КРСТОТ НА ВОЈВОДАТА ЃОРЃИЈА ЛАЖОТ

Незавидната положба во која се наоѓал македонскиот народ низ историјата го доведувала до безброј искушенија, страдања и жртви. Искушенијата, страдањата и понижувањата, за жал, траат и денес. Како никогаш до сега, Македонците се соочуваат со беспримерно негирање, обиди за обезличување и бескрупулозно асимилирање до откажување од самите себе, откажување од сопствената историја и култура, сопствениот јазик и сопствениот идентитет. Уште повеќе, на најбескрупулозен начин, со крајно понижувачки ултимативни пораки поткрепени од моќни светски центри, на Македонците им се наложува да прифатат дека не бидат тоа што се и дека треба да се определат поинаку, односно, да прифатат национална и културна определба, која им ја наложуваат надворешни сили и фактори, како што се соседните држави Бугарија и Грција, чии асимилаторски пропаганди, приближно два века вложуваа огромни средства и напори да го убедат македонскиот народ дека Македонец не е нешто национално, не е генетско, не е културна определба и слично, туку тој, Македонецот, треба да се „освести од заблудата“ и да прифати дека е Бугарин, Грк или Србин или дека е (замислете!), узурпатор на Балканскиот простор!!!? Просто неверојатни се притисоците и политичките и национални туторства и уцени, а уште повеќе бесрамно наложувачки и геноцидни, без ронка почит кон општиот принцип на човечноста и навреда на елементарното ниво на интелигенција!!!  Таквите усилби за обезличување и прекројување, не само на мислата, туку и на интимата, допираат до елемнтарните човечки вредности и најдлабоките чувства, кои најчесто секој ги има во себе и, главно, ги чува само за себе. Падна ли општиот морал на човекот (особено во светот на политиката) на крајна површност и на недостојна  реторика и вулгарност?

Селото Лениште, Прилепско

            На ваков вовед не поттикна еден подалечен настан од македонската историја, од времето на ропската потчинетост и ропското понижување, кога Македонецот, и во крајни човечки услови, сепак го чувал основниот човечки принцип и достоинство. Настанот е лоциран во втората половина на деветнаесеттиот век, поточно во осмата и деветата деценија на овој век и е поврзан со еден од големиот број непокорници и борци за подобар живот, односно со војводата Ѓорѓија Лажот од селото Царевиќ, Прилепско.  Тој, по долга одметничка активност, во четите на други војводи, како и со сопствена чета, учествувал во бројни настани, во Прилепско, Тиквешко, Поречието и во други региони на Македонија, често со идеи за крупни настани поврзани со ослободувањето на македонското население од ропството и гонет од  потери, сардисан во една куќа во селото Вепрчани, Прилепско, немајќи друг излез, се самоубил во декември 1884 година.1 Овој смел лик од македонската историја, цело време на својата комитска активност на своите гради носел голем сребрен крст на кој бил изработен во релјеф св. Ѓорѓи Победоносец со сребрени сиџирчиња, кој тежел цела ока (1260 грама) и со него завршил во една куќа во селото Вепрчани. По неговото загинување во селото ова село,  крстот го зел неговиот прогонувач Бавтијар чауш, заедно со оружјето на војводата и од него направил форма на полумесечина, па така го носел на своите гради. Подоцна, овој тежок приврзок, Бафтијар му го подарил на еден од синовите, кој го сметал за најзаслужен, односно за наспособен (бабабит), Сефедин ага.2 Сефедин имал свој чифлик во селото Лениште, Прилепско и постојано го носел споменатиот приврзок на градите. Македонците кои го гледале со украсот на градите знаеле дека тој е, всушност, крстот на војводата Ѓорѓија Лажот од селото Царевиќ, Прилепско и тоа особено ги вознемирувало. Освен тоа, Сефедин бил вистински силник и многу ги малтретирал жителите на селото Лениште. Во тоа време селото било добро организирано и било вистинска база на четите на Организацијата.3

Мотив од селото Вепрчани, Прилепско

          

Ѓоре Спирков – Леништанецот

Поради близината на селото Лениште до градот, Сефедин ага секој ден одел на својот чифлик и навечер се враќал во Прилеп кадешто живеело неговото семејство. Неговото присуство во селото било опасност за Организацијата. Тоа го увидел раководителот на Револуционерната организација во Лениште, Ѓоре Спирков, па затоа решил да го ликвидира. Во почетокот на 1903 година, тој се договорил со својот соселанец, другар и член на Организацијата, Илија, за да го убијат Сефедин ага. За таа цел тие го поканиле агата за да се почестат по некоја ракија во куќата на Ѓоре Спирков. Таму се напиле ракија, но не добиле можност за да го ликвидираат, па се преселиле во куќата на Илија. Ни таму не им се пружила можност за да го убијат, бидејќи Сефедин бил добро вооружен со добра пушка „мартинка“,  украсена со седеф, револвер и кама. Најпосле Сефедин ги поканил да одат да пијат на неговиот чифлик во селото и тие отишле со него. Сефедин седел со пушката ставена на колена. Ѓоре Спирков  искористил еден момент, му ги фатил рацете одназад, а Илија го грабнал за гуша и го задавил. Му го зеле приврзокот што го носел на градите, пушката, револверот и камата, а потоа зеле еден коњ, го товариле мртвиот ага, го однесле телото на агата кај касарните и го оставиле таму. Другиот ден телото на Сефедин било пронајдено сосема голо и внесло силен страв кај Турците во градот.4

Мотив од селото Царевиќ

            Убиството на силникот Сефедин Ага, а особено одземањето на сребрениот предмет од крстот на Ѓорѓија Лажот било примено со посебно задоволство и радост од христијанското население5 меѓу кое Лажот бил особено почитуван. Така, крстот бил вратен во рацете на христијаните и, на извесен начин, била вратена честа на војводата.

Споменикот со натпис вочест на битката на четата на војводата Ѓоре Леништанецот во селото Топлица, Прилепско

            По настанот со ликвидацијата извршителите избегале во четата на Петар Ацев, а жителите на селото повторно биле малтретирани, испрашувани и измачувани за да кажат каде избегале. Ѓоре Спирков, познат и како Ѓоре Ленишатнецот или Леништанчето продолжил како активен комита, подоцна и војвода, сѐ до загинувањето на празникот Мала Богородица, во септември 1907  година кај селото Топлица, Прилепско.6

1 Тренчо Димитриоски, Војводите Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот, Ризница – Прилеп, Прилеп 2016, 53 – 82.

2 Атанас Иванов, Ѓоре Спирков -Ленишатенцот, Илустрациа Илинден, Книга 10 (20), Софија, Ноемви 1929.

3 Исто.

4 Исто

5 Исто.

6 Тренчо Димитриоски, Пред 112 години – како загина војводата Ѓоре Спирков од селото Леништа, Прилепско, https://www.pelagon.mk/2019/12/21/