонски, Славните ликови од антиката, избор од Споредбени животописи, превод, увод и белешки – Милош Н. Ѓуриќ, Матица Српска, Нови Сад 1978, 101.

12 Викторија Соколовска, Античка скулптура…

13 INSKRIPTIONES GRAECAE, Epiri, Thraciae, Scythiae, ediderunt: Fanula Papazoglu, Milena Milin. Marijana Ricl adiuvante Klaus Hallof, Berolini. Novi Eboraci, MIM 1999, 82.

14 INSKRIPTIONES GRAECAE, Epiri, Thraciae, Scythiae, ediderunt: Fanula Papazoglu, Milena Milin. Marijana Ricl adiuvante Klaus Hallof, Berolini. Novi Eboraci, MIM 1999, 81–82.

15 Никола Вулиќ, Прилеп, Српска краљевска академија, Споменик, Београд 1931, 162.

16 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, Скопје 1957, 209.