ЈАС ЗНАМ ОТИ СЕ БОРАМ ЗА МАКЕДОНИЈА

Произнесување на војводата Толе паша, пред повеќе од еден век

Толе Паша – легендарниот македонски војвода од селото Крушевица, Мариово, Прилепско немал можност да се стекне со никакво образование бидејќи се родил во поробена земја и во семејство кое живеело во полуропски услови, работејќи за еден од беговите кои имале имот во селото. Сепак, кога потпораснал почнал да ги збележува разликите меѓу оние кои владеат и оние кои мораат да им служат по секоја цена. Како растел, се повеќе сфаќал дека тоа не е човечно, дека е неправедно и недостојно. Затоа, само што стекнал доволно младешка сила, се одметнал од тогашната власт и започнал тежок одметнички живот, постојано изложен на потери и смртна опасност. Создал сопствена чета, преземал голем број акции, земал од богатите и им давал на сиромашните, помагал на западнатите семејства, ги заштитувал од тиранијата и ја стекнал нивната доверба. Создал мрежа од свои подржувачи и јатаци, па станал дури и закана за тогашната турска власт. Всушност, иако без ниту еден ден образование, без никаква едукација и образовна подготовка, создал своевидна територија над која имал контрола и се грижел за своите подржувачи. Постојано прогонет, следен од потери шпиони од власта и пропагандите (особено грчката), постојано на штрек, почнал појасно да ја согледува својата положба, положбата на неговото семејство, на неговите сожители од селото, од областа и од Македонија.

Цвеќе и свеќи на гробот кај селото Гудјаково, Прилепско

Иако, неук, без  некој да го научи што е народ, што е татковина, што е држава, што е слобода, тој низ сопствената борба против ропскиот живот, против неправдата и злосторствата, почнал да го разбира тоа и, токму затоа, еднаш пред луѓето од Македонската револуционерна организација се произнесол со зборовите: „Јас знам дека се борам за Македонија! Ако сум виновен осудете ме!“

Што го натерало овој самороден, самоизраснат борец за слобода, борец за својата татковина вака да се произнесе? Тогаш, пред повеќе од еден век, во ропски услови!

А денес? Што не присилува нас денес да полемизираме околу тоа каков идентитет носиме, каков јазик говориме, како се викаме, како се вика нашата татковина, како се определува нашата култура, дали бил Александар Македонец, дали бил Македонец неговиот татко, дали биле Македонци македонските кралеви, дали Македонците биле Македонци, дали ние денес сме Македонци!!!?? („“%*&Ќ?%~!) Падна ли човештвото на испитот на слободата и демократијата, на правото на лична слобода и слободен живот, како и на правото за самоидентификување без туторство и насилие, па толку силна светска и балканска политика се „истури“ на овој мал простор кој им преостана на Македонците? Вака размислувајќи ќе помслиме дека во времето на овој легендарен војвода тоа било појасно од денес кога на еден сосема необразован Македонец му било јасно за која татковина се бори („Јас знам оти се борам за Македонија!“).

Од антрополошкиот труд на д-р Фаница Велјаноска посветен на војводата и неговиот син

Затоа, да се посети неговиот гроб денес, на годишнината од прогласувањето на независна и суверена Република Македонија сметаме дека е вистински потег. За да се присетиме на изворноста, на непоколебливоста, на истрајноста и човечноста – на непроценливата вредност на слободата, која некогаш само мислиме дека ја имаме. Борбата за слобода и за човечки права, веројатно, ќе биде вечна зашто секогаш се појавуваат нови поробители, многу пософистицирани, вешти на зборови и на (не)дела, моќни и самоуверени во намерата да не „поучат“, да не прекорат поради нашата „дрскост“ ако слободно се произнесеме, како мали и неуки деца, кои не знаат сами да одберат што е добро, а што лошо за нив или како незрели и неуки за да знаат што е тоа слобода, што е правда, што се лични права и слободи, што е слободна мисла, што е слободно произнесување и слободно движење!!?

Ние, една мала група од Прилеп, со посета на гробот на легендарниот војвода Толе Кулиќов, некаде Трајков, па и Кулески, а популарно Толе Паша на местото на битката кај селото Гудјаково во која загинал заедно со син му Велјан и целата негова чета, го одбележавме денот на независноста во далечната 1999 година. После беа подготовки за пренесување на моштите во неговото родно село Крушевица, со голем народен собир во 2001 година, кој беше вистински голем, со неколку илјади народ, почитувачи на овој војвода. За жал, и тогаш, некои сили беа опаку настроени, не сакаа да го видат во вистинска светлина, па медиумите постапија многу „срамежливо“, речиси, со игнорирање. Тоа, сепак, не е важно, но важно е дали ние денес се чувствуваме слободни, независни и суверени во својата татковина Македонија, која го слави 30-иот 8-ми септември!!?