ПЕШТЕРАТА „ДУОВА ВОДА“ ПОД ВРВОТ КОЗЈАК, КАЈ ПРИЛЕП, ИСТО КАКО И ПЕШТЕРАТА „РАМНИШТЕ“, КРИЕ ГОЛЕМИ КОЛИЧЕСТВА МАТЕРИЈАЛНА КУЛТУРА ОД РАЗЛИЧНИ ПЕРИОДИ

Пештерата „Дуова Вода“ е втора по големина од пештерите во атарот на селото Крстец, Прилепско, но не може да се каже дека е втора по атрактивност. Иако е помала и со помалку пештерски украси, неа ја красат други вредности, како височината на која се наоѓа, стрмнината и тешката достапност, која е посебен предизвик за планинарите и алпинистите, природната естетика со надмоќниот врв Козјак, неисцрпниот „кладенец“ со вода за која се верува дека лекува и други вредности поврзани со нејзините природни, географски, духовни, но и културни карактеристики. Таа се наоѓа на стрмните јужни падини на врвот Козјак, кој е последен врв на планината Бабуна и, самиот за себе, претставува вистински убавец кој е вистински „украс“ на просторот во овој дел на Македонија. Отворот на пештерата гледа кон исток, а до него се доаѓа по, особено стрмна патека преку еден мал превој стотина метри под врвот, кој е висок 1746 m. Пештерата се наоѓа на 1670 m и претставува голема, лесно пристапна просторија со површина од стотина и повеќе m2. Нејзината должина е измерана 82 m, а до најдлабоката просторија се доаѓа преку стрмен дел и, задолжително, со осветлување. Во неа, покрај левиот ѕид се наоѓа една поголема природна ниша, односно природен „кладенец“ во кој постојано има вода, која е бистра и лесна за пиење. „Кладенецот“ се доплнува од капки кои се цедат од таванот на тој дел од пошетерата или од некој таен извор. Според тврдењето на „очевидци“, многумина се обиделе да ја исцрпат водата со полнење на повеќе садови, но тоа не било можно. Се верува дека се работи за големо количество вода, кое тука се појавува и продолжува со своето течение низ планината.

Пештерата „Дуова Вода“ од врвот Козјак

Токму поради овој „кладенец“, чиј отвор е разделен на два дела од еден убаво обликуван природен столб со височина од околу 0,6 m, а јамата на „кладенецот“ зафаќа површина околу 1,5 m2, пештерата е наречена „Дуова Вода“. Всушност, потеклото на ова име е поврзано со празникот Дуовден и лековитоста на водата од пештерата.

ПЕШТЕРИТЕ И ЧОВЕКОТ

Кога се работи за пештерите, особено значајни се духовните вредности поврзани со ваквите природни феномени. Тие отсекогаш предизвикувале посебни чувства кај човекот, често чувства на стравопочит, па и страв, но и посебно верување за нивната улога и моќта што ја кријат во себе. Во најстарите периоди тие биле сметани за отвори за влез во центарот на земјата, во подземниот свет, односно местото во кое оделе душите по смртта на луѓето. Познати се голем број преданија поврзани со нив, голем број пештери за кои има посебни верувања и голем број народни творби создадени од таквите верувања. Овие природни објекти со мистично зрачење се поврзани со најстарите преданија за  создавањето на светот. Така, според хомерската и орфичката митологија, почетокот на светот започнал на тој начин што на Ноќта, од која се плашел и самиот врховен бог, Ѕевс, и се додворувал Ветерот, па од таа врска Ноќта снесла јајце. Од јајцето се родил Ерот, кого некои го нарекуваат Фан, кој го сподвижил светот. Ноќта, која него го нарекувала Ерикепај и Протоген – Фајтонт живеела со него во пештера и се појавувала како Тројна божица, односно, како Ноќ, Ред и Правда. Пред пештерата секогаш седела мајката Реа, која тропала во тапан и на тој начин го привлекувала вниманието на луѓето за да ги слушнат нејзините пророштва.1

Врвот Козјак на планината Бабуна

Значи, освен врската со создавањето на светот, на пештерите им се дава и пророчка моќ, односно тие биле и места во кои престојувале лица со пророчка моќ. Всушност, во такви мистични места престојувале и пророците и за да се дојде до нив, морало да се поминат определени ходници, тесни простори, простори со вода преку кои биле пренесувани со чамец и сл.

