ЕКСКЛУЗИВНО ОТКРИТИЕ: ВО ПЕШТЕРАТА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „РАМНИШТЕ“ ВО АТАРОТ НА СЕЛОТО КРСТЕЦ ИМА ОСТАТОЦИ ОД КУЛТУРА ОД РАЗЛИЧНИ ПЕРИОДИ

Дали се кријат и културни остатоци од најстариот период – палеолитот?

Можноста на просторот на двете села Ореовец и Крстец да постојат траги од самите почетоци на културата на човекот е голема. Всушност, поради неговата географска, хидрографска и природна положба, овој простор, треба да биде посебно истражен од страна на археолошките стручњаци. Од друга страна, фактот што стручњаците археолози, кои се занимаваат со најстарите траги на човековото постоење во Македонија се навистина малку, а во Прилеп нема ниту еден, изгледа многу разочарувачки. Од друга страна, длабоките и зелени долини кои се опкружени со планини во кои имало многу дивеч и пасишта низ шумите морале да го привлечат вниманието на човечките суштества уште во најстарите времиња, односно најстариот период од развојот на земјата во кој е регистирано постоење на човекот како што е палеолитот кога тој опстанувал, главно, со ловење. За тој археолошки период посебно треба да се има предвид постоењето голем број пештери во атарите на селата Крстец и Ореовец кои се наоѓаат на растојание едно од друго од само неколку километри. He ни е познато за какви било наоди кои укажуваат на постоење траги од палеолитскиот ловец на овој дел од прилепската околина како што, според сознанијата, не постои и слично истражување за утврдување на такви траги околу некои од пештерите чие присуство е регистрирано, посебно на просторот меѓу двете споменати села. Познати се две големи пештери од кои едната се наоѓа во нискиот дел, на локалитетот „Рамниште“, приближно, на половина пат од Ореовец кон Крстец во подножјето на високиот врв Козјак. Другата пештера, позната како „Дуова Вода“ се наоѓа на височина од над 1400 m над морето со влез од јужната страна на планината, под врвот Козјак, чии падини, сосема стрмно, се спуштаат кон селата Беловодица и Тројаци.

Вертикалниот влез во пештерата на Рамниште

Првата пештера има најмалку два отвора на просторот кој поради специфичниот карстен состав, се чини, има голем дел шуплини под површината. Пештерата која во голема мерка е позната и испитана од спелеолозите има ходници долги и до 150 m, но и некои странични ходници кои сѐ уште не се испитани. Едниот од отворите е сосема вертикален влез во пештерата и не е погоден за влегување без посебна планинарска опрема, а другиот има благо паѓање надолу во пештерските простории и може да се помине и без неа, но сепак, со соодветно осветлување. Многу позната е другата пештера која се наоѓа, речиси, под самиот врв Козјак кој е висок 1745 m. Таа има широк влез преку кој се влегува во пространа просторија со околу 100 m2, a потоа доаѓа потесен простор кој паѓа косо надолу. По неколку метри слегување по влажните карпи се доаѓа до еден природен сад во карпите во кој се наоѓа вода од извор кој доаѓа од каменестиот состав. Водата е многу пивка и лесна и е позната како Дуова Вода како што всушност, се вика и самата пештера, која е често посетена од планинарите и други љубители на природата и природните убавини.

Пристапниот влез во пештерата на локалитетот Рамниште

Едно предание кое го пренесува и Марко Цепенков, се чини, може да се однесува на двете споменати пештери. Тоа говори за бескрајот на ходниците на пештерите под земјата кои водат дури до Солун. Според преданието до ваква констатација дошол некој ловец во старо време кој со својот загар ловел во близина на пештерата „Дуова Вода“. Гонејќи некој зајак загарот влегол во пештерата и се загубил. И покрај потрагата на ловецот и упорното довикување на загарот, тој не се појавил. Се случило така што ловџијата по околу една недела се нашол по некоја потреба во Солун. Шетајќи по брегот на морето, тој наеднаш видел како од самиот брег излегува некој загар и зачуден го препознал во него оној што го загубил во споменатата пештера. На тој начин ловецот заклучил дека пештерата со своите ходници води дури до Солун.1

 ГОЛЕМ БРОЈ ПЕШТЕРИ ВО ПРОСТОРОТ МЕЃУ ПРИЛЕП И ВЕЛЕС

Пештерите како природна појава во терените кои имаат карстен состав се присутни и во поширокиот простор кој се граничи со атарите на претходно споменатите села Крстец и Ореовец. Имено, голем број пештери и, т.н. пропасти, содржат и атарите на Беловодица, Тројаци, Царевиќ, Смолани, Дрен се до Црна Река и голем дел на Мариово. Освен тоа, со пештери изобилува и просторот кој се протега кон градот Велес. Имајќи предвид дека палеолитскиот човек од различни причини бил принуден да ги користи природните простори за живеалишта и за заштита од опасностите кои му се заканувале истражувањето на овие пештери од археолошки аспект може да доведе и до завидни резултати. Пример дека овие природно создадени простории биле користени од најстарите луѓе може да биде една пештера од околината на селото Гуѓаково во Мариово, каде што според некои информации се констатирани остатоци од праисторис­киот период. Од за нас непознати причини тоа не е посебно афирмирано, па така информациите не можат да се потврдат со конкретни истражу­вачки извештаи од наводната посета на археолозите.

