УБИСТВОТО НА ГАЛИЧАНСКИТЕ ПРВИЧАРИ ВО МЕСТОТО КАЛУЃЕРСКИ ЛИВАДИ КАЈ МАРУЛ, ЕСЕНТА 1908 ГОДИНА

(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места“ – запишано од Томе Велјаноски, подготовка за печат, Тренчо Димитриоски)

Љубовта и младоста се посилни од се. Убавата девојка од Марул Менка Јованова Ристеска (Мурџеска) се заљубила во нејзиниот врсник, нејзин сосед, Петко Стојанов Павлески. За да си докажат еден на друг за верноста и искрената љубов Менка се омажила за Петко како бегалка, без дозвола на нејзините домашни. Незадоволни од ваквата постапка нејзините домашни (Мурџевци) решаваат и одат во домот на избраникот на Менка, Петко. Се собрале мажите од семејството Мурџевци, братот на Менка Стојан, братучедите Ристе и Бане и стрико и Петре и отишле со намера Менка силум да ја вратат дома. Ристе зел да ја крши вратата на Павлеската куќа, но Петко бил вооружен со неколку пиштоли и ги одбил напаѓачите Мурџевци не давајќи им да ја земат неговата сакана. Мурџевци се обратиле за помош до нивниот роднина Диме Мустрески од Чумово, кој бил оженет за тетка на Менка. Тој бил член на Револуционерната организација. По три дена од првиот обид на Мурџевци да ја вратат бегалката Менка дома дошол Диме Мустре кај Павлевци, го извикал младоженецот Петко да излезе надвор за да преговараат. Петко, неискусен, се излагал, излегол надвор и Диме Мустре го разоружал и му ја зел Менка. Петко бил сирак бидејќи татко му Стојан Ангелев Павлески бил отепан од Турците во местото Шопур во Чумовечкото 6 години пред настанот со бегалката Менка. На Менка Мурџеска веднаш и нашле друго момче во селото Галичани, ја омажиле за Ѓорѓија Томески од ова село.

Селото Марул со врвот Веслец – стара фотографија

По свадбата се прави возвраќање гости меѓу сватовите, односно првичиња. Родителите на момчето, заедно со невестата, со тајфа составена од нивните најблиски роднини се канат на гости кај родителите на девојката, односно, на првиче. По извесно време се канат родителите на девојката со најблиските роднини на гости во куќата на родителите на момчето на првиче.

Го поканиле Мурџевци новиот сват на првиче и тој ден за нив бил многу весел ден исполнет со радост. Во куќата било подготвено за првичарите се што е потребно, што се вели „и од пиле млеко“, сè богати јадења и пијалаци, весела музика на гајда и сл. За такви веселби свиреле и по неколку гајдаџии заедно. Сватот од Галичани дошол со своите најблиски роднини кај сватот во селото Марул. Денот бил четврток, во октомври, шест дена пред Петковден. Во четвртокот утрото се собрале првичарите во селото Галичани, поткаснале пред да тргнат на пат, се напиле и замезиле за да бидат повесели и кога тргнале забележале дека има слаба магла во полето. Еден од првичарите дофрлил: „Од каде дојде оваа магла, ќе ни го темничи денот, не можеме да се веселиме на првичето.“ Некаков предзнак го натерал да проговори така првичарот.

Мало Рувци

Тргнале првичарите и кога го поминале селото Беровци и продолжиле кон селото Мало Рувци ја снемало маглата и почнало да грее сонце. Откако го поминале и селото Мало Рувци првичарите преминале во Марулското преку Штавички Ливади и околу 8,30 или 9 часот се појавиле на Големо Брдо. Надуени гајдите на галичанските првичари врескале, а коњите накитени со пувки и ѓердани околу вратовите и гривите, покриени со дифтици и веленца тупотеле напред, назад со затегнати узди како на воено дефиле. Сè било весело. Ова се најубавите, најмилите и највеселите гости на младоженците. Старата поговорка вели: „Еднаш бидува невеста, еднаш се прави првиче.“ Неколкумина определени од домаќинската куќа за да ги пречекаат првичарите стоеле на брегот Павлески и го гледале доаѓањето на галичанските првичари. Гласот на првичарите и нивните весели извици по Големо Брдо веќе допирале до селото Марул. Тие наближале до Марул.

