ЦВЕТАН ДАМЕСКИ – ФЕРО (АМЕРИКАНЕЦОТ) СЕ ВРАТИ ОД СВЕТОТ ВО РОДНОТО СЕЛО ДОЛНЕНИ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ И СЕ НАЈДЕ ТУЃ ВО СВОЈАТА КУЌА

Еден живот – едно патешествие. Знаеме каде започнува, но ретко знаеме каде ќе заврши. Често зазема непредвидливи текови, не внесува во разноводни состојби и не води во разни места во светот.

Животот на Цветан Дамески – Феро (Американецот) започнал во далечната 1950 година во селото Долнени, Прилепско, денес општина Долнени во семејството на Алкександар Дамески и Марија од истото село. Поширокото семејство е познато како Голомешовци. По предание од претците, тие потекнувале од селото Дихово, Битолско и Долнени е заселено, токму од нив.

Со петмина браќа и една сетра, Цветан детството го поминал во Долнени каде чувал крави и биволи,  помагал во земјделството, орал со биволите и воловите и сл. Завршил само трето одделение и прекинал со образованието. Бистар, снаодлив и со желба за подобар и поуспешен живот, постојано размислувал како да го да се отргне, себе си и семејството од сиромаштијата и мачниот селски живот. Тој јасно се присеќава и раскажува за времето кога во неговото семејство, често го чекале да си дојде дома неговиот татко Александар за да донесе торба брашно, мајка му да измеси леб, па да јадат за да преживеат. Особено за време на колективите, кога на неговиот татко Александар сосема му дотежнала лошата положба во семејството, па решил да се упати дури до врвот на тогашната СФРЈ, односно, до Јосип Броз – Тито.

Цветан – прв оддесно со другари во Долнени нза време на младоста

 Бидејќи Цветан бил особено наклонет спрема луѓето од мали нозе, односно бил „фер“ кон секого, му ставиле прекар Феро. На осумнаесет-деветнаесет години заминал на отслужување на воениот рок. Бил во повеќе градови низ тогашната СФР Југославија – започнал во Ниш, а завршил во Светозарево. Добро се снашол во војската, па по обуката во артилерија, како сметач на нишанска справа, станал курир. Знаел дека неговите се сиромашни и немаат да му испратат пари ниту за облека за враќање дома, па самиот добро се снашол. Почнал да ги собира шишињата од пијалоците во кантината во касарната и да собира пари од кауцијата. Продавачката многу го сакала, ѝ помагал во кантината, чистел, средувал и сл. На заминување од војска, при разделбата, таа дури и просолзила. Собрал доволно пари од кауцијата и отишол во градот да си купи облека за дома. Во дуќанот го дочекала продавачката и го прашала за колку пари сака да купи облека, поскапа или поевтина. Рекол да му одбери нешто најубаво, да не бере гајле за пари. Му одбрала Кангер – костум, од најскапите. Си дошол во селото, неговите соселани го гледале „уфирцан“, дотеран по најнова мода и се прашувале од каде нашол таква облека, односно како се снашол за пари, знејќи дека неговите биле големо и сиромашно семејство.

ГЕРМАНЦИТЕ ДУША ДАВААТ ЗА СЛИВОВА ПРЕПЕЧЕНИЦА

Во селото останал околу една година по отслужувањето на воениот рок, постојано размислувајќи како и каде да го продолжи животот. Тука не гледал иднина и услови за остварување на својот животен сон. Размислувал да се вработи во Топилницата во Велес и извадил документи во овој град. Во тоа време многу млади од тогашната СФРЈ заминувале во странство во потрага по поубав живот. Подготвувајќи се за работа во Велес, Цветан разбрал за еден Велешанец, кој правел список за работници во Германија и веднаш се пријавил. Набрзо потоа фатил воз за Белград, по пасош и виза во Германската амбасада. Наскоро, веќе, се подготвувал за пат во Германија. Од неговиот брат, кој работел во ресторанот од интернатот во Градско, каде минувале многу Германци, туристи за Грција, разбрал дека Германците душа даваат за сливова ракија, препеченица. Од еден соселанец во Долнени, кој имал поголем овоштарник со „магарешки“ сливи (јадра сорта) и варел ракија од нив, купил една туба од 60 литри и ја зел со себе во возот за Скопје. Од Скопје за Минхен се преместил во експресен воз. Кога го прашале што носи во тубата, тој им рекол дека носи минерална вода за пиење и така поминал со неа до Минхен. Кога ја симнал тубата со ракија од возот во Минхен никој од групата не сакал да му помогне и платил „Ѓуптин“ да му ја однесе тубата до местото каде што го чекал Германецот, кој требало да го одведе до фирмата во која требало да работи. Тој ја зел тубата и ја клал во автомобилот и возел до место близу до холандската граница.