Локалитетот „Рамниште“

До денес присуството на палеолитските заедници е потврдено со археолошки наоди во некои пештери од околината на Велес. Таму се познати пештерите Макаровец I и Макаровец II од системот пештери од т.н. Долина на орлите крај реката Бабуна од двете страни на стрмните карпи со мезозојска структура (мезозоикот е геолошки период кој траел околу 100 милиони години пред кенозоикот со 30 милиони години и антропозоикот 3,5 милиони години).2 Овие пештери се истражувани меѓу 1955 и 1965 г. и при тоа се пронајдени предмети од коска, камени орудија, односно предмети кои ги користел палеолитскиот човек пред околу 40 000 – 30 000 години. Слични наоди, при систематско истражување, не треба да бидат исклучени ниту во некои од пештерите под атарите на селата Ореовец и Крстец, како и оние од нивна близина.

МАЛИОТ БРОЈ АРХЕОЛОЗИ – СТРУЧЊАЦИ ЗА ПАЛЕОЛИТОТ ВО МАКЕДОНИЈА Е ВИСТИНСКИ ХЕНДИКЕП

Непостоењето систематско археолошко истражување со следење и анализирање на археолошките остатоци од сите времиња не само во при­леп­скиот крај, туку помалку или повеќе во цела Македонија, претставува вистински хендикеп при секој обид да се каже нешто повеќе, посебно за најстариот археолошки период во кој е присутен човекот, палеолитот. Нешто повеќе истражувања има на просторот на Егејска Македонија кој е во непосредна комуникација и со денешниот простор на Република Маке­донија и е подрачје кое ги поврзува Европа, Азија и Африка што од своја страна значи дека овде неминовно егзистирал најстариот предок на чове­кот кој е познат за денешната наука. Тоа на свој начин го потврдуваат и наодите од пештерата Петралона на полуостровот Халкидик. Таму е пронајден череп на човек3 со прастаро потекло кој денес е предмет на раз­лични толкувања со одредени заклучоци дека му припаѓал на неандер­талскиот тип човек, машка индивидуа. Палеолитски наоди има и во Јужна Македонија во подрачјето северозападно од планината седиште на боговите Олимп на локалитетот Палеокастрон.4 Овде е пронајдена камена секира од т.н. ашелски тип која се појавува пред околу 100 000 години.

            Во поблискиот простор на Прилеп се пронајдени сосема ретки наоди од палеолитскиот период во околината на Битола. Се споменуваат два каме­ни предмета пронајдени за време на Првата светска војна од страна на францускиот археолог Етиен Пат. Едниот од двата предмета од камен е пронајден во околината на селото Христифорово, а другиот кај селото Буково.5 Двата палеолитски наоди од Битолско се чуваат во Франција каде што ги однел пронаоѓачот. Како што пишува археологот Паско Кузман палеолитскиот човек, според пронајдените орудија кај Битола, е можно да егзистирал во Пелагонискиот реон и на источните падини на планината Баба. Во својот труд тој додава дека за периодот од 100 000 до 35 000 год. пред нас кога егзистирала неандерталската група луѓе во Ма­ке­донија се значајни уште неколку наоди од околината на Велес, а посеб­но од околината на планината Бабуна и Осоговските Планини. На овие простори се пронајдени неколку значајни артефакти кои укажуваат на при­суството на палеолитскиот ловец. На Марковите Кули за кои овде станува збор, како и нивната околина која е преполна со археолошки наоди од каменото време до денес не се познати наоди од палеолитот, пред сè заради непостоењето слични истражувања од страна на соодветни стручњаци.

