МАКЕДОНСКА НАЦИОНАЛНА АКАДЕМИЈА – ПРИЛЕП: ОБРАЌАЊЕ ДО СИНОДОТ НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА И ДО МАКЕДОНСКАТА ЈАВНОСТ
Во контекст на најавениот состанок на синодот од МПЦ – ОА, закажан за 29.10.2020 год. Ние, македонските православни верни чеда на Православната Црква, Македонци по род, коишто сме крстени и духовно пораснати во, за нас, најсветата МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, древната Охридска Архиепископија, во однос на решавањето на македонското црковно прашање, НЕМА НИКОГАШ ДА ПРИФАТИМЕ:
- Правно самоукинување на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), со цел на “добивање Томос” од Цариград и создавање на нова Православна црква, односно нов правен субјект на територијата на Република Македонија, што би довело до несогледиви последици за опстанокот на Православието во Република Македонија и нашиот православен македонски народ.
- Промена на Уставот на МПЦ-ОА, во кој е одредено нејзиното име како Македонска Православна Црква – Охридска Aрхиепископија , со што директно се загрозува вековниот идентитет на Македонскиот народ.
- Никаков договор со Цариградската патријаршија (или било која друга црква), со кој нашите задгранични епархии би се предале под туѓа, немакедонска, административна или духовна управа и јурисдикција.
4. Никаков договор со кој би се отуѓувал имотот на МПЦ-Охридска Архиепископија, или договор за предавање на ставропигијални цркви и манастири во духовна и административна управа на патријаршијата во Фанар, а коишто се наоѓаат на територијата на Република Македонија.