Цветан, прв од десно со еден сосед и неговиот татко (на челото)

Сливовата препеченица „му отвори пат“ на Цветан во фирмата во која работел во Германија. Таму останал година и половина и заработил 15.000 германски марки. Татко му Алекса работел во Македонската железница и ја работел земјата во Долнени со волови, па Цветан се вратил назад со заработените пари да помогне, да му ја олесни работата. Татко му му предложил со заработените пари да купи трактор и со него да ја ораат земјата, да ги остават воловите. Некое време Цветан поработил со тракторот во Долнени и околината орајќи земја и вршејќи разни услуги со него. Се обидел да го продолжи својот живот во родното место, но не му успеало. Неговото патешествие повторно водело преку граница.

ОД ДОЛНЕНИ ПОВТОРНО ВО СВЕТОТ – АМЕРИКА

Еден ден, колега на татко му на Цветан од Железницата му пренесол дека една негова братучеда доаѓа во Македонија со намера да си најде животен сопатник. Така, Цветан Дамески се запознал со својата прва животна сопатничка Роса. „Роса беше мојата прва сопруга, мојата сопатничка и мојата среќа. Склопивме брак во Велес, потоа отидов во Американската амбасада по виза. Таму ме прашаа: Што бараш во Америка? Јас им реков: Не ќе јадам камен во Велес!“

На аеродромот Кенеди во Америка го пречекала неговата сопруга. Таа живеела во Клифтон, но заедно со неа закупиле стан во блискиот Гарфилд. Најпрво работел како чистач на тоалети. Заработувал малку. Само 3,5 долари од час. Затоа, ја напуштил таа работа и се вработил во еден хотел, „Шератон“. Таму добро се снашол, но работел само неколку години. Токму со неговата прва сопруга Роса, Цветан го доби и својот син единец, Крис Дамески, кој денес живее и работи во Северна Каролина, во Америка.

Зградата на Цветан Дамески во Гарфилд

„Со целата работа што ја работевме, јас и мојата сопруга, собравме 70.000 долари, па излеговме заедно и гледавме куќи и згради во Гарфилд. Гледаме една зграда со четири стана и визба со натпис дека се продава. Се јавивме да прашаме за цена, но тие ни рекоа дека цената е по договор. Појдовме кај газдата и се договоривме да ја купиме за 220.000 долари. Моравме да подигнеме кредит за да ја купиме, ваму не бев на работа. Најдов еден пријател од Охрид, кој работеше во една фрима која работеше со гипсени плочи и беше на еден Евреин. Му реков да го замоли да ме запише како вработен и да ми даде потврда за кредит, па така во банката ми дозволија кредит за да ја купам зградата. Тоа беше првата поголема градба која ја купив во Америка. Становите ги издавав и во нив доаѓаа и познати личности од Македонија. На Македонците апартманите им ги издавав привилегирано, со посебен попуст. Кај мене доаѓаше мојот соселанец, познатиот гајдаџија, Пеце Атанасоски, неповторливата македонска пеачка Васка Илиева и многу други, доаѓаа и популарните пеачки од Југославија, Лепа Брена, Зорица Брунцлик, весна Змијанац и др.“

ВО ФЕНИКС, АРИЗОНА, ВО ФИРМАТА НА ПОЗНАТИОТ БИЗНИСМЕН ЃОРЃИЈА (ЏОРЏ) АТАНАСОСКИ И ПОДВИГОТ КОЈ ПОТСЕТУВА НА КРАЛОТ АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

„Работев и во други фирми во Америка. Извесно време престојував во Феникс во Аризона, каде бев вработен како служител во училиште. Во Аризона купив и куќа, која подоцна ја продадов преку агенција. Куќата ми беше исплатена на рати за една година. Извесно време работев и во фирмата на познатиот бизнисмен од Македонија, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.“

Во Аризона, Цветан, користејќи го своето искуство од неговото родно село Долнени во Македонија, скротил и еден див коњ – пастуф на фармата од некој голем фармер. Коњот добил прва награда на една од трките со коњи. Овој подвиг, кој потсетува на подвигот на македонскиот крал Александар Македонски и неговиот коњ Букефал му донесол дополнителна заработка на Цветан од 25.000 долари.