ПЕШТЕРАТА ВО РАМНИШТЕ КАЈ СЕЛОТО КРСТЕЦ СОДРЖИ КУЛТУРНИ ОСТАТОЦИ ОД РАЗЛИЧНИ ПЕРИОДИ

Мапа

Горната констатација ја потврдуваат нашите наоди во пештерата од локалитетот „Рамништа“ во атарот на селото Крстец од поодамна е позната за пошироката јавност. Таа е истражувана од неколку спелеолошки друштва во Македонија и за неа можат да се сретнат извесен број информации за нејзините географски, геолошки, спелеолошки, биолошки и, воопшто, за нејзините природни карактеристики. Од друга страна, во недостиг на соодветни археолошки истражувања, до денес не се среќава, речиси, ниту една информација за нејзините културни аспекти, односно, нејзината врска со човекот кој го населувал овој простор во минатото. Затоа, сметаме дека е особено корисно да се наведе дека во оваа пештера, всушност, се кријат голем број културни траги од повеќе периоди, односно дека таа, во различни периоди, била експлоатирана од жителите на овој простор за определена намена. Тоа го покажуваат изобилството од фрагменти од керамички садови со различна големина и форма, па и фрагменти од стаклени садови. Некои од фрагментите се со нагласена дебелина и упатуваат на тоа дека потекнуваат ос поголеми садови – питоси, а голем број од нив се делови од садови со помала форма, за кои е тешко да се каже како и зошто се нашле во просториите на пештерата, односно, каква конкретна намена имале. Со оглед на фактот дека оваа пештера е со релативно ниска температура во својата внатрешност, како и со голема влажност, тешко е да се претпостави дека во неа имало постојано живеење, но може да се претпостави дека во неа се криеле лица, кои имале потреба од тоа поради различни опасности. Формите, обележјата, како и состојбата во која се наоѓаат денес споменатите културни остатоци упатуваат на нивната нивната старост. Некои од нив се се уште во својата природна форма и изглед, а други добиле своевидна форма и боја од наслагите добиени од влагата во пештерат. Има и такви фрагменти кои добиле природна површина од влагата и, речиси, се скамениле, што не упатува на нивната подлабока старост. Некои од нив, според формата, упатуваат и на праисториските периоди, а сигурно е дека има фрагменти од античкиот и средновековниот период, што значи дека пештерата била искористувана и во тој период.

Подобро оформен столбец во централниот простор 2
Устинка од стаклен сад од античкиот период и исчистен

Еден стаклен фрагмент, горниот дел (устинката) од сад со нагласено танки ѕидови од поквалитетно стакло, исто така, го привлекува вниманието зашто потсетува на стаклени садови кои се среќаваат во хемиските лаборатории, според формата и квалитетот на стаклото, веројатно е дека се работи за стакло од античкиот период, можеби римскиот, на што упатуваат наслагите добиени од влагата по неговите ѕидови. Таквите наслаги можат да бидат создадени во подолг временски период. Фактот што во атарот на селата Ореовец и Крстец се среќаваат нагласени остатоци од култура од римскиот период, исто така, може да биде дополнителен аргумент кој не наведува на помисла за користење на пештерата во тоа време за определена намена, можеби како простор за чување на расипливи стоки, намирници за храна и сл. Исто така, во некој од постарите културни периоди, веројатно е дека пештерата била и култно третирана, како свцоевидно светилиште. Дека ваквите приридни објекти претставувале своевидни светилишта во античкиот период, како и во праисториските периоди е општо познато. Тие биле третирани како влезови за подземјето, односно во Адот, како светилишта на некои од античките богови и сл. Од митолошките данија е познато дека  врховниот бог Ѕевс бил роден во пештерата Дикта на Крит,6 а во пештера се родил и Хермес на планината Килена во Аркадија.7

Светлина од светилка и светлина од влезот

Знаејќи за значењето на пештерите за човекот во најстарите периоди, особено за палеолитскиот ловец, кој преживувал со постојано селење со криење, токму, во вакви засолништа, слични на пештерата од Рамниште, сосема е веројатно дека таа може да крие и траги од присуство на човечки суштества од тој период. Се разбира, за потврда на ваквата претпоставка потребни се сериозни и стручни археолошки истражувања. Во секој случај, мораме да констатираме дека културните остатоци кои ги документиравме во оваа пештера се први културни траги во пештера во Прилепско, па и пошироко. Позната е пештерата кај селото Мелница, исто така, Прилепско во која се констатирани археолошки остатоци од праисторискиот период,8 но таа е многу помала пештера, со широк влез и мал простор во внатрешноста.

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ

Дно од керамички сад – пехар

 

1 М. Цепенков, книга 5.

2 Паско Кузман, Податоци за палеолитските култури во Македонија, ЦИВИЛИ­ЗАЦИИ НА ПОЧВАТА НА МАКЕДОНИЈА, книга 2, МАНУ, 1995, 11–20.

3 Паско Кузман, Податоци за палеолитските култури во Македонија, ЦИВИЛИЗАЦИИ НА ПОЧВАТА НА МАКЕДОНИЈА, книга 2, МАНУ 1995 г. стр.11.

4 Исто.

4 Исто.

6 Р’оберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Белград 1999, 35.

7 Исто, 49.

8 Тренчо Димитриоски, Остатоци од праисториска пештерска населба во атарот на некогашното село Мелница во Мариово, https://www.pelagon.mk/2018/07/16/%