Едно од најсодржајните преданија, кое е нашироко познато и со особена привлечност е преданието за митскиот поет и музичар Орфеј и неговата љубов, Евридика. Евридика, бегајќи од Аристај, кој ја бркал сакајќи да ја силува, нагазила на змија отровница и умрела од нејзиното каснување. За да ја спаси својата голема љубов и да ја врати од мртвите, Орфеј влегол во Тартар преку еден отвор во Аорна, во Теспотија.2

Малата пештера пред „Дуова Вода“

Вакви примери поврзани со значењето на пештерите има безброј во литературата, но нивното значење не е само празна мистика, туку и има вистинска практична и содржајна вредност поврзана со опстанокот на човекот. Всушност, тие со своите природни карактеристики и погодности, како засолништа од климатските непогоди или засолништа од дивите ѕверови им овозможиле на човекот опстанок во долгиот период на палеолитот, кој се мери со милиони години. Постојано во потрага за храна, по ловишта и други природни ресурси за прехранување, човекот морал да пронаоѓа, токму вакви засолништа за да опстане. Затоа, и пештерите од атарот на селото Крстец, како и пештерите од поширокиот простор на Македонија треба да се гледаат како потенцијални природни објекти за пронаоѓање на остатоци од палеолтиската култура, односно остатоци од престој на палеолитскиот ловец.

Токму овие карактеристики, како и мистичните својства на пештерите ги предизвикале жителите од нивната околина да создадат разновидни преданија и приказни поврзани со нив.

ПОДОТ НА ПЕШТЕРАТА „ДУОВА ВОДА“ „ПОСЛАН“ СО АРХЕОЛОШКИ ОСТАТОЦИ

Пештерата „Дуова Вода“, односно „Дуова Пештера“ под врвот Козјак на планината Бабуна, во атарот на селото Крстец, освен природните карактеристики, разновидни форми на украсување, разновидни бои на површината на нејзините ѕидови, ја красат и преданија и верувања поврзани со неа, кои ги пренесуваат жителите на околните села. Всушност, слично како и пештерата на локалитетот „Рамниште“ од северозападното подножје на Козјак, за која веќе пишувавме, и која треба да се смета како можно наоѓалиште на остатоци од најстарата култура. Дека такви остатоци од поновите периоди постојат не може да се порекне. Всушност, тоа важи и за пештерата „Дуова Вода“. Пред да се стигне до „Дуова Вода“ се наидува на помала пештера која може да ве залаже, доколку не сте подобро информирани, па да помислите дека се работи за скромноста на пештерата за која станува збор во преданијата. Иако тоа до денес не е констатирано, при нејзината посета и обичното рекогносцирање на нејзиниот внатрешен простор, како и просторот пред нејзиниот влез, ќе се констатира дека тој содржи изобилство од остатоци од разновидни садови од керамика, метални предмети, предмети од стакло и сличен археолошки материјал, кој е сведок за извесно посетување и активно користење на нејзиниот простор. Може да се каже дека подот на пештерата „Дуова Вода“ е послан со остатоци од разновиден археолошки материјал од повеќе периоди, особено фрагменти од керамички садови со различна големина, дебелина и форма, како и со различен квалитет на обработка на керамиката. Може да се констатира дека најмногу фрагменти – цели купови, се наоѓаат во страничните јами и процепи. Се чини како садовите намерно да биле кршени во таквите делови на пештерата или само биле оставани во страничните делови и простории, а подоцна биле искршени. Според некои искажувања тие биле кршени како некој вид жртва за да се добие посакуваното од моќните сили во пештерата. Од нашето, би рекле, мошне површно истражување, можеме да констатираме дека покрај поновите периоди, извесни фрагменти од керамиката упатуваат и на праисторијата. Тоа треба да значи дека човекот ја посетувал пештерата уште од поодамнешни времиња, ја користел за определена практична намена, или за определена намена поврзана со духовниот живот, религијата и верувањето. Посетата на пештерата траела до времиња блиски на денешното. На тоа упатуваат разновидни материјали оставени во неа, меѓу кои и такви, кои упатуваат на нејзино активно користење за време на војните, особено балканските војни и Првата светска војна.

Разновидни фрагменти од керамички садови

Преданијата поврзани со оваа пештера зборуваат, токму, за тоа, особено за верувањата поврзани со извесна лековитост на пештерата. „Навечер, спроти Дуовден, одат некои болни да преноќуваат на гола земја. Простодушните веруваат дека секој болен кога ќе се разбуди, ќе најде до себе некаков знак кој покажувал дали болеста минала или не. Доколку болниот на кого самовилите му оставаат добар знак, молкома си отиде и се измие пред изгревањето на сонцето, ќе се исцелел.“4  