„Потоа,  повторно се најдов без работа. Кога бевме на кафе и слатки во една слаткарница, ми рекоа дека имале врски со познатата фирма за слатки производи Набиско. Беше една жена од слаткарницата по име Барбара. Таа ми рече да одам дома и да телефонирам, да ја барам Киша. Барбара ми даде и писмо со препорака во кое беше напишано и тоа дека не зборувам добро англиски јазик. Таа ми помогна и да ја потполнам апликацијата. Киша беше Индијка. Таа се јави кај „супервајзерот“ Урсула, и кажа за мене. Урсула и вели: Фати го под рака и донеси го кај мене!„

Куќа на Цветан во Америка по чиј план е направена и куќата во Долнени

Така Цветан Дамески започнал да работи во фирмата за Набиско, (Национална компанија за бисквити),  најголема пекара во светот, која произведува бисквити, колачиња, двопек за армијата и разни закуски. Најпрво започнал како чистач на машините, но токму оваа работа и го доближила до нив, брзо се запознал со тоа како се вклучуваат и исклучуваат, како работат и многу други тајни поврзани со нив. Тоа го забележале лицата од раководството и станал машиноператор – ги вклучувал и исклучувал машините. Често работел и по 16 часа дневно, па заработувал по 45 долари на час. Така успеал да заработи, вкупно, околу 2 милиони долари. Од оваа фирма и се пензионирал. За пензиско осигурување плаќал не само преку националниот синдикат, туку и преку меѓународниот. Сето тоа го довело во подобра положба и неговата пензија достигнала до 3.800 американски долари.   

Зградат на „Набиско“ во која работел Цветан во Америка

      СЕМЕЈСТВО

За жал, првата сопруга на Цветан со која имаа еден син, Крис Дамески, рано се разболела и починала на 38 години додека Крис бил сè уште дете. По извесно време зел втора сопруга, но со неа немал многу среќа и брзо се разделиле. Не можел да живее сам и се оженил по третпат со последната сопруга Благица. Извесно време живееле во Америка, но таа имала проблем со синусите и дишните органи и, по совет од доктор, решиле да се вратат во Македонија, во родното село на Цветан, Долнени, за да бидат поблиску до Јадранското Море, бидејќи докторот им советувал да престојуваат покрај солена вода, која ќе биде корисна за здравјето на Благица. Во Македонија си дошле комплетно иселувајќи се, оставајќи куќа во сојузната држава Каролина во Америка. Таа е неговата последна куќа, која ја купил во Америка, откако ги продал куќата во Флорида и зградата во Гарфилд.

Куќата на Цветан и Крис во Каролина

            Неговата солидна пензија, дури 3.800 долари месечно му овозможила да си дозволи побогат живот со сопругата. По враќањето во Долнени, тој изградил голема куќа, американски стил на градба, со површина од околу 300 квадрати и земјиште заградено со ѕид од околу 0,2 ha. Куќата е проценета и осигурана на 308.000 долари. Од Америка донесол и комплетен инвентар за внатрешните простории во куќата, како и џип од 60.000 долари.

Така, по околу 40 години печалба во Америка, Цветан решил својот живот да го продолжи во родното село градејќи и голема семејна куќа. Неговиот син Крис останал да работи и живее во Америка, во Каролина.

Куќата во Долнени

Значаен дел од неговото животно патешествие е и учеството во борбата за признавање на Македонија во Америка. Заедно со својот син, оделе со македонското знаме на митинзи и протести, борејќи се за признавањето на својата земја во светот. „Грците маваа по нас со јајца, а ги каменуваа и нашите возила кога одевме на митинзите, особено во Њујорк“ – раскажуваат таткото и синот.

Машина за пријавување и одјавување од работа во фирмата во која работел Цветан

Крис бил првиот претседател на Македонската младинска организација во Америка. Тој и денес е активен во организациите на Македонците во оваа земја, близок пријател, односно другар од дете со Мето (Методија) Колоски, актуелен претседател на Обединетата македонска дијаспора (ОМД). Всушност, од Македонската младинска организација се формирала денешната ОМД. Тоа значи дека Крис Дамески е еден од нејзините основоположници.

