„КОВЧЕЗИТЕ“ – ЛОКАЛИТЕТ СО ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД ДОЦНОТО КАМЕНО И БРОНЗЕНОТО ВРЕМЕ И НЕКРОПОЛА КАЈ СЕЛОТО КРУШЕВИЦА, ПРИЛЕПСКО

На каменест рид кој е расположен на околу 3 километри источно од селото Крушевица, Прилепско, а од северната страна на пространата долина „Падиште“, со голем број карпи со специфични форми, како и карпи кои со својата форма прават и посебни пештерски простории, има јасно забележливи траги на праисториско населување. Локалитетот е познат под името „Ковчезите“. Меѓу карпите на локалитетот и по околните благи падини, се наоѓаат фрагменти од керамички садови со обележја, кои упатуваат на доцното камено и на раното бронзено време.1 Керамиката е поприсутна во тесните простори меѓу карпите на тумбата, а посебно во некои пештерски простории на тумбата која зафаќа околу 1 ха површина исполнета со карпи. На некои од карпите се наоѓаат и длабени форми кои служеле за поставување столбови, греди и сл., а кои веројатно биле дел од древните градби на населбата. Со својата специфична форма и просторот кој го надвишува, вниманието посебно го привлекува една карпа од јужната страна на каменестата тумба, која има мистичен изглед. Исто така, со бројната керамика и трагите од стари интервенции, внимание привлекува една помала пештера со површина од неколку метри квадратни на југозападниот дел на тумбата. Сосема е веројатно дека и двете карпи имале свое место во праисториската населба.2

Локалитетот „Ковчезите“ од запад со пошироката околина

Освен праисториската керамика која се наоѓа главно на каменестиот дел од ридот, на рамнината од неговата северозападна страна, се наоѓа и керамика од поновите периоди, односно доцната антика. Целиот простор околу тумбата е полн со благи падини и рамни површини заградени со карпест рид од северната страна, а отворен од страната на локалитетот „Падиште“ (југозападната). На некои делови од тумбата, се среќаваат и извесни остатоци од ѕидови од камен, но и интервенци од непознати лица со копање и сл.

Локалитетот „Ковчезите“ од запад

Последниве 2-3 години во близина на локалитетот „Ковчезите“, на околу 200 m северно, непознати лица раскопале 5-6 гробови од типот циста со должина и до 1,8 m и ширина од 0,40 до 0,50 m. Раскопани се 3-4 гроба од североисточната страна на една ниска тумба, која веројатно била разорана уште во времето кога се работеле земјоделските површини во близина и една јама со кружна форма обѕидана со камен. Всушност, раскопаните гробови се наоѓаат на самиот агол на една земјоделска парцела, 4 од нив се поставени последователно еден до друг и заедно формираат лак, со што упатуваат на форма на тумул, односно, могила со кружна форма. Ако се земе предвид дека погребувањето во тумули археолозите го лоцираат во железното време,3 тогаш логично е да се претпостави дека населбата на локалитетот „Ковчезите“ егзистирала и во тоа време, бидејќи, речиси, е сигурно дека некрополата била користена за покојници од оваа населба. Самиот локалитет со некрополата, пак, има посебно име „Плочи“ кое го добил поради неколку ниски карпи со поголеми површини.

Поткарпа со интересна форма 2

Двата локалитети, „Ковчезите“ со остатоци од населба и „Плочи“ со некрополата (тумулот?) се наоѓаат во интересно опкружување со голем број објекти, локалитети со остатоци од култура и други културни траги. Особено е големо присуството на тумули, речиси, десетина во поблиската околина, главно на јужната, југоисточната, но и западната страна.4 Се среќаваат и голем број остатоци од градби од камен, објекти во камен и обработени делови по карпите, како и локалитети со остатоци од населби од различни периоди. Овде ќе ги споменеме локалитетот „Трештена Стена“ на околу половина километар југоисточно, со остатоци од позначајна населба од енеолитот и бронзеното време,5 „Страгата“, локалитет со голем тумул, кој беше истражен во 2001 година, а во чија близина има и остатоци од населба од подоцнежно време – доцна антика и среден век.6 Една помала населба била лоцирана и во долината на локалитетот „Падиште“,во нејзиниот повисок дел, која е на само неколку стотици метри јужно од „Ковчезите“.7 Нејзиното датирање не е определено, но според извесни културни белези може да се датира во мекодонско-римскиот период. Овде потребно е да се спомене и локалитетот „Црквиште“ со остаток од стар храм кој бил изграден од камен и во неговата основа биле употребени големи и добро обработени камени блокови. Овој локалитет се наоѓа на околу половина километер јужно од „Ковчезите“ и во негова близина има неколку помали и поголеми форми на тумули.8

Гробови од типот циста на некрополата

Од југозападната страна на локалитетот „Ковчезите“ по сртот на нискиот рид, кој се спушта кон Крушевичка Река можат да се сретнат повеќе помали обработени форми по карпите, како и една која потсетува на извесна симболика оформена со мали кружни јами.

 

1 Александар Миткоски, Извештај од рекогносцирање на археолошки локалитети во Мариово, Завод и Музеј – Прилеп 2001.

2 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 128 и 129.

3 Александар Миткоски, Извештај од археолошкото ископување на тумул од железно време на локалитетот „Страгата“, село Крушевица, Мариово, Завод и Музеј – Прилеп, 2001 година.

4 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово,…, 129 и 130.

5 Александар Миткоски, Археолошки истражувања на локалитетот Трештена Стена, с. Манастир (истражувања во 2013 година), Археолошки информатор бр. 1, НГО Менелај – Прилеп, Прилеп 2017 (1 – 195).

6 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово,…,133 – 136.

7 Исто, 132.

8 Исто, 130 – 132.