Според раскажувањето на постарите жители на околните села Крстец, Ореовец и Плетвар и други, порано постоел обичај луѓето од овие села да одат во пештерата на празникот Дуовден, да престојуваат во неа и да се мијат од водата во еден природен „калденец“ во нејзината внатрешност, како и да полнат вода од него за лекување на разни болести. Тоа го раскажуваат и старите автори: „На врвот на планината имат една пештера. Во таа пештера, ако поодиш малку внатре, има еден како дирек, или камен од Бога создан, имат една дупка што извира вода. Од каменот извират и пак во каменот колку две-три педи потамо гинит (пропаѓа). Таа вода ја викаме Дуоа Вода. На Свети Дух одат болни и неолни уште од вечер за да се мијат за исцелење.“5

Отворот на „кладенецот“

Може да се каже дека верувањето за лековитите својства на пештерата „Дуова Вода“, особено на водата од најдлабокиот простор во нејзината внатрешност, траат до денес. На тоа, на извесен начин, упатуваат и фрагментите од голем број садови од керамика, порцелан или стакло кои потекнуваат од поновите времиња, но движењето во неа е многу често, не само поради верувањата и посета на нејзините природни увбавини, туку и поради потрага по скриени богатства. Нејзиниот внатрешен простор на многу места е раскопан од извесни трагачи и авантуристи, а отворените јами претставуваат и опасност при посетата и влегувањето во неа. Од раскопаните јами се појавиле и фрагменти од керамика, разновидни коски од животни и сл. Веруваме дека стручно археолошко истражување, со отворање на неколку сонди на нејзиниот под може да доведе до сознанија од особено значење. Фактот што во пештерата има остатоци од стотици разновидни садови, некои во голема мерка сочувани, наведува на размислување дека најстарите културни траги во неа се под самиот под, на определена длабочина, односно, под наталожениот материјал и ронетица од ерозијата во текот на вековите, па и милениумите. Исто како и за пештерата од локалитетот „Рамниште“ сметаме дека и во оваа пештера се можни наоди, дури и од најстариот културен период, палеолитот. Дека има фрагменти од определени понови праисториски периоди, речиси, е несомнено, но за потврда на тоа се потребни многу посериозни истражувања од надлежни институции и стручни лица.

Во „кладенецот“ 2

Освен во пештерата „Дуова Вода“, археолошки остатоци се среќаваат и во поширокиот простор, а наша конастатација е дека најмногу фрагменти од керамички садови се среќаваат на просторот пред патеката по која се слегува до пештерата, односно на северните падини под врвот козјак. На површината на теренот во тој дел се среќаваат бројни, главно, ситни фрагменти од керамички садови. Тој дел од просторот е релативно стрмен и изложен на атмосферски влијанија, па може да се констатира дека овие фрагменти се во тесна врска со пештерата и водата која се наоѓа во неа.

Керамика од северната страна на Козјак 2
Керамика од северната страна на Козјак

ПОТРЕБНА Е ЗАШТИТА НА ПЕШТЕРАТА, НО И НА ВРВОТ КОЗЈАК КАКО ПРИРОДНА РЕТКОСТ

За тоа дека е потребна извесна заштита од уништување на природните вредности на овој редок споменик на природата не треба посебно да се нагласува. Прашање е кој и на каков начин треба да го направи тоа.  Ние го завршуваме овој текст со надеж дека повиканите ќе одоговорат на предизвикот, а кај другите ќе се разбуди свеста што значи сочувувањето на ваквите објкети, не само во Прилепско, туку и во Македонија. Всушност, потребна е заштита и за самиот врв Козјак, кој е особена атракција за планинарството и алпинизмот но, за жал, неговата стаменост и „гордост“ е веќе повредена со експлоатацијата направена од неговата јужна страна, на средна височина на врвот. Пред околу една деценија, на тој дел, е отворен поголем коп, исечени се голем број блокови од планината и направено вистинско нагрдување. Замислете, толку лесно, толку несовесно – некој дал концесија за експлоатација на единствениот врв на овој дел од планината Бабуна, концесионерот вложил средства, ја нагрдил со голем коп и ја оставил, констатирајќи дека материјалот не е вреден за трговија и заработка. Нагрдувањето е направено еднаш засекогаш – нема враќање. Треба ли комантар за тоа дека треба да бидеме посериозни при издавањето концесии за експлоатација на вакви природни материјали?

ОД АМБИЕНТОТ ВО ПЕШТЕРАТА „ДУОВА ВОДА“

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ОД ПЕШТЕРАТА

 

МАЛАТА ПЕШТЕРА

1 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 27.

2 Исто, 91, 92.

3 Пештерата е истражена од страна на ПСК „Златоврв“ од Прилеп на 9 април 2006 година.

4 Боро Мокров, Град Прилеп, Прилеп и Прилепско низ историјата (1893 – 1918), Друштво за наука и уметност – Прилеп, Прилеп 1991, 328.

5 Марко Цепенков, Македонски народни приказни, приредил: Кирил Пенушлиски, Македонска книга, Скопје 1989, 143.