ОТВОРЕНОТО СРЦЕ И ИСКРЕНОСТА ЦВЕТАН ГО ДОВЕДОА ДО ПОЛУРОПСКИ ЖИВОТ СО РОДНИНИ ВО РОДНОТО СЕЛО       

            Во родното Долнени Цветан се насели со голема љубов и големо вложување за семејна куќа, среќен што успеал да го помине светот, добро да заработи и со солидна пензија да се врати на својот семеен корен и родното огниште. Се зафатил со изградба на куќата, иста по градба како една од неговите куќи во Америка. Освен архитектонскиот план, тој од Америка донесол и градежен материјал, како дограма, патос, плочки за поплочување, гаража и сл. Неговиот син Крис останал да работи и живее во Америка. Овде, во Долнени, кон своите роднини Цветан пристапил со отворено срце и искреност. Почнал да ги помага на разни начини, со заеми и неповратни средства, со купување на машини и алати за работа, автомобили, помош за изградба на куќи и сл. Неговата висока пензија и неговиот капитал му го овозможувале тоа, па многу не се грижел дали ќе му бидат вратени парите или не. Особено се наклонил кон еден внук од негов брат, кому на разни начини му помагал во земјоделската работа, во изградба на куќа, во секојдневните трошоци за исхрана и други потреби за семејството и сл.

Крис дамески со неговиот тако Цветан

„Почнавме да живееме заедно, јас и мојата сопруга Благица и семејството на мојот внук од брат, Златко. Нему му помагав при купување трактори, автомобили, купував, храна за целото емејство, бидејќи започнавме да да живееме заедно во мојата куќа, а изградија и нивна куќа за која, исто така, му помогнав. Со еден друг мој внук, Марјан, како ортаци, започнаа да работат тутун и во тоа јас цело време финансиски им помагав, на разни начини, како при набавувањето на алати за работа, исплата на аргати, и сл. Додека работеа со тутунот на двајцата им давав по 12.000 денари како плата. Јас пазарев за дома сè што е потребно. Мојата сопруга Благица беше посебно наклонета кон семејството на Златко и постојано наговараше дека треба да им се помага со децата, гледајќи ја нивната состојба и тоа постојано го правевме. Така живеевме заедно неколку години во мојата нова куќа, јас ги плаќав сите сметки, за струја, за телевизија, интернет и слично. Одеднаш се најдов во некоја чудна ситуација, па почнаа да ме спречуваат да излегувам од куќата, ми забрануваа да се гледам со моите роднини, особено со мојот брат чија куќа е наспроти мојата. Претходно, мојата сопруга почна се повеќе да паѓа со здравјето, мораше да оди на болница за да се лекува. Ја однесоа на болница и ототгаш јас, речиси не успеав да ја видам. Последниот пат, пред нејзината смрт, Златко и неговата сопруга отидоа на болница кај Благица, а мене не ме зедоа. Јас мислам дека Благица сакаше нешто да ми каже, а тие знаеја за тоа и затоа не сакаа да се видам со неа.“

Крис Дамески со неговата маќеа Благица, неговиот тако Цветан и една пријателка во Америка

Откако сопругата на Цветан, Благица почнала сè повеќе да го губи здравјето, Цветан се нашол во особено тешка состојба поради тоа. Во тоа време се појавиле слабости и кај неговото здравје и во такви услови станало збор да направат договор со нивниот внук Златко и неговата сопруга Љупка за догледување. Во тој контекст е чуден еден момент од 2017 година, кога од Америка дошол во Долнени синот на Цвета, Крис Дамески. Самиот Крис раскажува дека бил загрижен за здравјето на својот татко и набрзо по смртта на неговата маќеа Благица решил да дојде во Македонија и да го посети татка си, сакајќи да му помогне, да го упати на лекарски прегледи поради нарушеното сдравје и сл. Притоа дошло до конфликт меѓу него и неговиот братучед Златко. Имено, уште со самото доаѓање во куќата во Долнени, откако се поздравил, Крис побарал да го остават насамо со татко му за да позборува со него, а Златко на тоа грубо возвратил. Расправијата дошла до таму што Златко го фатил за раменици и го изнесол од куќата на татко му. Крис случајот го пријавил во полицската станица во Ропотово по што полицијата обавила разговор со неговиот татко, а Златко бил писмено предупреден. Набрзо потоа Крис морал да се врати во Америка поради својата работа.

