ОСТАТОЦИ ОД СТАРО СВЕТИЛИШТЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „МАНАСТИРИШТЕ“ КАЈ СЕЛОТО БЕЛО ПОЛЕ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Локалитетот „Манастириште“ и селото Бело Поле

На североисточната страна од селото Бело Поле во општина Долнени на локалитетот познат како „Манастириште“, на едно помало седло од ридот, се забеле­жу­ваат остатоци од одредена градба за која жителите на селото сметаат дека е остаток од стара црква. Овде јасно се гледаат раскопани темели од извесна градба, градена со камен и малтер, чии ѕидови се со цврста и квалитетна конструкција. Градбата била поставена во насока исток – запад, но на обраснатиот терен со висока трева тешко е да се забележи дали таа располагала со апсидален дел. Она што денес се забележува од остатоците на ѕидот, може да се констатира дека таа имала правоаголна форма, со тоа што на источниот дел има извесен полукружно оформен дел.

Остатоци од светилиштето

На западната страна на рас­копаниот дел од градбата се наоѓа еден поголем камен блок, во исправена положба со висина од околу 1,2 m, а во негова близина лежи и еден друг камен блок со квалитетна изработка во правоаголна форма, со должина од околу 1 m, а ширина од 0,8 m и дебе­лина од 0,5 m. Во средината на овој камен блок е изработена правилна правоаголна јама со помали димензии. Во раскопаниот дел од градбата можат да се видат и фрагменти од градежна керамика и керамички садови. Јасно се забележува дека има фрагменти од тегули, но и цигли со форма карактеристична за античкиот и доцноантичкиот период. Според Јован Трифуновиќ, овде се наоѓала црква посветена на св. Атанасие.1 Сепак, тешко е да се потврди дали се работи за стара црква или за храм од претхрис­ти­јанскиот период. Иако е забележливо дека внатрешната фасада на ѕидовите имала и слој од малтер, не може да се констатираат остатоци од живопис, иако тоа не значи дека тој постоел, но дека бил уништен со текот на времето.

Столб од камен на западната страна 2

Ридот на кој се наоѓало споменатото светилиште има форма на потковица и за него се „прилепиле“ дури три села – Бело Поле од западната страна, Новоселани од североисточната и Кутлешево од југозападната, скриено во вдлабнатиот дел на потковичестата форма. Сите три села се со старо потекло и постоеле уште во 16 век. Малку подалеку се селата Заполжани и Вранче – јужно и југозападно од Ридот, а на неколку километри северно од него е расположено селото Долнени. Сите споменати села на извесен начин имаат духовна и физичка врска со овој рид, па кај нивните жители можат да се слушнат разновидни преданија за повеќе места на Ридот. Остатоците на стар храм од „Манастириште“ кај Бело Поле се само еден од големиот број објекти од култен карактер на овој рид – по неговата горна површина и на неговото подножје.

Столб од камен на западната страна 3

Од југозападната страна на опишаниот објект се наоѓа локалитетот „Марков Чардак“ кој располага со остатоци од тврдина и култура од македонскиот, римскиот, доцноантичкиот и средновековниот период.2 Сосема е веројатно дека и овој објект од „Манастириште“ бил во извесна културна врска со населбата од „Марков Чардак“, барем во еден од периодите во кои таа опстојувала. Од севроисточната страна, на две повиоски места од Ридот, во близина на селото Кутлешево се наоѓале дури две утврдувања во еден од праисториските периоди – бронзениот или железниот период. Целиот рид заслужува многу поангажиран истражувачки пристап за да се презентираат големиот број култни објекти, кои заедно му даваат значење на „света планина“ во изминатите културни периоди.

 

1 Трифуноски, Јован, Битољско-прилепска котлина(српски), Српска академија наука и уметности, Београд 1998.

2 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 158 – 162.