На правецот по кој требало да поминат првичарите кон долчето во Калуѓерски Ливади, меѓу двете Павлески ниви, патчето завлегува во длабнатина во должина од триесетина метри и од двете страни е обраснато со капини. Се слушаат песните и свирките на првичарите. Одеднаш песната и свирката замолкнуваат, а се слушаат грмежите на душманските пушки од меѓата на патот. Се слушал пискот и лелекање, плач на првичарите кои паднале погодени од куршумите. Петмина биле ранети од првичарите и сето било пискот меѓу двете Павлески ниви на патчето од двете страни обраснато со густи капини. Од голема радост сè се претворило во тажење и лелекање. Еден од првичарите бил смртно погоден и мртов паднал на патчето, а до него лежел неговиот коњ со скршени нозе и подзинувал како да го молел својот мртов стопан да ја земе и неговата душа. Убиениот бил Спасе (или Богдан) Мицески од М. Рувци. Некои од првичарите со коњите прснале да бегаат назад, а пушките непрестано пукале по нив.

Галичани

Еден бел коњ кој на себе го носел првичарот Илија Чапкуно од Галичани зел да бега за назад, но бил погоден заедно со својот јавач на 150–200 метри од долчето во ливатчето Павлеско. Станало пискот и лелеци, нема ни првиче, ни „вториче“. Половина Марул се кренало да им помогне на невините луѓе и кога пошле што ќе видат. Петмина ранети и двајца мртви луѓе, еден мртов и еден ранет коњ лежат на местото на крвавиот настан. Го испратиле Крсте Стојанов Колески (1875–1953) да однесе абер до роднините на првичарите. Дошле роднините, но и други луѓе од околните села да го видат ужасот во кој настрадале невините првичари. Дошол и татко му на убиениот Илија Чапкуно и гледајќи ги синот и коњот како лежат во ливатчето Павлеско ги бакнал од мака и двајцата и со солзи во очите, сиромавиот, рекол: „А бре синко, а бре синко, не те жалам тебе, го жалам коњот.“ Згаснала веселбата во Калуѓерски Ливади и во семејството на Мурџевци, згаснал пискотот на гајдите и црна темница го покрила марулскиот синор. Илија Чапкуно бил оженет млад и го оставил семејството, жената Велика која потекнувала од Чакмаковци во селото Мало Рувци со двегодишниот син Аце и ќерките Љубинка и Стевка. Подоцна Велика се премажила во Бонче за Велјан Колески и Аце израснал таму. Тој има тројца синови, Алекса, Бранко и Благоја.

Црквата во Галичани

Убијците на првичарите од Галичани, непречено, пред очите на живите, со лелеците на ранетите ги нарамиле пушките и заминале во правец на Бошковец. Убијците–Јуруци, со нивната дива азиска култура не ги дофатил турскиот закон. Турската власт не ги зела на одговорност и слободно се шетале. Тие биле шестмина и сите од Канатларци. Познати се имињата на двајца од нив, Ариф Исламоски и Рифат Пардиоски, а имињата на другите четворица не се паметат.

ПОВОД ЗА КРВАВОТО УБИСТВО

Иако не е сосема јасно, крвавиот настан во Калуѓерски Ливади се поврзува со Петко Павлески на кого му ја зеле саканата Менка. Небаре, тој се договорил со Турците да го убијат Диме Мустре кој му ја зел Менка, а на убијците им бил опишан како изгледа и им било речено дека ќе јава на бел коњ. Кога првичарите се појавиле пред турската заседа во Калуѓерски Ливади, според дадениот опис дека на бел коњ ќе јава Диме Мустре убијците се препознале во Илија Чапкуно од Апчевци од Галичани и така наместо Мустре настрадал тој со неговиот коњ. Диме Мустре, пак, бил предложен да ги води првичарите од Галичани во Марул, но се успал и со својот коњ дошол од Чумово, преку Штавица директно кај Мурџевци и така избегнал сигурна смрт. Не му било судено да загине во Калуѓерски Ливади.

Канатларци

Освен погоренаведеното треба да се има предвид дека злогласниот марулски бег Амдија Лазески бил член на државната безбедност на Отоманската империја и како таков ја користел секоја можност за разбивање на христијанството и христијанското единство на подмолен начин. Менка била извадена како бегалка од семејството на Павлевци и Амдија „дотурил масло на огнот“, испратил убијци за да предизвика сомневање меѓу двете налутени страни. Како и да е трагедијата се случила, а мотивите за неа не се сосема познати.

Раскажувано од:

Ристе Јовчески (1888–1962)

Цветан Мурџески (1897–1970)

Јованче Мурџески (1908–1988)

Трајан Павлески (1891–1971)

Ванчо Павлески (1908–1989)

Стојко Колески (1891–1968)

Вангел Јовчески (1912–1997)

Аце Павлески роден 1929, сите од Марул