КАКО Е ПОТПИШАН ДОГОВОРОТ

Токму по овој настан, кој се случил на почетокот на 2017 година, речиси една година потоа, бил направен договор за доживотна издршка меѓу Цветан Дамески, од една страна и Златко и Љупка Илијоска, од друга страна. Според она што може да се види од судките документи, како и од инцидентот со полицијата од 2017 година, се добива впечаток дека односите меѓу Цветан Дамески и Златко Илијоски, како и синот на Цветан, Крис Дамески, не биле на особено ниво. Како се случило да биде склучен договор за издршка во такви околности? Крис Дамески тврди дека воопшто не би известен за таквиот договор. Со договорот, неговиот братучед Златко, заедно со неговата сопруга полагаат право на целиот имот на таткото на Крис, како куќата во Долнени, така и пензијата од близу 4.000 долари. Знаејќи ја економската состојба во нашата земја, тоа навистина изгледа убав „договор“. Од друга страна, колку е објективно, прикладно, па и чесно, заобиколувајќи го единствениот син на Цветан да се прави таков договор? Во судските документи  се среќаваат искази од Златко дека Цветан не бил во добри односи со својот син и тоа, веројатно, е „оправдувањето“ за таквата постапка со него.

Втората страна од Договорот

Еве што вели Цветан Дамески за тоа:

„Јас не бев добар со здравјето, особено со видот, имав перде на очите и не можев да видам што пишува во договорот. Не сум доволно свесен што се случи. Сам не можев да прочитам, а тие не ми прочитаа што пишува во него и не сум доволно свесен како го потпишав.1 Мојот живот стана уште покомплициран, сами вадеа пари од мојата картичка, не ми доизволуваа да се гледам со роднините, особено со мојот брат, кој живееше наспроти мене, Златко почна да ми се заканува, не ми дозволуваше да одам кај брат ми, изјавуваше дека ќе ме отепа и мене и брат ми ако појдам кај него – се почувствував како роб затворен во сопствената куќа. Кога сакав да земам нешто за јадење или пиење, често не наоѓав во фрижидерот. Јас купував, носев дома, а тие ги земаа купените работи по нивните соби, јадеа и пиеја таму, а јас останував гладен и жеден. Барав да ме однесат кај очниот доктор, д-р Дејан Ристески, но тие ме убедуваа дека за кај него ќе чекам три години, дека е многу зафатен и дека не може да ме прими. Најпосле неако се снајдов преку други и отидов на лекар, се договорив со докторот и откако ми направи оперативен зафат на едното око видот многу ми се подобри.“

ДАЛИ ЦВЕТАН ВО ВРЕМЕТО НА ПОТПИШУВАЊЕТО НЕ БИЛ ВО СООДВЕТНА ЗДРАВСТВЕНА СОСТОЈБА

Таткото и синот раскажуваат дека нивните роднини – издржители на Цветан постапувале со картичката за пензијата по своја волја, подигале пари кога ќе сакаат без да го прашаат и да го известат Цветан, почнале да изнесуваат и предмети од куќата, како еден ресивер за интернет и сл. Подигањето средства од картичката на Цветан престанало поради некаква грешка со пинот. Веројатно е дека при внесувањето на пинот, тие имаат направено грешка и банката во Америка ја блокирала исплатата, тврдат Цветан и Крис. Како и да е, очигледно е дека односите меѓу Цветан и неговиот внук се навистина влошени и денес се одржуваат со сила, врз основа на запишаното во договорот. Според Цветан и Крис, интересно е и тоа што договорот го подготвила адвокатка од Прилеп, но самата не се потпишала на него. Значи ли тоа дека таа сметала дека не е „упатно“ да го направи тоа? Дали договорот е потпишан при несоодветна здравствена состојба на Цветан, како што кажува и самиот? Тој, денес тврди дека немал намера за склучување на таков договор, дека бил притиснат од тогашната состојба, кога неговата сопруга била многу болна, самиот имал проблем со видот и сл. Дури, како да не се сеќава јасно што се случувало пред и по смртта на неговата сопруга Благица. Во секој случај, едно е јасно, тој е вознемирен од состојбата во која се нашол, а заедништвото со неговиот внук изгледа невозможно во овој момент.

