КАКО СЕ ДОУНИШТУВААТ ОСТАТОЦИТЕ ОД АНТИЧКАТА НАСЕЛБА (НЕПОЗНАТИОТ ГРАД) КАЈ СЕЛОТО ОРЕОВЕЦ, ПРИЛЕПСКО

Може да се каже дека познатиот собирач на народни македонски умотворби, Марко Цепенков, кој потекнува од селото Ореовец кај Прилеп, имал многу посоодветни информации и заземал многу посоодветен став кон културните вредности со кои се среќавал во својот крај. Тој, во многу од запишаните преданија, лично се произнесувал за ваквите вредности, извлекувал извесни заклучоци и категоризации.

Локалитетот „Леково“

За разлика од него, денес, иако постојат културни и научни институции, како и институции за заштита на културното наследство, изгледа дека не сме отишле многу понапред во оваа област. Уште повеќе, некои состојби упатуваат на тоа дека сме дозволиле катастрофални уништувања на голем број локалитети со остатоци на културно наследство чија вредност никој не може да ја процени, ниту се обидел тоа да го направи. Уништувањата се континуирани и сè почести. Преку локалитети со очигледно богатство од материјална култура, често, роварат тешки машини, се врши експлотација на минерали, се пробиваат патишта, се раскопува диво и сл. Еден понов случај на такво постапување среќаваме и на локалитетот Леково (Роман) кај селото Ореовец, кој уште пред шеесетина години бил нападнат со изградба на стрелиште. Денес, често се случуваат слични напади на истиот локалитет од различни причини, а најново е пробивање на пат во самиот центар на локалитетот, на делот на кој излегуваат најголем број археолошки предмети. Дури, изгледа како свесно да се трасирал патот, токму, на таа траса, зашто на еден голем рамен простор бил трасиран цел полукруг од патот како да се имало намера трасата да помине полукружно во срцето на остатоците од старата населба. На површина излегле голем број фрагменти од керамички садови со различна големина, дебелина на ѕидовите и квалитет на изработка. Има фрагменти од многу мали садови, садови со средна големина, како и питоси. Интересно е да се забележи дека на локалитетот се појавуваат изобилство од градежен материјал, односно, тегули, цигли, како ретко на кој друг локалитет со остатоци од слична култура. Особено е нагласено присуството на цигли, кои се карактеристични за античкиот период, посебно за римското владеење.

Пробиените траси на локалитетот

Немаме сознанија дали овој зафат бил направен со консултација и дозвола од Заводот за заштита на културното наследство во Прилеп, но очигледно е дека патот бил правен со проект, односно, трасата најпрво била исколчена, обележана, а потоа пробивана. Наместа машините влегле подлабоко во почвата и направиле цели купови од земја измешана со археолошкиот материјал, а археолошки предмети, во поголемо или помало количество, се среќаваат, речиси на целиот пробиен дел од патот. Трасата е направена со голем полукруг од јужната и југоисточната страна околу напуштената зграда од стрелиштето, вртејќи од северната страна и продолжувајќи повторно кон сверозапад, а еден пат е пробиен во права линија и од нејзината југозападна страна.

Дел од пробиената траса на локалитетот

Во прилог, овде, само ќе го цитираме Марко Цепенков и Археолошката карта на Република Македонија, па со споредбата може да се констатира, кој има посодветен однос и посоодветна карактеризација на вредностите од овој локалитет, За најновиот зафат нема повеќе да коментираме. Овде ќе приложиме само фотографска документација од теренот на локалитетот.

Марко Цепенков:

„До селото Ореоец (Прилепско) има едно место што се вика Роман.

Во тоа место има нивје, села; во тие нивје се нашле маази, се од ќавѓир, со сводои од големи тули што и корнат селаните, си имаат праени фурните што си печат леб; во копањето тие тули, мнозина нашле антики: бакарни и стребрени, ама не една и две, ами едночудо; нашле и од злато антики. За тој град се прикажуа оти је запустен од чумата. За тој град водата била што се вика лекоита вода. Таа лекоита вода извира и кај што извира и што извира тамо малце потамо па загинуа.1

…………………………………………………………………………………………………………….

Уште нешто за Роман. Местото Роман се вика и Римљан, има околу саат и пол околу-наоколу. Наместа има црквишта израсипани, само темелишта. Една се вика Св. Недела, друга Неделиште – го викаат местото кај што је црквиштето, има и една црква што ја викаат руско црквиште. Над лекоитата вода има и еден манастир расипан (Манастириште). Има и едно црквиште што се вика елимско.

…………..

Во Роман се нашле и антики од залто: на едната страна овчар со стапо в рака и од друга страна со една маторица и со дваесет прасци.

Глигур Тасев копачел пењушки пред десетина години и нашол под корењето на дрвото два ќупа и до ќупоите два клопотарци и еден срмен колан за опашуање. Нашол и едно куче од мермер плетварски.“2

Археолошка карта на Република Македонија:

Леково, депо на римски монети. Западно од село­то, во нивата на Гане Трајкоски се најдени повеќе брон­­­зени монети кои се чуваат во Заводот и музеј во При­леп. (Б.Б., Б.К.)

Ореовечка Река, населба од римското време. Не­пос­­редно под селото, на десниот брег на Ореовечка Река, во нивата на Коста Богески се наоѓаат делови од архитектонски елементи (бази, столбови и архи­травни греди од мермер). Најден е и еден јонски капител со волути. (Б.Б., Б.К.)“3

 1 Марко К. Цепенков, Македонски народни приказни, книга 5, Приредил Кирил пенушлиски, Македонска книга, Скопје 1989, 133 и 134.

2 Исто, 135.

3 Археолошка карта на Република Македонија, 306.