Предлог за издавање привремена мерка од страна на Цветан

Според Крис, неговиот татко бил вистински исплашен од закани и грубо однесување од страна на Златко и немал сила да се спротистави, односно не бил во состојба самиот да донесе објективна одлука.

Самиот Цветан тврди дека почнале да му попречуваат да се слушне телефонски со неговиот син во Америка, односно, му попречувале контакт со било кој од неговите роднини, па дури единствениот син. „Налутен поради тоа што реков дека ќе одам кај брат ми, синот на Златко зеде еден тежок пепелник за цигари од кристал и сакаше да ме удри со него. Мавна по масата од мермер и го искрши пепелникот. Другпат, кога ми го дадоа телефонот да се слушнам со син ми во Америка и кога му кажав дека не можам да живеам вака и сакам да расчистам, Златко ме фати за раце и ме акна на креветот. Притоа ја удрив главата од страницата на креветот, а на месото на рацете каде што ме фати ми останаа модрици“.

Поради сите овие случувања и грубо нарушените односи, Цветан решил да го раскине договорот за издршка. Еден ден, неговиот внук бил по работа, Цветан излегол од неговата куќа и отишол кај неговиот брат Славе и се јавил кај својот син Крис во Америка за помош. Крис набрзо пристигнал, се обратиле кај адвокат и поднесле тужба за раскинување на договорот.2  

ПРАВНА И МОРАЛНА (ЧОВЕЧНА) ДИМЕНЗИЈА НА ПРОБЛЕМОТ

Така раскажува Цветан Дамески за неговиот внук и семејството, а денес случајот, веќе е пред суд. Има повеќе судски документи, одлуки и слично, меѓу кои и такви со кои неговите противници успеале да го убедат судот дека треба да бидат „заштитени“ од Цветан со тоа што ќе му забранат, односно ќе донесат привремена мерка да го отуѓува својот имот, куќата или делови од другиот имот. Така, тој доживеал да не може да владее со својата куќа и имотот кој самиот го спечалил напорно работејќи далеку од својот роден крај. Судот, велат, рака сечи – не боли, ете тоа е! Правно, законски и судски така се гледа на тоа. Договорот за издршка ги заштитува двете страни, ете, тоа ти е! Сепак, гледано човечки и објективно, тешко е да се поверува дека е тоа правда, особено за Цветан. Извесен период, тој не влегуваше во сопствената куќа, беше исплашен, збунет, живееше под стрес. Престојуваше кај неговиот брат, а и денес е кај него иако, по доаѓањето на неговиот син, тој беше охрабрен да влегува во својата куќа.

Цветан, прв од десно со еден сосед и неговиот татко (на челото)

Издржителот некое време не доаѓал во куќата, си живеел во неговата куќа на другиот крај на селото, а во куќата на Цветан живееле неговите деца (од Златко), иако според договорот се обврзал тој да живее заедно со неговиот чичко, а не неговите деца (син на Златко со неговото семејство). По барање од страна на Цветан и Неговиот син Крис, децата на Златко се иселени. Струјата во куќата била исклучена, а откако Цветан и Крис направиле тужба за раскинување на договорот, Златко почнал да доаѓа во куќата, да преспива во неа и сл. Веројатно, на тој начин сакал да го заштити имотот од неговиот сопственик. Од оној, кој го создал. Ете, тоа се случува!!? Еден да создаде имот, друг да го „заштитува“ од создавачот!!? Денес состојбата е таква, влегуваат и едните и другите, а фактички никој не живее во оваа куќа, таа е исклучена од електричната мрежа, нема интернет и сл.

Камин во куќата во Долнени

Пишувачот на овие редови лично го доживеа тој момент на претставување „газдинство“ при посетата на Цветан Дамески и неговиот син во Долнени. Нивниот роднина, набрзо, пристигна да изврши „надзор“, „надгледување“ кој и за што влегува во „неговата“ сопственсот. За пишувачот на овие редови, тоа е навистина деликатен момент, без разлика на правните аспекти на целата работа. Потребно е да се познавач на психоанализата за да се протолкува менталната состојба на двете страни во таков момент. Го знаеме само личното доживување, односно она што се случува во нас на психолошки план. Секако дека не е пријатна состојба. Доведено е во прашање нормалното функционирање на менталните центри во човекот. Постои воздржување, внатрешна психолошка реакциј, фрустрација и револт. Секако, тоа е предмет на професионална психоанлиза. Се поставува прашањето дали во допир со материјалнитте добра, однсоно со можноста за постигнување завиден капитал во човекот не се случуваат посебни психолошки процеси, различни од нормалната, односно објектибната ситуација?

Предлог за издавање привремена мерка од страна на Златко и Љупка Илијоски

Според правните документи, односно, воспоставениот договор, важат други правила и се практикуваат други мерила и аспекти.

Денес противниците на Цветан и Крис, кои се и нивни блиски роднини со кои порано имале добри односи, со почит и разбирање, на тужбата за раскинување на договорот за издршка одговараат со противтужба и побарување од околу 50.000 евра. Уф, не е лоша сума, мора да се признае. Барем за македонски услови, ама и за надвор од Македонија.

Друго прашање е обидот за дистанцирање на таткото од синот, убеденоста и убедувањето на другите, односно, на судот дека двајцата немале добри односи, дека некогаш ги расипале односите и сл. Прашањето на неинформирање при воспоставувањето на договорот исто така виси во воздухот. Дали тоа не е мешање во најчувствителните односи меѓу татко и син и кршење на основни права поврзани со тој однос? Се поместуваат ли моралните норми во овој „забрефтан“, технологизиран, дигитализиран и виртуелизиран свет? Секако, тоа ќе биде правно расчистено пред соодветни судски институции. Ние можеме само да се обидеме објективно да се прознесеме, главно од аспект на моралните принципи, човечноста и рабирањето меѓу луѓето кои, за жал, како да се последни на скалата на вредностите.

Предлог за издавање привремена мерка од страна на Цветан

ПОСЛЕДНА СЛУЧКА ВО ОДНОСИТЕ МЕЃУ СТРАНИТЕ ВО СПОРОТ

            Пред неколку дена, во куќата каде што престојуваат Цветан и неговиот син Крис, односно кај братот на Цветан, Славе, дошла полиција, која го известила Крис дека е пријавен за „неовластено“ објавување фотографија од неговиот братучед на интернет заедно со материјал во кој се објаснува за се позачестеното искористување на старите лица во светот, за манипулација со нивниот имот и капитал и за нивното малтретирање. Според пошироката пракса и постапувањето на полицијата во нашата средина во случаи на пријавување на случаи на напад или загрозување на нечиј живот или имот, нашите сознанија се дека полицијата, за жал, не постапила и при многу подрастични случаи, но овде не е место за тоа.  

 

1 Која е функцијата на Договорот за доживотна издршка …

www.pravdiko.mk, Договорот за доживотна издршка се составува во писмена форма и се заверува од надлежен суд или од нотар. При заверка судијата односно нотарот во присуставо на договарачите и двајца сведоци кои ги познаваат гласно ќе го прочита договорот и ќе ги предупреди договарачите на последиците од договорот.

  • Договорот за доживотна издршка е полноважен, ако во својство на примател на издршката го склучило лице кое е во длабока старост, ако деловната способност не му е одземена и ако истото било способно за расудување во моментот на склучувањето на договорот. (Одлука  на Аpелационен суд Штип, ГЖ бр.2054/08 .),

2 М-р Мимоза Ангелеска, https://www.pravdiko.mk/wp-content, ДОГОВОР ЗА ДОЖИВОТНА ИЗДРШКА,

  • Престанок на договорот за доживотна издршка, настапува во случај на смрт на давателот на издршката, неговите обврски преминуваат на неговиот брачен другар и на неговите потомци што се повикани на наследство. Ако брачниот другар и потомците на давателот на издршката не се во состојба да ги преземат договорните обврски, тие имаат право да бараат надоместок од примателот на издршката за порано дадената издршка. 3 Според статијата на С. Сворцан, до престанок на договорот за доживотна издршка доаѓа кога ..“ ќе настапи сериозно пореметување на односите помеѓу договарачите, поголемиот дел од обврските давателот на издршката не може да ги исполнува. Кога ќе дојде до ваква ситуација договорот престанува да биде сретство за планирање на иднината, бидејќи развојот на односите кои настанале не соодетствува ни приближно на претходно договореното. Истовремено една од договорните страни не го добива од овој однос она што со договорот и припаѓа, а тоа значи дека дошло до повреда на принципите корисност и правичност кои претставуваат основни принципи на кои почива договорот, па следи дека договорот треба да се раскине..”